Светлана Христова-Јоциќ – неконвенционална и гласовита поетеса

Лириката на Светлана Христова-Јоциќ, со својата осмисленост, хомогеност и певливост, има усвоено оригинален код, кој се надградува на традиционалните вредности на македонската песна; на песната што нè одржала низ вековите, на песната во која тагата и љубовта се проткајуваат и создаваат препознатлива поетска слика.

Светлана Христова-Јоциќ (Ресен, 1941–2012, Скопје) спаѓа во редот на творците кои во нашата тивка и еднолична средина, зрачат со силна духовна енергија. На своите настапи на многу книжевни манифестации, со својот артистички пристап, ја афирмираше поезијата и ѝ даваше специфичен и необичен белег. Таа знаеше да ја приближи својата порака до слушателите, сугестивно и со чувство за артистичка театралност. Едноставна и рационална, често неконвенционална и нестандардна за нашите услови, таа беше обединувачки фактор меѓу пораката и читателот, односно слушателот.

За оваа поетеса, чинот на создавањето на литература беше чин на човечко и творечко задоволство и среќа. Преку спонтаните и непосредни поетски пораки, преку својата јасно препознатлива комуникативност, ги обединуваше вљубениците од сите сфери: интелектуалци, работници, ученици, студенти, луѓето од најразлични професии.

Во културниот живот на Република Македонија, Светлана Христова-Јоциќ беше активно присутна пет децении. Работниот век го помина како наставник во повеќе училишта и како новинар во образовните емисии на Македонското радио, каде што со својот професионален ангажман остави драгоцени прилози, посветени на културните збиднувања и на личности препознатливи по своите неизбришливи траги низ времето. Во последната деценија од минатиот век и, особено, во првите години од новиот милениум, нејзиниот ангажман во основањето, одржувањето и осмислувањето на определени институции и културни манифестации, и посебно на Македонските духовни конаци и на списанието „Портал“, таа покажа и голема умешност и творечка инвентивност, избирајќи теми и потврдени индивидуални вредности во повеќе области: културното наследство, археологијата, историјата, публицистиката, критиката, поезијата, прозата...

Поезијата на Светлана Христова-Јоциќ е високо вреднувана и е презентирана во повеќе средини, преку панорамски и антологиски избори, преку одделни книги со критичко-есеистички прилози и толкувања на истакнати автори. Многу нејзини проследувачи констатираа дека таа е автор со истенчено чувство за обликување на поетски свет, со оригинални и прифатливи пораки.

Во поетските книги: Калесница, Скришен ковчег, Сињо, Еа, Хагада, Зачатие, С. Бесмертна, Поетски устав, Самечка ќелија, Големата молитва и на Ште срце, традиционалното и модерното, општото и поединечното, субјективното и објективното, прозаичното и лирското, се проткајуваат и се надополнуваат, правејќи ја поезијата длабоко осмислена и широко разгранета. Всушност, нејзината лирика се прифаќа како исповед за љубовта спрема недопрените убавини, за сонот и надежта во утрешниот ден, за животот полн со дилеми и грижи, но и за времето кое ги лекува раните, за татковината што има широка постела за добредојдените на овој свет. Светлана Христова Јоциќ имаше критички однос спрема јазикот и мотивите што ги опеваше. Кај неа е присутен мек и ненаметлив поетски штимунг, со прецизни поетски пораки. Нејзиниот поетски субјект е непомирлив, меѓутоа, не во лоша, банална смисла, туку се јавува како истражувач на вистинската убавина на поетскиот збор и длаби во сферите на имагинарното, со цел на стихот да му вдахне автентична и препознатлива боја.

Во поезијата на Светлана Христова-Јоциќ е присутен повеќесмисловен критички глас; нејзината функција е слободна и најчесто е насочена кон образувањето на самосвест за положбата на единката, а во тој контекст станува исказна перспектива со која се искажува драматиката на пеењето и опстојувањето. Обновата на јазикот во поезијата на Светлана Христова-Јоциќ е во тесна врска со изменетиот однос спрема традиционалните духовни вредности. Поетесата е во постојан дослух со скриената смисла на зборовите подзаборавени од современиците. Таа се нурнува во темните длабини на праизворот на зборот и ја обликува свеста за жилавиот корен на етносот, на сликата, на везот и плеталото. Со истражувачки дух во континуитет го градеше својот поетски свет врз традиционалните вредности пренесувани од поколение на поколение. Таа нејзина постапка доживеа низа трансформации во вистинската смисла на зборот и обликува препознатлив и прифатлив поетски концепт. Нејзиниот бунт е и еден вид будење – исчекор во преосмислувањето и во измената на сликите од секојдневието.

Поетските творби на Светлана Христова-Јоциќ не само што подразбираат несогласување со готовите шеми, туку се и негација на однапред препознатливите уметнички светови и модели. Пресликувањето на времето е резултат на сложеноста на создавањето, на постоењето и опстојувањето, па и на соочувањето со утописките и антиутописките визии за светот што нè опкружува. Поетесата му се обраќа на читателот за да соопшти незаборавни и уверливи пораки. Во овој поглед обраќањето до мајката, таа страдалница, но и ткајачка и везилка на животот, е проследено со топли зборови, без лажни лирски изливи, без патетика. Во мотото на книгата Самечка ќелија, поетесата го дефинира својот став за песните, велејќи:

          Песниве настанаа така како што се зафаќа

          Непознат вез: прав бод, кос, крстец, бод со бод,

          Рококо, полнетица, вртен конец

         Така во детството зафаќав вез од друшките!

         Така ги зафаќав и песниве:

         Од збор, полу-збор, од глас, од созив и издив,

         Од гест: Од со-дишка и воздишка!

         Од сите сказанија

         Од сестра Зиновија

         Во нејзината самечка ќелија...

Со чудесно спокојство во душата, таа го опева животот, се натпева со светците и ангелите, а во манастирската тишина и во конаците ја наоѓа скриената смисла на зборовите. Всушност, со својот поглед втренчен во суровоста на природата, со неисцрпните и непресушни извори на народната песна, таа изгради автохтона и препознатлива поетика. Токму затоа нејзината поезија ја сфаќаме како општење со националниот бит и со неговите возвишени идеали, зашто, како што пее во обраќањето до сестра Зиновија, врвовите се нејзина цел:

             Слушајќи те се искачувам на највисоката точка.

             А кој е оној врв пред мене?

             Со очи ми кажуваш – да чујам не можам.

             И ме учиш:

             Со очи кради ме велиш.

             Очи подавам.

             Очи стојат спроти врвот.

Светлана Христова-Јоциќ спаѓаше во редот на македонските писатели кои ја преферираат традицијата како почетна основа за градба на самосвојна и препознатлива поетика. Стрпливо ја создаваше својата оригинална поетика. Чинот на пишувањето, а во тој поглед и задоволството од комуникативноста на поезијата, за неа беа првични и неповторливи радости. Нејзините поетски книги претставуваат творби за радоста, за љубовта и осамата, за вербата во животот.

Средбата со традицијата во богатото творештво на Светлана Христова-Јоциќ е во искрен контакт со нашиот современ простор, врз кој се надградуваат широко прифатливите и трајни уметнички дела, што се проткаени со возбудливи уметнички пораки. Во својот истражувачки процес, поетесата пројавува слух за македонската традиција, за преданијата и легендите, и низ зборовните кованици гради поетика привлечна, читлива, повеќеслојна. Оваа нејзина постапка е широко елаборирана во прилозите на повеќе македонски критичари.

Лириката на Светлана Христова-Јоциќ, со својата осмисленост, хомогеност и певливост, има усвоено оригинален код, кој се надградува на традиционалните вредности на македонската песна; на песната што нè одржала низ вековите, на песната во која тагата и љубовта се проткајуваат и создаваат препознатлива поетска слика.

 

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе