Танас Вражиновски – автор на богат научен опус од фолклористиката и етнологијата

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

Во изминатите педесет години, Танас Вражиновски (1941, село Смдреш, Егејска Македонија) целосно се посвети на фолклористиката и на етнологијата: две научни дисциплини, кои станаа негова животна определба. Денес тој се вреднува меѓу најзначајните и најкомпетентните проучувачи на македонскиот фолклор и етнографија. Овој македонски паталец и научник, за време на Граѓанската војна во Грција ќе ја доживее големата голгота на илјадниците македонски деца и на седумгодишна возраст ќе биде депортиран во прифатилиште во Романија. Во 1970 година се доселува во Скопје и почнува да работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, каде што во 1986 година ќе ја одбрани докторската дисертација на тема: „Социјално-класните односи во македонските народни приказни“.
Во изминатите исклучително плодни години, Танас Вражиновски пројави научен интерес кон мноштво теми и проблеми од областа на фолклористиката, етнологијата, историјата, литературата, културата, социологијата и политиката, со посебен поглед и кон дејноста и состојбите на Македонците во дијаспората. Низ целиот негов богат и разновиден опус со научна акрибија, провејува една основна линија што континуирано го одразува националниот сензибилитет и македонското патриотско чувство. 
Богатиот опус на Вражиновски, реализиран во над 300 библиографски единици, претставува исклучително корисен материјал во фондот на македонската народна мисла. Негово капитално дело е петтомното издание „Македонска народна митологија“ (2002 година). Со овој свој голем научен влог, тој се вреднува меѓу челниците на науката за фолклорот во Република Македонија. Предмет на неговите прилози и на соработниците: Љупчо Ристески, Владимир Караџоски и Соња Зоговиќ, е посебната област од народната култура – митологијата, која содржи блокови од религиозни верувања, односно митолошки ликови и претстави. Тоа значи откривањето на религиозните сфаќања и митолошките мотиви кои го сочинуваат светогледот на нашиот човек, сврзани со времето на населувањето на македонските Словени на Балканскиот Полуостров, потоа со времето на средновековието, па сè до денешни денови. Во тој светоглед се испреплетени и елементи на старата индоевропска митологија, како и сегменти од античката и автохтоната балканска обредна култура. Овој фундаментален проект изграден врз основа на современ методолошки пристап во анализата на материјалот, побуди голем интерес кај светските научници и истражувачи на народната култура и на митологијата. 
Во петте тома се согледува целиот комплекс од култови, верувања, обичаи и традиционални навики, кои ја составуваат содржината на народниот светоглед и го одразуваат односот на неговите носители кон светот кој ги опкружува. Посебно внимание е посветено на современата состојба на народната митологија, откриена во зачуваните или трансформираните културни појави. Студиите од областа на македонската митологија, како и фолклорните и етнографските материјали кои го сочинуваат ова дело, укажуваат на современите состојби на народниот живот во однос на претставите, верувањата, култовите и обредите кои сè уште постојат и се негуваат, а во некои случаи добиваат нови содржини, со видоизменета форма. Според авторот, некои од овие појави, за кои во науката се тврдеше дека од поодамна исчезнале, се забележува дека постојат и во денешно време. Тоа говори дека народната култура претставува континуиран процес низ којшто минуваат културните појави, се трансформираат, исчезнуваат, но пак се појавуваат со исти или со нови содржини, во зависност од општествените, политичките, културните и природните промени.
Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата и на првичното време за македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј, како и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. Како резултат на собраните материјали на македонското усно творештво, Танас Вражиновски ги публикуваше и книгите: „Македонски преданија за места“ (1979), „Македонски народни преданија“ (1986), „Вампирите во македонските верувања и преданија“ (1988), „Убавините на Македонија низ преданија и легенди“ (1995) и „Фолклорни и етнографски материјали“ (1998). За одбележување е дека во некои од овие зборници првпат се објавени преданија и легенди за Александар Македонски, потоа за светите Климент и Наум Охридски, за Гаврил Лесновски, Прохор Пчињски и Јоаким Осоговски.
Монографските трудови на Танас Вражиновски се изработени главно од теренски истражувања. Посебно треба да се издвојат делата: „Социјално-класните односи во македонските народни приказни“ (1982), „Народна традиција, религија, култура“ (1999), „Актерството на народниот раскажувач“ (2002), „Фолклористичко-етнолошки прилози“ (2005), „Споредбена монографија на македонското село Јабланица и полското село Пјентки Грензки, митски преданија“ (1992, во коавторство со Кшиштоф Вроцлавски од Универзитетот во Варшава); „Народна демонологија на Македонците“ (1995), „Речник на народната митологија на Македонците“ (2000). 
Овој пристап на работа во меѓународни рамки се смета за еден од најприфатливите, бидејќи текстовите се подготвени врз лично научно-истражувачко искуство, во кое доаѓа до израз веродостојноста и оригиналноста во творечкиот концепт.
Танас Вражиновски им посвети внимание и на историските преданија сврзани со македонските востанија, како што се Разловечкото и Илинденското востание. Неговите книги „Разловечкото востание во усната прозна традиција“ (1976), „Гоце Делчев во споменот на народот“ (1973) и „Гоце Делчев во македонскиот фолклор“ (1985) се единствени дела од овој вид публикувани кај нас. Научното перо на овој автор го проследи и таканаречениот историски фолклор. Книгите „Илинденски прозен револуционерен фолклор“ (1981) и „Македонски историски преданија“ (1992) претставуваат важен сегмент во македонската фолклористичка наука. Во статиите посветени на оваа тематика ги анализира историските настани и личности. Особено го нагласува нивното влијание во создавањето на политичките и културните прилики во македонската средина, видени и доживеани на оригинален начин од страна на народниот гениј. Според неговите согледувања, историските преданија во современата наука се покажаа како многу плодотворни и приемчиви за појаснување на мноштво прашања сврзани со етничката историја на одредени народи. 
Благодарение на Т. Вражиновски, македонската наука целосно го расветли големото дело на Јозеф Обрембски, полски и американски етносоциолог кој во годините 1932/1933 вршел теренски истражувања во Порече. Во 1998 година, тој успеа од Америка преку Варшава да ја донесе во Република Македонија неговата богата оставина, која покрај теренскиот материјал содржи и необјавени студии. Во изминативе години за печат подготви три важни публикации од оставината на Ј. Обрембски: „Фолклорни и етнографски материјали од Порече“ и два тома „Македонски етносоциолошки студии“ (2001–2002), како и „Албумот за Порече 1932–1933“ (2004) со фотографии снимени од големиот полски научник и истражувач. Овој ангажман говори за посебната енергија, истрајност и упорност, за систематичноста и доследноста на авторот.
Во научниот опус на Танас Вражиновски, посебно место зазема неговата книга „За националниот карактер на Македонците“ (1997). Во прилозите од ова аналитичко дело, мало по обем, но многу концизно и значајно по своите пораки, низ изострена диоптрија, го согледува феноменолошкиот карактер на Македонците, а своите ставови и погледи за оваа проблематика ги поткрепува со примери од поезијата на повеќемина истакнати македонски поети.
Делата на Танас Вражиновски се подготвени врз современи принципи, односно, врз основа на меѓународната типолошка класификација на мотивите според системот на Арне–Томсон. За повеќедеценискиот влог во науката за фолклорот и етнологијата, во 2005 година нашиот автор беше одликуван од Полска со „Витешки крст“, а во Македонија најверојатно ќе причека за едно вакво или сродно признание, се разбира, доколку се сетат институциите.
 
Раде Силјан
 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе