Колумна

Учи сине за да (не) работиш

Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот.

На  социјалните мрежи, пред сѐ на Фејсбук, неколкумина социјално активни пријатели, кои се интересираат за општествено-политичките, културолошки и секаков друг на теми, кои би требало да се во полето на интерес на еден млад, но зрел човек, кој веќе влегол во светот на возрасните и се бори со тековните животни премрежја во Македонија, дискутираат дали  има, и кој би бил спасот за нашата земја. Еден таков пријател, доктор од Битола, кој луцидно и хируршки прецизно ги доловува и отсликува  внатрешно-социјалните, политичките, но и меѓучовечките односи кај нас, вели дека единствено спасот го гледа во промена на менталитетот на луѓето, а за тоа треба време и доаѓање на нови различни генерации.

Тотален крах на моралните вредности

Не само што апсолутно се согласувам со оваа теза, за која сум говорел и пишувал дека друга излезна „стратегија“ не гледам, бидејќи поминаа триесет години, а на тоа поле ништо не се смени, туку уште повеќе сметам дека додека се живи генерациите на нашите баби и дедовци, но и мајки и татковци, т.е тие генерации кои ги фатија во својот животен век двата системи во Македонија (социјалистичкиот во Југославија), и ѓомити демократскиот/капиталистички во независна Македонија, тешко може нешто да се смени. Точно, југословенска Македонија имаше многу предности, пред оваа нашава  независнава, но и прилично доста мани. Ние како наследство, веројатно ги префрливме само мааните после 1991-вата, а предностите или доблестите ги закопавме заедно со Југославија. Па така менталитетот на сеприсутната партизација од комунистичкото минато ја преземавме и од партиско едноумие преминавме на полошо, во двопартиско безумие. Југословенската изрека „учи сине, да не работиш“ е останата и држи на вредност и ден денеска, наместо да се сообразиме со новите општествени прилики, каде што токму учењето на децата од најмали нозе да учат за да работат, т.е создаваат, треба да биде највисока додадена национално-културолошка вредност. Токму тие ја создаваат една нација, таква каква што е, на пример израелската (еврејската), јапонската или пак швајцарската. Замислете, за последната во учебниците, малите швајцарчиња ги учеле уште од најрана возраст дека нивната земја (Швајцарија) е СИРОМАШНА со ресурси земја, и дека тие во животот понатаму ќе треба многу да работат и да ШТЕДАТ, за да успеат во животот. Станува збор за една од најбогатите земји на целата планета Земја, по сите економски параметри и стандарди.

Сѐ зависи од нас самите

Кај нас пак и тоа, одлично за македонски услови образование кое беше создавано и реализирано во рамките на бившата СФРЈугославија, ние го урнисавме, сосипавме, деструктивно го уништивме, и направме прав и пепел од истото. Затоа нашите основци и средношколци се на последните скалила на сите меѓународни листи на тестирања по математика, интелигенција, функционална (не)писменост, и тоа е само дополнителен срам за Македонија. Не случајно, не само добар економист, туку секој малку поупатен човек, ќе ви нагласи дека доброто образование е основа за добра економија и за висок животен стандард. Деградацијата на сите морални вредности, кои за волја на вистината постоеја низ екс ЈУ-просторите, доведе и до целосен морален крах на македонското битисување. Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот. Мајка ми пак, често пати повторува една иста реченица: „Како тука што се лежи, и не се работи, а се ужива во животот, и прилично добро се живее, се јаде и пие по кафани, се оди на одмори, мислам дека никаде на друго место во светот така не се прави“. Или што би констатирал мојот професор по економски науки на Правниот факултет „Јустинијан 1“ во Скопје, Ванчо Узунов: „Јас пак мислам колеги, дека Македонците земаат високи плати. Во однос на работата која ја работат и ЕФЕКТИВНОСТА од истата, ние имаме високи примања“.

Така што, другари, крајно време е да ги засукаме ракавите, да си ги заработиме прво платите, и потоа да додадеме ефектуирачка економска вредност, да создаваме добра и производи, да ја стимулираме националната економија, а со тоа да си го подигнеме и квалитетот на нашите животи. Како космодиск е, шашаво изгледа, ама функционира-што би рекол еден мој друг професор, во слободно време и „татко на нацијата“.  

Благојче Атанасоски, политиколог

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе