Колумна

Tопката сега е во нашиот двор

Вчера оправдано доминираше веста дека „Макрон ќе поддржи преговори за Македонија и Албанија ако ЕК препорача во март“.

„Францускиот претседател Емануел Макрон ќе поддржи отворање на преговорите меѓу Македонија и Албанија со ЕУ, но само доколку извештајот на Европската комисија во март биде позитивен за овие земји“. Ова е пораката која Макрон ја испрати од Минхенската конференција за безбедност. „Го чекаме извештајот во март. Ако резултатите се позитивни и се утврди доверба, тогаш треба да бидеме во состојба да ги почнеме преговорите“, изјави Макрон.

Во наш стил и начин на размислување во неколку медиуми ова е наречено „Макрон попушти“. Кај други некако го забораваат да го спомнат вториот дел од изјавата „...ако извештајот на ЕК биде позитивен“. Инаку, досега тој извештај на ЕК беше предвиден за февруари месец. Можеби сега е сменето за март месец?

Со оваа изјава од Минхен Макрон „ја префрли топката на ЕК, односно на двете држави кои очекуваат датум“. Мудро!

Од „октомвриското големо разочарување“ имаше многу критики, многу предвидувања, оптимизам и песимизам... Беше, кај нас, главно упатено кон Макрон. Забораваме (свесно?) дека имаше и други држави кои беа на линија на Франција. Многу наши политичари упорно посочуваа на самитот во мај, во Загреб како датум за „добивање датум“. Не им беше доволно (ако веќе самите не биле информирани) што официјални лица на ЕУ повторуваа дека мајскиот самит во Загреб не носи одлуки. Значи, или март или јуни месец се можни датуми за одлука (за датум или за „зелено светло“).

Мојата маленкост не патува секој втор ден во „дипломатска офанзива“ по Европа. Немам увид во (сигурно) многу прецизните и доверливи информации од нашите амбасадори во главните градови на ЕУ членките. Сепак, со здрава логика се осмелив, имајќи ја предвид актуелната (европската и евроазиска) геополитика, да предвидам како (замислувам дека) ќе се одвива овој процес. 

Во колумната „Дали конечно разбравме дека ЕУ е подвижна мета?“ објавена на 17 ноември 2019 година напишав: „Се обидувам да ја лоцирам (сега) „метата“.

1. Досега се одржани 4 самити ЕУ – Западен Балкан; последниот во 2018 во Софија каде беше и одлучено дека во мај 2020 ке се одржи таков самит во Загреб;

3. Овој вид на (вонредни) самити не носат одлуки, туку изјави и декларации. Таква изјава неодамна (ја потврди) даде и Ј.Хан;

4. Редовни самити на ЕУ (каде се носат одлуки) веќе се предвидени: European Council, 12-13 December 2019; European Council, 26-27 March 2020; European Council, 18-19 June 2020; European Council, 15-16 October 2020.

Со други зборови, ако се обидувам да ја следам логиката на мошне разводнената одлука од самитот („метата“), како најповолна опција гледам во: 1. Носење на одлука за почнување на преговори (без конкретизирање на датум) на самитот на 26-27 март 2020 (со најава дека во Загреб ќе биде презентирана или донесена новата методологија); 2. Во Загреб усвоена (со декларација) новата методологија; 3. На самитот на 15-16 октомври 2020 одлука кога би се одржала првата меѓувладина конференција (веројатно во 2021).

Ова погоре е мое оптимистичко сценарио („мета“), но е и натаму подложно на можно „движење“ (поместување). Panta rei“.

Во таа пригода (ноември месец 2019) не напишав дека ќе зависи од Извештајот на ЕК (фебруари или март месец?), односно од постигањата на државата за да покажат дека се подготвени за почнување на пристапни преговори. Мислев дека тоа се подразбира. Во таа смисла и преку колумна се произнесов против предвремени парламентарни избори (изгубено драгоцено време), наместо остварување на очекуваните од нас реформи.  Реформи, но  и нивна вистинска примена.

Сега, конечно и јавно, топката е во наш двор. Веќе не можеме да му се „обраќаме“ на Макрон.

Александар Тавчиовски

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе