Тргувањето околу уставните измени

И зошто нема кодекс на последна чест на Балканот.

Се мислев помеѓу два наслови на оваа колумна. И двата ќе ги квалификуваа како „најдолни“ и „бескрупулозни“ нормите што владеат на политичката сцена во Македонија, и на Балканот. Едниот наслов можеше да биде „Албанците решени на самоизолација“, а вториот, „ВМРО-ДПМНЕ продолжува да пука во стаклените нозе на Македонија“. Сепак, за да не бидам докрај банален, се одлучив за насловот што стои погоре, бидејќи од него следува заклучокот – не постојат елементарни услови на последна чест на Балканот.

Еве како беше сообразено мислењето што го споделувам. Помеѓу народот кружи заклучокот дека политичките партии што ја претставуваат албанската заедница во Македонија се решени да ја измолзат последната капка достоинство од македонскиот народ. Политичките партии Беса и Алијанса за Албанците поставија многу високи услови во замена за нивните гласови за ратификување на договорот. Народот не е од вчера и е на мислење оти Беса и Алијанса за Албанците испорачуваат барања што се типични за ДУИ, но за да не бидат ДУИ оние што го кочат интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ, валканата работа ја вршат две помали партии.

Кај народот кружи и убедувањето дека е тоа игра што ѝ е добро позната на Грција. Тоа што Грција не можеше да го изнуди од Македонија без да го загуби образот пред меѓународната заедница, ќе го направат албанските партии во државата од внатре, сосема надвор од договорот потпишан со Грција. Според тоа, и да го признава Грција македонскиот јазик, и да го признава на хартија постоењето на македонска нација, албанските политичари ќе одат кон нивно бришење. Сетоа тоа е легитимно – тие сакаат така да играат и нека им служи на честа – одамна е убеден македонскиот народ.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, потребно е само за миг да видиме колку ќе беше полесно за целиот македонски народ доколку ВМРО не ги третираше нејзините гласачи како мали деца, та да им ја кажеше вистината за преспанскиот договор. За да си го спаси лицето (а што има да се спаси?) оваа партија слепо бојкотира и со тоа им ги одврза крилата на оние две мали партии кои бараат уставни измени за бришење на придавката „македонски“ од Уставот. Тоа ниту Грција не успеа да го добие од преспанскиот договор! Затоа оваа партија треба тотално да се реформира и да ги предаде уздите на нејзиниот подмладок, ако сака некогаш во Македонија да проработи свежата крв на идеалите на македонските револуционери.

Еве ја тажната реалност и тоа како може да се одвиваат некои работи. Сметам дека договорот со Грција не е апсолутно штетен за Македонија, туку напротив. Македонија треба да биде формален дел од главните организации на западната цивилизација, не само затоа што со обврзувачките договори ќе стигнат импулси што ќе нѐ натераат да се смениме на подобро ние и лицето на оваа држава, туку и затоа што така Македонецот преку ЕУ и НАТО ќе си го купи мирот. За жал, во овие времиња на лесна достапност до разни полуги на вршење нечесна принуда, посилните и амбициозните можат сѐ полесно да преземаат дејства против сѐ што претставува легитимна цел – капитал, природни ресурси, територија.

Во светот на политиката и бизнисот, се чини, повеќе не постои кодекс на последна чест – онаа последна резерва на вредности од кои зависат одлуките што за свој предмет на постапување ги имаат животите и судбините на други групи и народи. Еве, да речеме, политичките претставници на Албанците знаат дека двојазичноста е игра што Македонецот ќе ја доживее многу горко. Да не зборуваме за некои од барањата на Беса и Алијансата за Албанците. Иако Македонецот веќе направи неброени отстапки во секој поглед, со цел ова општество до дојде до една возможна кохезија и нова реалност, се чини дека играта на „човекови права“ се одвива во максималистички насоки. Но тоа не им гарантира и апсолутна победа на оние што така играат.

Зошто е таква оваа игра овде? Затоа што политичарите-водачи, оние што треба да имаат визии и очекувања за иднината, се тотално обезвременети наспроти потребите на светот и човештвото. Ако денес целната реалност е кохезија и мирен соживот помеѓу различностите, и ако земјите што ги земаме за пример сакаат да изградат такви општества, ние овде одиме во спротивна насока. Иако веќе има традиционална подлога за мултикултурно општество, самите барања на политичарите Албанци веќе доведуваат до крајно атомизирање на заедниците. Можеби тие мислат дека така покажуваат цврстина и став пред нивните гласачи, но на тој начин тие се оддалечуваат од веројатноста дека еден ден нашите млади меѓусебно ќе се почитуваат и ќе соработуваат.

Да не заборавиме дека правото на користење на својот јазик во јавните институции може да биде овозможено и воведено како општествена норма во институциите и без да се ставаат формалистички катанци во Собранието. Една држава како САД нема официјален јазик! Точно, во ниту еден уставен документ не пишува дека англискиот јазик е официјален јазик. Но затоа, секаде каде што има бројни заедници што ги користат своите јазици, институциите му овозможуваат на секој да се разбере со државата односно со локалната власт и институциите, на јазикот што го познава. Зошто да не може да биде така во Македонија, без да има договори што се добри за едните, а поразителни за другите, а меѓу другото крајно скапи и финансиски неодржливи – и на штета на сите граѓани?

И што ако Албанецот Села или Касами успее да ја избрише придавката „македонски“ од Уставот? Дали тоа ќе биде огромна победа за еднаквоста помеѓу народите во Македонија, или ќе биде победа за политичарите? Токму на овој начин албанскиот народ на Балканот конечно ќе го изгуби единствениот потенцијал да има свој комшија во еден друг народ - македонскиот. Тогаш ќе имаме стерилна мултикултурна и мултиетничка држава, каде што никој нема да го доживува позитивниот стимул интеракција, пријателство и соработка со тие од другата страна на етничката ограда.

Џабе му е ЕУ интеграција на таквиот Балкан! Тоа ќе биде далеку од европскиот дух. 

Така Балканот ќе стане осамено место за живот на младите. Младите сакаат различности и новитети. Младите ги прилекува тоа што го прават тие што се различни од нив. Како инаку ќе дојде до културна дисеминација (cultural dissemination) во Македонија, или пак во Албанија, или на Косово, ако политичарите ги изолираат нивните млади зад етничките ѕидини? Можеби тие тоа не можат да го разберат, но младите се водат од поинаква логика и поинакви очекувања. Кога ќе дојде мигот на созревање на новите генерации, тие ќе бидат ограбени од мултикултурниот момент, затоа што ќе го нема, затоа што политичарите Албанци нема да ја купат почитта за албанскиот народ од страна на Македонците, преку уставни уценувања.

За жал, ова е реалноста, а добрата иднина за младите сѐ уште може да се спаси.

Мартин Анастасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За прв пат имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна иницијатива на засегнатите странки (ex privata).

повеќе

Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика.

повеќе

Зошто егзистирањето на Северна Македонија „во духот на Преспанскиот договор“ ќе значи фактичко постоење на една орвеловска држава?

повеќе