Ученици „од втор ред“: Онлајн настава со офлајн последици

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

Тие се одделени од другарите и од општеството и им треба помошта на наставниците. Ако им се даде довербата и вниманието, тие ќе вратат десетократно!

Со инсистирањето на физичко присуство оваа учебна година, онлајн (комбинираната) настава е заборавена и заметена „под тепих“. Јасно е дека наставниците се соочени со многу предизвици, фрлени во лаборатории за развивање на вируси без можност за избор. Точно е дека комбинираната настава не е едноставна и тоа дека дел од наставниците се спречени од објективни причини (недостаток на интернет или болест), но голем дел немаат коректен однос кон онлајн учениците. Децата кои учат од дома се во паника, зашто го изгубиле основното право на образование. Последиците ќе бидат големи, но се чини дека, за жал, ќе ги плаќаат само децата кои од разни (најчесто медицински) причини морале да ја „следат“ наставата од дома.

Онлајн наставата им обезбеди образование на учениците сред кризни времиња

Онлајн наставата во нашата земја минатата училишна година беше добра прилика да го испробаме вистинското „информатичкото општество“ и тоа на околу 250.000 ученици им донесе непрекинато образование среде пандемија.

Дигитализацијата донесе забрзување на светот, промени за кои никогаш не сме сонувале. Нашите паметни телефони се вистински компјутери, милиони пати посилни од леталото кое ги однесе „земјаните“ на Месечината. Наративот е познат и преџвакан, но во нашата средина е повеќе од потребно да се споменува, зашто сеќавањето ни е кратко.

Се чини дека дел од образовниот кадар наеднаш заборави како се користи алатката Мајкрософт Тимс и направи колективна одлука да ги изостави учениците кои учат онлајн од образовниот процес. Од разговорите во групите „Наставници за онлајн настава“ и „Поддршка за онлајн настава“ сите родители чии деца следат онлајн настава тврдат дека нивното дете или а) Не било приклучено на голем дел од часовите, б) Половина од календарот е празен, в) Часови се закажуваат, а не се држат, г) Наставниците се приклучуваат сред час, д) Камерата е свртена кон училницата, а не кон наставникот, ѓ) Предавањата се нејасни, наставникот шета додека предава и не се слуша добро, е) Дури и кога се правилно вклучени, онлајн-учениците не се прашуваат и кон нив генерално се однесуваат како да не постојат.

Се разбира, има различни причини зошто е ова вака, од лош (или непостоечки) интернет по училиштата, до немање технолошки помагала за држење онлајн настава, но честопати се работи за една едноставна причина - за таквата (комбинирана) настава е потребно повеќе труд. Не е лесно да се посвети внимание на децата кои се физички присутни и на тие кои се дома, да се предава, пишува, покажува и сите нешта да бидат пренесени со ист квалитет за сите. Но, тоа не треба да биде причина за запоставување на кое било дете.

Сите треба да имаат достапност до информациите

Кога интернетот беше во зачетоците, хакерите, кибер-панкерите и техно-активистите се бореа за децентрализација на информациите под слоганот „Информацијата сака да биде слободна“. Сепак тие не можеа да замислат во каков свет ќе живееме. Денес се што сакаме да знаеме ни е на дофат на прстите, што во едно море од „мемиња“ и Инстаграм постови не е секогаш добра работа, но генералната идеја е добра - дека целото знаење во човековата историја е достапно секому со паметен уред и интернет конекција.

Минатата година бевме сведоци на тоа како технологијата го спаси образованието. На сите деца им беше дадена можност да учат, да „присуствуваат“ на наставата, да бидат рамноправен дел од образовниот процес. Годинава, децата кои учат онлајн образовниот систем ги има ставено на „игнор“, како да не постојат. Причините, како што е наведено погоре, се различни, од објективна попреченост, до субјективна неодговорност. Ако градиме училишта, правиме учебници и се стремиме кон образовен систем кој се засновува на инклузија, тогаш ова е најлош пример на дискриминација во модерното школство!

Кој ќе одговара за тоа останува да видиме, но по се' се чини дека ќе бидат „казнети“ само децата кои од различни (најчесто медицински) причини биле принудени да останат без социјализација, а сега и без образование. Нивното право на образование гарантирано со Универзалната декларација за човекови права (член 26) е нарушено.

Што треба да се направи? Не се потребни инспекции или санкции, не треба да се казнуваат наставниците, кои се и така преработени и недоволно мотивирани. МОН уште на почетокот на училишната година достави допис до училиштата кои требаше да известат каде нема услови. Дали е постапено соодветно на упатствата не е познато. Решението е лесно - ни треба прво признавање и препознавање дека проблемот постои. Потоа решението е едноставно - да се држи наставата (првенствено да се внесуваат часовите во календарот и да се држат во целост) и да се гледа на онлајн-учениците како на рамноправни (да се внимава на тоа дали информациите доаѓаат и до нив и да бидат вклучени во комуникацијата)!

Сакаме напред - ама ако може ништо да не се смени!

Не е сосема јасно зошто во време кога се работи на реформи кои подразбираат дигитализација на учебници и модернизација на образованието, толку се инсистира на настава со физичко присуство и воедно се игнорира онлајн-наставата. Се разбира, социјализацијата која вистински може да се оствари само со физичка блискост на децата е неоспорно значајна во правилниот развој. Но, на целата работа можеме да гледаме и од поинаква призма. Само треба да повлечеме паралела помеѓу седењето во училиштата по седум часа со маски, со страв од разболување и под протоколи и седењето дома во опуштена атмосфера, без стрес со слушалки и интернет.

Познато е дека во нашата средина тешко се ослободуваме од старите навики, по онлајн наставата се фрлаше „со дрва и со камења“, иако таа на децата им даде можност за образование, учење на нови технологии, бесплатна „обука“ во модерните текови на работењето кое ќе ги чека во иднината. Нели тоа е една од основните цели на образованието - да ги подготви децата за пазарот на трудот? Сепак годинава, со не вклучување и игнорирање на децата кои учат онлајн (се чини само заради тоа што се малцинство!) се прави голема грешка која ќе се покаже многу скапа, а ќе ја платат децата со својот успех, добивање неквалитетно образование, губење на мотивација за учење, губење верба во наставниците кои не им посветуваат внимание и една општа недоверба во системот, што е погубно за градење општествено корисни индивидуи. И сето тоа во време кога се актуелни реформите за инклузија, модернизација и подобрување на образованието.

Што треба да се направи за подобра онлајн (комбинирана) настава

Потребно е МОН да се вклучи поинтензивно во процесот, да биде во контакт со наставниот кадар и да ги лоцираат и решат проблемите, директорите, класните раководители и наставниците да бидат во постојана комуникација меѓу себе, со децата и со родителите. Соочени со многу предизвици, се чини дека голем дел од наставниците ги занемаруваат децата кои учат онлајн.

Сепак, има наставници кои предаваат коректно и тие го даваат моделот на соодветна комбинирана настава. Тие: 1) ги внесуваат часовите во календарот, 2) се приклучуваат на час на време, 3) ги вклучуваат онлајн учениците во дискусиите, 4) ги прашуваат редовно, 5) камерата е насочена кон наставникот, 6) кога предаваат не се движат низ училницата за да може да слушнат и тие кои се онлајн, 7) кога користат дополнителни материјали ги споделуваат со децата кои се онлајн, 8) сите материјали и домашни ги закачуваат на Microsoft Teams, 9) им посветуваат внимание на тие кои се онлајн и 10) генерално ги третираат сите ученици подеднакво!

Кога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн. Тие се одделени од другарите и од општеството и им треба помошта на наставниците. Ако им се даде довербата и вниманието, тие ќе вратат десетократно! Во спротивно сме соочени со нарушување на основното право на образование и се чини дека Уницеф во беседите за „Квалитетно и инклузивно образование“ не предвидел дека фразата: „Некои деца го пропуштаат училиштето само затоа што се различни“ ќе подразбира нова категорија на дискриминирани онлајн-ученици.

Бранко Прља

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе