Колумна

Туризмот денес, утре и во иднина

„Каде да летнеме викендов е пристап што како таков повеќе нема да постои“...

Фото: Роберт Атанасовски

Експертската јавност од туристичката индустрија низ целиот свет со месеци се обидува да ја прогнозира блиската, а и подалечна судбина на туристичкиот сектор. И покрај спротивставените мислења, сепак сите се сложуваат со едно: туризмот и патувањата преку ноќ доживеаја крах како никогаш во историјата и каков што никој не ни можеше да претпостави дека ќе се случи, а нивното заздравување во блиска иднина е можно само доколку се вратат во друга форма. Враќањето во друга форма е секако посакувано и со нетрпение очекувано, но резултира со голема моментална колатерална штета во работењето на давателите на туристичките услуги како што се туристичките агенции, тур-операторите, хотелите, превозниците, авиопревозниците и др. токму поради фактот што туризмот како културен конструкт ќе се ориентира кон други, поиндивидуални начини на остварување.

 

Потребата за менување на туризмот пред пандемијата

Mенување на туризмот и патувачките навики кај луѓето како процес што е нужен не претставува новина. Интересно е да се напомене дека уште во 70-тите години од минатиот век, пред цутот на масовниот туризам, Јост Крипендорф, извонредниот визионер што денес се нарекува татко на одржливиот туризам, повикувал на подигање на свеста кај луѓето за влијанијата што масовниот туризам би ги имал врз животната средина и дестинациите. Подоцна, во 80-тите години, за време на брзиот раст на масовниот туризам, голем дел од стручната академска јавност му се приклучил, сериозно предупредувајќи за сиот негативен културолошки и социолошки импакт, и секако најмногу за оној врз животната средина низ светот. Последиците од развивањето на туризмот само во правец на економски придобивки наместо во правец на одржлив туризам јасно почнавме да ги чувствуваме и гледаме во новиот милениум и неминовната кулминација дојде во форма на Парискиот договор за климатски промени од 2016 год, каде што меѓу другото се истакнати и промените што мора да се случат во туристичката индустрија. Овие промени недвосмислено и јасно значат револуција во туризмот, кои треба да се случуваат во декадите што претстојат, и во голем дел се однесуваат на авиотранспортот во туристичката индустрија, кој е главниот столб на масовниот туризам.

Револуционализирањето на туризмот не подразбира луѓето да ги сведат на минимум своите патувања, туку да се охрабрат и да патуваат различно од досега. Патувањата како олицетворение на потребата на човекот за нови знаења, истражувања и искуства, спаѓаат во когнитивните потреби чие остварување е во самата природа на човековото битисување.

 

Патувањата по пандемијата

Вртењето кон „slow travel“, дефинирано во речникот на туризмот како враќање на загубените вредности на патувањата преку автентично и спонтано доживување на дестинацијата, запознавање на локалната средина преку поврзување со луѓето што живеат таму и нивната традиција и култура, и свесност за нашето влијание кое ние како туристи го оставаме врз нив, е моментално најпредвидуваната можна опција за правец во туризмот во блиска иднина. Патувањата ќе добијат една друга димензија, и лична и економска, а како резултат на тоа луѓето ќе почнат многу повеќе да ги вреднуваат истите. Краткотрајните и чести туристички викенд или 3-дена-патувања најчесто во големите метрополи во Европа драстично ќе се намалат, но на сметка на тоа луѓето ќе планираат и ќе остваруваат патувања можеби два пати во годината, кои ќе бидат подолги и посодржински. „Каде да летнеме викендов е пристап што како таков повеќе нема да постои“, вели Тони Вилер, коосновач на Лоунли планет.

Ова лето ќе биде обележано со домашниот туризам во сите држави во Европа. Франција, во која пред кризата 90-95% од сместувачките капацитети на Ер-би-ен-би во летната сезона беа резервирани од странски туристи, за ова лето има побарувачка само од домашни туристи, според Јуроњуз. Но, како што повеќето држави во Европа почнуваат да ги отвораат своите граници имајќи ја состојбата со коронавирусот под контрола, така луѓето чувствуваат дека им се враќа слободата за патување. Сепак, потребата од сигурност поради стравот од пандемијата во изминатите месеци ќе претставува приоритет. Затоа, за да ја задоволат својата потреба од зголемена сигурност, ќе се потпрат исклучително на персонализирани / лични искуства.

Преку онлајн-платформите ќе си го организираат патувањето, со тоа што ќе стапуваат лично во контакт со сите даватели на услуги кои ќе им бидат потребни за време на нивното патување, со цел да се осигурат дека искуствата на други луѓе со нив се беспрекорни, особено во доменот на хигиена и здравствено-безбедносните мерки во услови на постпандемија. Една студија за патувања на Гугл тврди дека 74% од патувачите ги планираат патувањата на интернет. Со сигурност може да се тврди дека персонализацијата е блиската иднината на туризмот и патувачката индустрија. Според едно истражување на независната институција за истражувања и финансиски анализи Епсилон, процентот на потрошувачи што онлајн купуваат производи користејќи персонализирани искуства од други корисници е 80%. А кога станува збор за услуги од доменот на туризмот и патувањата, тој значително е зголемен на 87%, само поради личните искуства и коментари на веб-страниците за патувања.

Алтернативниот и руралниот туризам ќе продолжат да земаат замав најмногу од причина што луѓето ќе ги избришат од листата на желби дестинациите каде што има гужви и ќе претпочитаат места што досега биле многу помалку посетени од туристи. Секако, тука не спаѓаат оние што контекстот на одржлив туризам го практикувале и досега, туку оние што ќе мораат мерката одржување на социјална дистанца да ја практикуваат како начин на однесување.

 

Што по вакцината?

Ќе дојде и тој ден кога вакцината против ковид-19, на која во моментов интензивно работат над 140 лаборатории низ светот, ќе биде успешно развиена и достапна за сите. Иако историјата покажала дека за одредени вакцини во минатото биле потребни години за развивање и тестирање, сепак научниците денес веруваат во многу посреќно сценарио, односно очекуваат веќе во втората половина од наредната година вакцината да биде достапна и распространета. Токму ова претставува еден од поголемите предизвици за сите професионалци од туристичката фела, да се обидат да претпостават што ќе се случува со туризмот откако луѓето повторно ќе ја имаат сета слобода за патувања и ќе се чувствуваат безбедни кога е во прашање коронавирусот. Мислењата се спротивставени, од тоа дека туризмот никогаш повеќе нема биде онаков каков што го знаеме до сега, до тоа дека луѓето ќе продолжат да патуваат со приближно иста динамика, а пандемијата од 2020 за некоја година ќе ја заборават како лош сон.

Моето лично мислење е повеќе наклонето кон второто можно сценарио со одредени модификации, секако, базирано на фактот што за сево ова време на локдаун во скоро сите европски земји, неретко бев контактирана од клиенти кои нè известуваа за повторно доаѓање штом околностите ќе го дозволат тоа. А кога тоа ќе се случи, луѓето ќе бидат пресреќни дека светот е повторно отворен за истражување и ќе патуваат секој пат кога тоа ќе им го дозволува времето и финансиите.

Но овој период од пандемијата до вакцината секако дека ги менува патувачките навики на луѓето. Дури и во времето кога слободата за патувања ќе биде апсолутна, се верува дека свеста за одржливиот туризам и давање на содржина и значење на секое патување ќе биде развиена и кај оние што во минатото практикувале масовен туризам. Друга важна причина за тоа е, да го цитирам Питер Хјуз, повеќекратно наградуваниот автор од областа на туризмот и патувачката индустрија: „Патувањата по пандемијата може да бидат набљудувани само во контекст на климатските промени“, имплицирајќи дека пандемијата покажа дека големи промени во однесувањата на туристите се многу можни, кои меѓу другото ќе резултираат и со забрзано подигање на свеста на околината, со почесто користење на патниот сообраќај наместо авионскиот (како на пример железницата во која Европа непрестано инвестира и ја развива), потоа избегнување на гужви и интензивно практикување на slow tourism.

Туризмот ќе заздрави и сите повторно ќе патуваат. Преференциите кај луѓето при нивните патувања делумно ќе се сменат, при што сите даватели на туристички услуги ќе треба будно да ги следат модификациите, да се приспособат, да ги надградуваат и да ги усовршуваат туристичките услуги во иднината.

Катерина Божиновска,

сопственичка на хотел Леонардо Скопје

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе