Страјкери наместо вакцини

Немаме вакцини, ама затоа имаме рекордни бројки на починати од ковид-19 и 210 милиони евра за да купиме 54 борбени возила.

Во време кога власта го доживува најголемиот срам, кога илјадници граѓани на Македонија одат на вакцинација во Србија, државата реши да купи 54 борбени возила за 210 милиони евра. Новинари, бизнисмени, полицајци... граѓани на Македонија, гледајќи ја целата неспособност на  власта да спроведе имунизација, да ги заштити своите граѓани, да си ја заврши својата со Устав одредена задача, едноставно почнуваат сами да си бараат чаре за да се заштитат од овој смртоносен корона-вирус. Одат во Србија по вакцини.

Истовремено власта не ја демантираше веста на Стејт департментот дека било одобрено барањето на Македонија за купување на американски оклопни возила „страјкер“ и додатна опрема за 210 милиони евра.

Власта не е способна да обезбеди вакцини, бара донации, чека од некакви ковакс-механизми, ама затоа лесно одлучува да набави „страјкери“. Така лесно и одлучи да го откачи рускиот амбасадор во Македонија кој уште во август минатата година ги понуди руските вакцини Спутник V. Тогаш во име на нашето членство во НАТО и во очекување на почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, очекувавме дека овие земји сесрдно ќе ја помогнат имунизацијата на македонските граѓани. Не излезе баш така. Нормално, секоја држава прво се грижи за своите граѓани, па ако остане нешто, тогаш и за пријателите. Но, чекајќи ја сѐ уште таа помош, сега нашите функционери се обратија до рускиот амбасадор и побараа руски вакцини, а нарачале и кинески вакцини кои никако да стигнат. Но, паралелно со ова немаат никакви скрупули да купуваат и борбени возила. Зошто? Зошто ни е потребно тоа сега? Со кого планираме да војуваме во околината? И конечно како ќе војуваме кога бројките на новозаразени и починати од ковид-19 секојдневно растат, а имунизацијата никако да почне. Неделава, кон крајот на наредната недела, овој месец, наредниот месец, само што не пристигнале, еве ги товарат... Вакви беа изјавите на премиерот Зоран Заев и Венко Филипче од почетокот на годинава. Само не кажуваа на која година мислат!

Но, годинава, анкетата на Маркет вижн покажа дека првата година од членството на Македонија во НАТО не ни донесе некои придобивки, онака како што ни најавуваа нашите министри. Инвестиции, раст на економијата, повисоки плати, повисок стандард... не видовме. Напротив. Разочарувањето е големо, македонските граѓани сметаат дека економијата нема да може да поднесе да го издвојува, според НАТО, бараниот процент од 2% од БДП за војската, оптимизмот во однос на членството во ЕУ се намалува, промената на името не ги донесе посакуваните резултати. Колку и да сакаат нашите политичари на овој прв роденден од членството во НАТО тоа поинаку да го прикажат, па дури и отворено да искажуваат сомневања во релевантноста на овие истражувања, како министерката за одбрана Радмила Шекеринска, реалноста е таа. Таа анкета покажа дека по првата година од членството на Македонија во НАТО, дури 43,6 % од граѓаните сметаат дека немаме никаква придобивка од ова членство. Дека имаме придобивка во однос на надворешната безбедност и стабилност сметаат 15,1 отсто од испитаниците, дека сме добиле заштита и неповредливост на границите сметаат 9,8% од испитаниците, ама само 4,1 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека сме добиле развој на економијата и влез на странски капитал. За тоа дека ова членство е предуслов за евроинтеграцијата се согласиле 3,6%. Македонските граѓани се многу чувствителни и разочарани во промената на името на државата како услов за членство во НАТО и ЕУ. Дури 55,9 отсто од испитаниците одговориле негативно на прашањето дали по промената на името ќе станеме членка на ЕУ.

Реалноста е таа. Вакцини немаме. Првата поголема пратка од 24.000 вакцини на „Астра зенека“ се само капка во морето. Сѐ друго е неизвесно. Но, стратешки е важно дека ќе имаме 54 „страјкери“ за 210 милиони евра во време кога дневно ни умираат и по 30 граѓани од ковид-17.

Александар Стојановски, Брисел

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе

Во Македонија моментално има стотици активни стечајни постапки, некои од нив се водат повеќе од 10, па дури 20 години.

повеќе