ЕДЕН ПОГЛЕД-ЦЕЛА СЛИКА (3)

Tрансформација и нова визија на работењето на Стопанската комора

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

Ако некогаш користењето на дигиталната технологија се правеше од љубопитност и претставуваше опција во работењето, денес во услови кога секој од секого мора да се дистанцира, користењето на дигиталната технологија станува неопходност. Прашање е само дали дигитализацијата ќе стане неопходен избор во работењето на институцијата поради состојбата со пандемијата или ќе стане фундаментална деловна стратегија на институцијата. А можеби и мешавина од двете.  

И за да го продолжи своето работење во интерес на своите членки, чии барања во овој период се зголемија, а од друга страна да го заштити здравјето на своите вработени, Стопанската комора на Македонија беше меѓу првите институции која направи трансформација во своето работење и го примени виртуелното работење со користење на дигиталната технологија. Тоа овозможи дел од вработените да работат од дома, а сепак да не се наштети на тековното работење. Со трансформации и реорганизации во работењето, Комората има искуство уште од 1932 година кога станува советодавен и помошен орган на тогашната државна власт, потоа во 1945-та година кога Комората е нужна потреба за спасување на македонските стопанственици веднаш по ослободувањето со функција на помошен орган на власта и врска помеѓу стопанствениците и државната власт. Трансформации и реорганизации се случувале низ целиот период сѐ до 1962 година, кога е формирана како единствена Стопанска комора на Македонија, мост помеѓу бизнисот и државата. Најголемата трансформација во работењето ја доживува во 2002 година, кога со посебен Закон за стопанските комори, под одредени услови, се дава можност да се формираат и други комори. А трансформацијата на работењето за Комората значи: да се прифати ризикот и да се оди чекор напред пред сите.

Работењето од дома има свои предизвици, предности и слабости. Работните простории на колегите кои работаат од дома се празни, но процесот на работа и понатаму тече, зошто мораме да ги решаваме проблемите на нашите членки и да отвораме канали на комуникација со Владата и државните институции. За колегите Љупка Самарџиска, задолжена за правните работи во Комората и Сашо Деспотоски, одговорен за Здружението за текстилната и кожарската индустрија, дигиталната технологија го олеснува работењето од дома. Според неа, „дигиталната технологија дава можност непречено да се вршат работните обврски и да се учествува на состаноците на работните тела без разлика каде и да сме. Вебекс (Webеx) платформата овозможува членовите на Собранието на Комората да одржуваат виртуелни дебати, а преку електронската збирка на прописи што ја користи Комората се следат најновите прописи и навремено се информираат членките“. Додека за колегата Сашо Деспотоски, таа дава можност да се биде во постојана комуникација со членките на здружението и да се бараат заеднички решенија за намалување на негативните влијанија предизвикани од корона вирусот, сѐ со една единствена цел: да се зачуваат работните места и да опстојат компаниите во наредниот период.

Колегите кои работаат на проекти сметаат дека работењето од дома има свои  недостатоци. Ако од една страна, работењето од дома значи флексибилно работење и заштита на здравјето, од друга страна, проектите кои во моментот ги спроведува Стопанската комора на Македонија, бараат директно учество и присуство на сите чинители. За колешките Ирена Мојсовска, Јадранка Аризанковска и Ивана Крстевска од секторот за проекти, сериозен проблем е пристапот до документите во печатена форма кои се неопходни за секојдневното работење, што сериозно штети на продуктивноста во работењето и професионалниот амбиент за работа и соработка.

И на некој начин додека се навикнуваме на „новото нормално“ и работа без работно време, колешката Сања Николова задолжена за меѓународната соработка смета дека со овој начин на работа отсуствува тимската работа и физичката комуникација со колегите која е повеќе од потребна за размена на идеи и мислења за одредени процеси и активности, а за колешката Елизабета Андриевска-Ефтимова од Центарот за едукација при Комората, тоа бара создавање работна атмосфера во домашни услови, поголема самодисциплина и мотивираност за да се биде продуктивен во вршењето на работните обврски, а изостанува реалната проценка на работодавачот за вложениот труд.

И токму кога ќе помислите дека во Комората нема никој, ја забележувате колешката Сузана Деспотовска која и во услови на вакво невообичаено работење го спроведува пописот во деловниот простор на Стопанската комора на Македонија.  Клубот на менаџери-претприемачи ја следеа виртуелната обукатана тема: „Важноста на компаниската култура за компаниски успех“, а колешката Валентина Цветковска, одговорна за клубот, смета дека и во вакво време на пандемија не смее да се занемари општествената одговорност на компаниите.

На петтиот кат колешката Даниела Михајловска-Василевска со медиумите ја одржуваше виртуелната прес-конференцијата, посветена на предлог мерките за туризмот за 2021 година, а на третиот кат колешката од Центарот за квалитет, Емилија Тодоровска се подготвуваше за консултантските услуги што ги нуди Комората за имплементација на менаџмент системите за ИСО 9001, 14001, 22000 и 45001, како и ХАСАП и ХАЛАЛ (ISO 9001, ISO 14001, ISO 22000, ISO 45001, HACCP, HALAL). Немам дилема дека и во услови на пандемија, квалитетот во работењето е на прво место, а компаниите, наши членки, ги почитуваат стандардите и процедурите во работењето и водат грижа за здравјето на вработените.

Состојбата е непредвидлива и никој не може да каже што ќе се случи утре. Но, и со новиот начин на работење, редовно се следат економските параметри и се изработуваат анализи и анкети за состојбите од колегите Зоран Јовановски и Антонета Манова Ставреска, што и овозможува на Стопанската комора на Македонија, и понатаму да предлага мерки и решенија за проблемите со кои се соочуваат членките во процесот на производство и извозот во услови на пандемија.

П.С. Најважно од сѐ во овој период е да се работи на создавање поволна клима за работење на компаниите за да можат да ја одржуваат ликвидноста и да ги зачуваат работните места на вработените.

Во следното продолжение за редовното работење и арбитражното решавање на споровите пред Постојаниот избран суд-Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

м-р Наташа Јаневска,

самостоен советник во Стопанска комора на Македонија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе