Колумна

Темпирана бомба на Балканот

Ирационалноста во барањата на Бугарија не е случајна, таа е поттикната со перманентното „виткање кичма“ од страна на македонските безрбетници и безрбетната македонска дипломатија.

Деновиве една тема силно ја разбранува македонската јавност. Тоа е барањето на официјалните бугарски власти да се избрише Македонскиот јазик и да се користи терминот - официјален јазик на Република Северна Македонија, како услов за отварање на процесот на преговори со ЕУ.

Што да каже човек на ваква глупост!

Ако е дојдено до таму, почнувањето на преговорите и влезот на Македонија во ЕУ да зависи од тоа дали колективно ќе нѐ обезличат и од Македонци ќе нѐ прогласат за Бугари, или ќе креираат некаква нова вештачка нација (северномакедонска?!), тогаш Европска Унијо врви си со здравје.

За нас Македонците, отсекогаш во историски контекст гледано, со генерации наназад синоним за губитник отсекогаш била политиката на официјална Софија, која редовно секогаш биле на погрешната страна во историјата, а за хроничен должник се зборувало и се зборува за Грција.

Сега, заради погубните и велепредавнички политики на Заев и Димитров, треба ние да си ја менуваме историјата, да го преименуваме сопствениот јазик и да се именуваме со името на тие кои цел живот нѐ негирале, не презирале, ни се потсмевале и сето тоа како услов за почеток на преговори со ЕУ.

Ако на ЕУ не ѝ е јасен коренот на проблемот што го имаат Грција и Бугарија со нас, тогаш не ни е местото во тоа расипано друштво.

Суштината на балканскиот и европски проблем е сѐ уште нерешеното или подобро кажано лошо решеното македонско прашање. Ни Балканот, ниту пак Европа ќе бидат мирни со измислување на глупави решенија за т.н. проблеми што ги имаат Грција и Бугарија со Македонија. Нивниот немир доаѓа од таму што некој на маса во Букурешт им подарил нешто што не е нивно, што не им припаѓа, а не дека Република Македонија е каква било, реална опасност за нив. Ваквиот пристап на Европа и светот воопшто не значи ништо друго освен инсталирање на темпирана бомба која без најава може да експлодира, особено што апетитите на бугарската и грчката политика се неразумни, нецивилизирани, ирационални и навредливи за Македонија и Македонците.

Но, таквата нивна ирационалност не е случајна, таа е поттикната со перманентното „виткање кичма" од страна на македонските безрбетници и безрбетната македонска дипломатија.

Тие за само три години направија велепредавство на македонската држава и нација, за што не историјата, туку ние тука и сега треба да им судиме.

Фашизоидни се барањата на официјалната бугарска и грчка политика работите да не смееме да ги именуваме со вистинското име, фашистички се обидите да ни биде променета менталната матрица и да ни биде инсталиран туѓ генетски код, да ни се наметнат вредности кои отсекогаш ни биле туѓи и неприфатливи. Тоа е најстрашната форма на геноцид врз еден народ со свој јазик, со своја историја, со своја културна посебност, пострашна и од едноставната физичка ликвидација.

Ако сево ова на Европа не ѝ е јасно, тогаш таквото друштво нам не ни прилега, бидејќи размислуваме и се однесуваме традиционално. Ние сѐ уште на бракот гледаме како на заедница меѓу жена и маж; сѐ уште познаваме два пола; во име на слободата никому ништо не спориме, но не прифаќаме да славиме, да се воодушевуваме и величаме нешто што природно не ни прилега, бидејќи ние сѐ уште сме народ што негува традиционални вредности.

За крај, колку побргу Европа, а особено елитите во Бугарија и во Грција разберат како се доживуваат во Република Македонија, колку побргу ја прифатат реалноста и покажат подготвеност за искрена соработка, толку ќе биде подобро за регионот и за Европа воопшто.

Во спротивно, ефектот ќе биде поразителен за сите и сите ќе бидеме губитници на долг рок. Евроскептицизмот дополнително ќе се зголеми, а поимувањето за губитничката политика на Бугарија и задолженоста како грчка и натаму ќе останат во свеста и не само на Македонецот.

 

Воислав Зафировски, потпретседател на Интегра

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе