Тероризмот нема вера, но само кога не е „исламски“

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

Тоа е политички тренд во последните години и во најразвиените демократски земји.

На 15 март годинава, ден кој се смета за свет ден на муслиманите – за време на одржувањето на најзначајната молитва на денот, 28 годишниот Брентон Тарант изврши терористички напад во две џамии во Крајстчрч (Christchurch) во Нов Зеланд. Од манифестот на терористот јасно се подразбира дека тој бил мотивиран од идеологијата т.н. Бела надмоќ. На кратко, Бела надмоќ е расистичко убедување дека белата раса е природно супериорна во споредба со другите и затоа истата треба да доминира. Освен тоа, Тарант кажува дека за да го изврши овој напад побарал благослов, и го добил, од т.н. Витези Темплари (Knights Templar) – крстоносниот одред со страшна репутација во воени битки против муслиманите во средниот век.

Растојанието меѓу двете џамии е седум километри, а меѓу централната полициска станица во Крајстчрч и првата џамија само три (но полицијата интервенираше и го совлада терористот Тарант дури 46 минути по нападот во втората џамија!). Тарант, во времетраење од 43 минути, од кои 17 минути во пренос на живо преку Фејсбук, уби 50 лица (43 во првата, 7 во втората џамија). Од жртвите, најмладата имаше само 3 а најстарата 72 години.

„Смртоносни престрелки“ наместо „тероризам“

Иако во текот на овој месец во Авганистан се случија 18 терористички напади, исто така врз муслимани, трагедијата во џамиите на Нов Зеланд привлече големо медиумско внимание. Дали причината за ова игнорирање на настаните од Блискиот исток може да се припише на тоа дека нашата потсвест се навикнала да слуша за бомби, злосторства и жртви во земјите на ‘Блискиот Исток’? Сепак, тоа што беше карактеристично за овој случај беше прикривањето на терористичкиот чин и лепењето разни етикети на терористот, како на пример, ‘еко-фашист’. Иако самиот Тарант во својот манифест вели дека тоа што ќе го стори е по дефиниција терористички акт, а и премиерката на Нов Зеланд го квалификува чинот како терористички напад, ретко кој од светските и регионалните медиуми известија така. Не само што не беше идентификуван видот на овие терористички дела, туку во главните светски медиуми тие беа забележани како ‘смртоносни масовни престрелки’ (deadly mass shootings) или само како ‘напад’ (attack). Јазикот на балканските медиуми не беше различен од оној на светските медиуми каде терористот беше прогласен за напаѓач, лудак или убиец.

Флертување со Балканот

Кога сме кај Балканот, значајно за одбележување е „флертувањето“ на терористот Тарант со регионот. Ова флертување има три важни елементи: патувањето низ регионотинспирацијата од локалните етно-националисти и идеолошкото мотивирање од Балканот кое е наведено во неговиот манифест. Имено, Тарант патувал во Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Романија и Србија. Бугарските власти известија дека при шестдневниот пристој во земјата ги посетил историските места поврзани со војните помеѓу Христијаните и Отоманската армија. Другите земји се уште истражуваат што точно Тарант правел 51 ден во овој регион.

На патот кон злосторството во првата џамија, Брентон Тарант се инспирира со српска музика што го величи Радован Караџиќ, осуден за геноцид во 1995 врз босанските муслимани. Понатаму, на огненото оружје со кое Тарант го извршил злосторството се забележува натпис „отстрани ќебап“ (remove kebab), еуфемизам кој се користел од српски националисти при геноцидот во Босна на 1995 година. На пушката исто така биле наведени и неколку историски имиња на балкански војници и бунтовници против Отоманската империја. Во самиот манифест, пак, Тарант вели дека е загрижен од интервенцијата на НАТО врз Србија за време на Косовската војна во 1999 година, наведувајќи дека „силите на САД/НАТО војуваа на страната на муслиманите и колеа Европски Христијани кои пак се трудат да ги отстранат Исламските окупатори од Европа.“. Истото реферирање за терористички напад го имаше користено и Андерс Брејвик во 2011 година во Норвешка.

Говор на омраза кон муслиманите

Во објавениот манифест, Тарант муслиманите ги нарекува напаѓачи (invaders), окупатори(occupiers), крвни предавници (blood traitors). Слична природа на говор на омраза кон муслиманите и нивната вероисповед користи и австралискиот сенатор Фрејзер Анинг, и тоа непосредно по терористичкиот напад:
- „Вистината е дека Исламот не е како некоја друга вера. Таа е религиски еквивалент на фашизмот...“
- „Како прво, вистинската причина на ова крвопролевање е програмата за имиграција што им дозволи на муслиманските фанатици да мигрираат...“
- „Како што читаме во Матеј 26:52, ‘сите оние што земаат меч, треба да загинат од меч’, и тие што следат една насилна религија што ги повикува да не убијат нас, не треба да се многу изненадени кога ќе ги земат здраво за готово и соодветно ќе им возвратат...“

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот. Тоа е политички тренд во последните години и во ‘најразвиените демократски земји’. Една друга австралиска сенаторка, Паулин Хансон, неодамна кажа дека Исламот е болест од која Австралија треба да се ‘вакцинира’. Претседателот на САД, Доналд Трамп, водеше цела политичка кампања со наративот ‘радикален исламски тероризам’ (radical islamic terrorism). Холандскиот опозициски лидер Геерт Вилдерс, во јавна парламентарна дебата вели: „Исламскиот упад мора да се запре. Исламот е Тројанскиот коњ во Европа. Ако не ја запреме исламизацијата сега, Еурабиа и Холанабиа се само прашање на време“. Дополнително, Извештајот за ситуацијата и трендовите на тероризам 2018 на ЕУ го одвојува само ‘џихадистичкиот тероризам’ како вид на тероризам поврзан со вероисповед. Со други зборови, клишето „тероризмот нема вера, нација, раса...“ не важи кога станува збор за терористички напад каде што идеолошката мотивација на некој начин се самоповрзува со Исламот.

Имајќи ги предвид ваквите популистички изјави и делување на политичарите во западните земји, нападот во Нов Зеланд, условно кажано, не би требало да биде толку изненадувачки, најмалку за нив. Тие поттикнуваат омраза, поради што Австралијанецот Тарант во својот манифест наведува дека една од главните мотивации за злосторство кон муслиманите е да преземе ‘мал чекор за спречување на доминацијата по број на напаѓачите (муслиманите) кон белата раса’. Тој исто така го „оправдува“ терористичкиот напад наведувајќи дека тоа е „партизанско дело против окупаторска сила“. Логичната матрица која во муслиманските мигранти гледа окупаторска сила е загрижувачки аларм за сите западни земји. Хранењето на ваквата матрица преку постојано поврзување на тероризмот со Исламот, со цел придобивање политички поени, воведува нова криза на загрозување на основните универзални човекови права како што се правото на достоинствен живот или правото на практикување на верата.

Верската омраза – посебно кривично дело?

Растечкото поттикнување омраза кон одредени религиски зедници преку популистички изјави и дела наведува на нова ера и појава на насилен екстремизам. Терористичкиот напад во Нов Зеланд може да се сфати како продолжение на злосторствата кон црквисинагоги и џамии. За спречување вакви појави, треба да се обезбеди законска рамка на светско ниво каде што анти-семитизмот, христофобијата и исламофобијата ќе се дефинираат како специфични, кривични дела. Оваа мерка освен што би го заштитила животот на луѓето од терористичка закана, исто така би ги обезбедила вистинските вредности на плурализам и слобода на кои се засновани западните општества.

Самет Шабани

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе