Трговија со идентитети

Според грчката логика ако нема Македонци во Република Македонија, такви не би требало да има ни во Грција.

Хенри Браилсфорд во неговото дело „Македонија и нејзините народи”, Манчестер, 1906 година, прашува на еден индиректен начин двајца младинци од Охрид дали тие се Срби или Бугари. Како одговор добива дека тие се христијани. Друго обелeжје што го имаа тогашните селани за себе беше дека тие зборуваа нашки и нивните соселани беа нашинци.

Во процесот на создавање на национални идентитети во 19 век на Балканот термините  нашки и нашинци меѓу македонските христијани и муслимани не беа доволни за прецизирањето припадност и даваа ширум отворени врати на пропагандите на соседните држави кои имаа за цел да го претворат населението во Македонија во Грци, Бугари или Срби.

Така почнува трговијата со идентитети во Македонија. Браилсфорд дава многу добар опис за тој процес. Тој го прашува еден селанец од битолските села дали во неговото село се Грци или Бугари. Селанецот на тоа одговара дека тие се сиромашни селани. Пред неколку години беа Грци и требале самите да ја плаќаат половината од платата на грчкиот учител, но дека сега Бугарите им дале бесплатно и поп и учител и затоа тие сега се Бугари.

Целта да се поткупи населението кон еден или друг идентитет не беше заради љубов спрема истото, туку заради територијалните аспирации на Србија, Грција и Бугарија. Кукушанецот Иван Хаџи Николов еден од оснивачите на ВМРО, самиот со изразен бугарски национален идентитет, работеше како учител во Воден во 1884 година. Во своите спомени тој го наведува примерот со Х. Бинчев од Воден. Николов го прашува Бинчев зошто тој ги има запишано своите деца во грчко училиште. Бинчев на тоа му одговара дека сите значајни Грци кои го посетиле Воден му имаат кажано дека Воден еден ден ќе биде во рамките на грчката држава. И затоа мисли Бинчев дека е глупо децата де менуваат сколија.

Да потсетиме дека идејата за Голема Грција во тоа време е веќе стара неколку децении.  За остварување на таа идеја грчката пропаганда се користи и со теоријата дека „славофоните“ се всушност Грци на кои насилно им беше одземен мајчиниот јазик, а тие сега преку грчките училишта само го враќаат назад грчкиот јазик.

По балканските војни Грција, Бугарија и Србија не мораа повеќе преку наддавање да ја купуваат приврзаноста на населението во Македонија. Тие во новоосвоените територии ги имаа сите орудија на државните апарати што беа потребни за насилна асимилација на населението.  Асимилацијата во сите три држави успева делимично.  На Бугарија ѝ успеа да направи Бугари од дел од Македонците во Пиринска Македонија, но и од стотиците илјадници пребегани од Вардарска и Егејска Македонија. Некаде со сила, некаде со привилегии, а некаде и со лично убедување кај поединци.

Поделбата меѓу македонската емиграција во Софија меѓу тие чиј идентитет беше бугарски, односно македонски, во дваесетите години од минатиот век доведе до пресметки меѓу овие две групи. Само во тој период, според историчарот Р. Ј. Крамтон (A concise history of Bulgaria, 1997), во Софија се случија над 800 убиства меѓу Македонците. Голем број од тие убиства можат да се објаснат со поделбата кај македонските емигранти.

Националниот идентитет не е прашање на племенска или етничка припадност, туку се работи за идеолошка надградба каде индивидуата при изборот на идентитет може да биде орудие на различни политички цели, но и самата да прави свесни одлуки за избор на национален идентитет.

Професорот по антропологија Лоринг Данфорт во неговиот труд „The Macedonian Conflict“, 1995, за Македонците од Егејска Македонија сега населени во Мелбурн, Австралија, го наведува примерот за двајцата браќа од кои едниот се идентификува како Македонец, а другиот како Грк. Нивната мајка се прашува како е можно една мајка да роди еден Грк  и еден Македонец. Тоа  се разбира е можно затоа што националниот идентитет не е прашање на генетика, туку е социолошко-историска појава.

Дефинирањето  на посебен македонски идентитет доаѓа неколку децении покасно  во споредба со развитокот на националните идентитети кај соседните држави. Тоа нешто никоја од овие соседни држави не го очекуваше, не сакаше да го прифати, го негираше и се бореше против тоа. Појавата на македонскиот идентитет во втората половина од 19 век како што потенцира Крсте Мисирков, роден во Постол (Пела) Егејска Македонија, сосема им ги поремети домашните есапи на македонските комшии, но никако не ги спречи во трговијата со идентитети на населението во Македонија.

Но, за создавање на македонскиот национален идентитет, како и кај сите други, потребно беше да има барем и најмала доза на убедување кај населението за тоа дека тие не се Грци, Срби или Бугари. Тоа убедување кај една група луѓе кои главно беа неписмени и кои во најдобар случај имаа патувано само до најблиското село или град, беше доста дифузно. Затоа разликата во идентитети полесно беше да се увиди прво од странски набљудувачи или група домашни интелектуалци, отколку од широките маси. Пример за тоа е Карл Хрон кој во своето дело Народноста на македонските Словени, Виена, 1890 година, пишува: Македонците не се ниту Срби, а уште помалку Бугари, туку се посебен народ, имено директни потомци на оние словенски прадоселеници, кои го населувале Балканскиот полуостров уште долго пред српската и бугарската инвазија и кои не се измешале ниту со еден од овие два народа.  

Горе споменатиот Хенри Браилсфорд е друг кој од своја перспектива доаѓа до сопствен заклучок: Една нација од селани, со овие старински квалитети, лесно развива локален патриотизам. Токму тоа и се случи и покрај лошите околности. Нивните борбени песни, во кои зборот „Македонија“ се повторуваа во секој рефрен, се доказ дека таа е нивната татковина.

Истата анализа што ја прават Хрон и Браилсфорд ја прави и Крсте Мисирков во делото „За Македноските работи“,  Софија 1905 година. Тој меѓу другото вели: Македонската нација можеби не постоеше вчера, но таа постои денес и ќе постои утре. Книгата е запленета и забранета од бугарските власти само од една причина - Бугарија по никаква цена не посакуваше развиток на посебен македонски идентитет.

Други книги  напишани на македонски јазик кои властите ги имаат уништено се „Абецедарот“ во Грција, печатен во 1925 година за потребите на македонските училишта кои никогаш не беа отворени и збирката песни Бели Мугри на Коста Рацин запленета и уништена во 1939 година од страна на српските власти.

Поделбата на Македонија по Балканските војни им ги дава сите инструменти на властите во Бугарија, Србија и Грција да го искоренат македонскиот идентитет. Насилната асимилација го прави обратното – македонскиот идентитет во сите три делови на Македонија се зајакнува и тоа резултира по Втората светска војна до формирање на Република Македонија во рамките на Југославија, признавање на македонското малцинство во Бугарија и можности во случај на победа на левицата во Граѓанската војна во Грција, Македонците да  добијат право на автономија.

По смртта на Горги Димитров, 1949 година, во Бугарија се укинуваат сите права на македонското малцинство во Бугарија. Македонското прашање под притисок на властите во Москва се користи од страна на Советскиот Сојуз како средство на провокација спрема Југославија.

Тоа посебно се зајакнува во 1960 година кога владата на Тодор Живков преку голема кампања тврди дека не постојат Македонци и македонски јазик и дека тие се творевина на Тито. И покрај распадот на источниот блок во Бугарија, политиката спрема Македонија не се промени. Бугарија беше една од првите земји што ја призна независноста на Република Македонија, но беше многу решителна во ставот дека не постои такво нешто како македонски идентитет. Со членството во Европската Унија Бугарија добива ново средство за купување на живи души, а тоа се вика бугарски пасоши. Македонските државјани покрај тоа што плаќаат парични средства мораат исто да декларираат дека имаат бугарска национална свест за добивање на бугарски пасош. Кој пасош се разбира овозможува вработување во Европската Унија. Бугарските власти не се задоволуваат со таа политика само спрема населението во Република Македонија, туку мафтаат со бугарските пасоши и кај Македонците во Албанија. Средствата на трговијата со идентитети пред сто и кусур години беа бугарските училишта и цркви, денес тоа се бугарските пасоши. Во договорот од 2017 година за добрососедство со Бугарија прашањето за македонскиот идентитет воопшто не е спомнато и со тоа не се спомнати ни Македонците во Бугарија.

Мислењето на Стојко Стојков од партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден, е дека Република Македонија ги продаде Македонците во Бугарија за ефтини пари.

По поразот на левицата по Граѓанската војна во Грција 1949 година, победничката страна односно десницата тотално ја негира егзистенцијата на македонското малцинство во Грција.

Во 1920 година грчкиот премиер Елефтериос Венизелос беше спремен да му ја подари Егејска Македонија  на српскиот колега Никола Пашиќ доколку Србија учествува во војната против Турција за остварување на грчката идеја да го направи Цариград главен град. По грчкиот неуспех во таа војна требаше да се најде нов дом за протераните Грци од Турција. 700 илјади од тие Грци, грчките власти ги населија во Егејска Македонија и затоа истата станува многу важна за Грција. После тоа на Венизелос повеќе не му падна на памет да ја дава Македонија како подарок.

Обратно, грчкиот легитимитет над Македонија требаше со сите средства да се засили, а егзистенцијата на едно население чиј идентитет е македонски мораше да се искорени на сите можни начини. Денешните барања на Грција, Република Македонија да го промени името на својот јазик и национален идентитет се всушност индиректно вперени и кон македонското малцинство во Грција. Грчките власти сметаат дека сега е моментот конечно да се искорени македонскиот идентитет и со тоа „иредентизмот“ на скопјаните. Со тоа тие сакаат сосема да го затворат македонското прашање во Грција – според нивната логика ако нема Македонци во Република Македонија, такви не би требало да има ни во Грција. 

За искоренувањето на македонскиот идентитет Бугарија нуди  бугарски пасоши, а Грција членски карти за ЕУ и НАТО. Останува прашањето дали македонската страна е рамноправна во оваа трговија или ќе ги прифати сите услови што противничката страна ќе ги стави на маса?

 

Јован Христовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе