Теориите на заговор како популистичка алатка за релативизирање на вистината

Популистичките режими се служат со лажни вести и теории на заговор за да ја релативизираат вистината и да го зацврстат своето демагошко владеење.

Дали сте слушнале дека променливото време и поројните летни дождови се должат на американските ХААРП системи за контрола на климата? Или за тоа дека комерцијалните авиони пуштаат специјални токсични хемикалии наменети за некаква контрола на популацијата и производството на храна (chemtrails), односно дека вакцините се бескорисни, штетни и постојат само заради бизнис интересите на големите фармацевтски компании? Конечно, дали сте слушнале дека Рокфелер (порано) или Сорос (денес) го контролираат целиот свет преку своите филантропски фондации и дека политичарите се само продолжена рака на тајни здруженија како што,  на пример, се масонските организации?

Обичниот човек наспроти „злите елити“

Ваквите и слични верувања кои нудат едноставно и навидум сеопфатно „објаснување” за светот во кој живееме се окарактеризирани како теории на заговор. Теориите на заговор се конструирани концепти за интерпретација на природните и општествените феномени кои најчесто немаат сериозна научна поткрепа, туку се базираат на невистинити премиси, на лажни информации и извртени или селективно презентирани факти кои се спротивни на веќе воспоставеното и општо прифатено знаење за светот околу нас. Тие произлегуваат од ограниченото разбирање на обичниот човек за комплексните општествени текови. Имено, бидејќи современиот глобализиран свет е сложен, мултиполарен и честопати тежок за разбирање, обичниот човек е подложен на различни теории на заговор бидејќи има потреба од поедноставено разбирање и интерпретација на ваквата комплексност. Притоа, додека стотици врвни универзитети и истражувачки центри низ светот секојдневно научно и пристапуваат на комплексноста на природните феномени и општествените текови, теориите на заговор нудат лесно разбирлива, но целосно или делумно погрешна слика за светот во кој живееме.

Теориите на заговор речиси без исклучок почиваат на конфликт меѓу обичниот, чесен, но обесправен човек (или група) кој е наводна жртва на злите елити кои имаат супер моќ тајно да ги контролираат процесите. Според политичкиот научник Мајкл Баркун (Michael Barkun), тие почиваат на три главни принципи: 1) ништо не е случајно, 2) ништо не е како што изгледа и 3) сè е меѓусебно поврзано. Дополнително, тие функционираат како догматски вистини кои се легитимираат и засилуваат сами од себе, вешто занемарувајќи ги внатрешните логички недоследности без притоа да бидат отворени за полемика или критика.

„Кец на десетка“ за популистите

Теориите на заговор се почесто стануваат корисна алатка за популистите и воспоставените популистички режими, бидејќи за да остварат политичка мобилизација тие, исто така, во голема мера користат полувистини или невистини. За илустрација, изборот на претседателот на САД Доналд Трамп, во голема мера се должеше на популистичката антиестаблишмент реторика на Трамп, како и на лажните вести и теориите на заговор. Трамп честопати немаше конзистентност во изјавите, но нудеше популистички наратив кој беше прифатен од просечниот лековерен американски гласач. Слично, пропагандната машинерија на балканските автократски популисти како Груевски и Вучиќ, исто така, честопати сакаше да понуди сензационални алтернативни (не)вистини: во Македонија се известуваше дека земјата е меѓу топ дестинациите за вонземјани, а медиумско внимание беше посветено и на заверата околу гробот на Александар Велики. Во Србија пак, се најавуваше и трета светска војна, а се собираа и потписи за „побивање” на Дарвиновата теорија за еволуцијата.

Популизмот, слично како и теориите на заговор, почива на наративот за конфликтот меѓу воспоставените елити и обичниот народ, при што освен што се поттикнува недоверба кон економските и политичките елити, исто така се гради недоверба кон интелектуалните елити и научните сознанија и интерпретации. Дополнително, бидејќи националистичкиот популизам се легитимира преку конструкција на непријатели и паралелни наративи на истовремена глорификација на „славното минато” и историска обесправеност, теориите на заговор против нацијата доаѓаат како „кец на десетка” за популистичката пропаганда. За илустрација, во Македонија во изминатиот период честопати беа користени груби манипулации и ноторни лаги за потпалуваање на национализам и меѓуетнички тензии.

Лажните вести ја загрозуваат демократијата

Популистичката пропаганда ги користи теориите на заговор за релативизирање на вистината и објективните факти. Имено, преку нудењето на алтернативна интерпретација честопати се намалува вредноста на воспоставената, научно поткрепена вистина со што луѓето добиваат повеќе контрадикторни информации кои им го зајакнуваат чувството на несигурност за интерпретација на светот во кој живееме. Притоа, подложни на сомнеж и алтернативна и конспиративна интерпретација, стануваат не само феномените кои се комплексни или недоволно објаснети (пр. климатските промени), туку и оние природни феномени за кои постои широко прифатено научно објаснување (пр. дека земјата е тркалезна).

Како резултат на тоа, лажните вести и теориите на заговор го оневозможуваат рационалното расудување на граѓаните и носењето на информирани политички одлуки при што директно се загрозува репрезентативната демократија. Споменатото релативизирање на вистината претставува сериозна општествена опасност која може да има далекусежни последици во форма на недемократски и популистички режими каде што не се прави разлика меѓу вистината и лагата. Ова е особено изразено во денешното современо доба на интернетот и новите медиуми кои овозможуваат речиси секој да продуцира медиумски содржини и да споделува информации, кои честопати служат и за ширење и репродуцирање невистини.

Вистината за светот околу нас треба континуирано да биде предмет на критичка анализа и полемика базирана на факти и докази, но не и на лажни вести и теории на заговор! Неправењето разлика меѓу вистината и лагата креира какофонија од информации кои го отежнуваат аргументираното критичко расудување и оставаат бришан простор популистичките пропагандни машинерии.

Борјан Ѓузелов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе