Топ 5 промашувања на Никола Груевски

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

1. Напуштање на Идејата и компромитирање на Делото на ВМРО

Политиките и практиките на Груевски беа во спротивност со Идејата на организацијата - македонска државност, слобода за секого и човечки правдини. Воспоставувањето на автократското управување, ограничувањето на личната слобода на граѓаните и загрозувањето на човековите права се сериозна закана да го зацрнат Делото пред судот на историјата.

 

2. Асимилација на идентитетот на македонскиот народ

Грчката пропаганда, помогната од Цариградската патријаршија, под водство на Каравангелис изврши досега најголема и најбрутална асимилација на македонскиот народ, под идеалот на т.н. „антиквизација на новите територии”. Но сето тоа го плати грчката држава.

Во ист таков стил, Груевски преку процесот на „антиквизација”, направи иста таква идентитетска асимилација на сопствениот народ, но овој пат тоа го плати македонската држава. Со тоа ние Македонците станавме единствен пример во историјата на народите кои сами си платиле за сопствена асимилација.

 

3. „Русофилизација” на македонското општество

Губењето на традиционалните партнери од западниот свет поради напуштање на базичните вредности на „западната демократија”, создаде потреба од превенирање од евентуална западноевропска интервенција преку обид за виктимизација на борецот за „православие” и национални интереси. За прифатливи ги промовираше вредностите на „путинизмот” како олигархијата, злоупотребата на државната моќ и злоставување на сопствениот народ за лични интереси и реализирање на болни персонални амбиции за „историски подвизи”. Иако сосема свесни за руската улога во поделбата на Македонија во повеќе балкански држави и нивниот стратешки интерес за невоспоставување на македонска држава на Балканот, сепак под закрила на лажниот „пансловенизам” и „вистинско православие” ги наведе Македонците да веруваат во лажни партнерства и да прифатат лажна алтернатива на евро-атлантската перспектива за земјата.

 

4. Меѓународна изолација

Промовирањето на квазипатриотизмот, мистичното потекло на нас Македонците, истакнувањето на нашите вредности кои ги споделуваме со светот, единствено како наши, промовирањето на концептот на надворешни непријатели и домашни предавници, доведе до целосна меѓународна изолација на земјата, губење на традиционалните партнерства и подржувачи на македонската државност. Со тоа целосно ги ослабна меѓунаридните позиции на Република Македонија и државноста ја направи ранлива, како на меѓународен, така и на внатрешен план. Загрозената стабилност на политичкиот систем се закануваше да ја загрози и самата државност, што претставува велепредавство на македонските национални интереси.

 

5. Економско опустошување на земјата

Енормното задолжување на државата кон домашните и меѓународните кредитори со цел реализација на квазикапитални проекти и создавањето на лажна перцепција за економскиот напредок на земјата, прифаќањето на олигархистичкиот начин на водење на економските политики, промовиран од предходните Влади на СДСМ, доведе до дополнително осиромашување на населението во земјата. Станавме земја со најнизок стандард и квалитет на живот во Европа, без перспектива за позначаен развој, со огромна миграција на квалификуваната популација кон балканските и европските, но не ретко и прекуокеанските држави. Тоа нарушување на „живата сила” на државата исто така е директен атак врз државноста, што е неприфатливо поведение за политичар во земјите од третиот свет, а не за земја во Европа, каква што е Република Македонија.

Како генерален заклучок може да се изведе дека сите овие топ 5 промашувања на Никола Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија. По ова за него останува само прекиот суд на историјата, особено ако истата ја пишува СДСМ како апсолутен победник во овие моменти кога го пишувам овој текст. Но, претстои опасност за сите нас, почитувачите на Делото на Организацијата, истото да биде осудено за периодот од почетокот на 21-от век, сѐ поради погрешните политики и практики на еден човек.

Остануваме и во иднина робови на македонската државност.

 

Петар Богојески, член на ВМРО ДПМНЕ

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе