Стојан Христов – хроничар на македонските голготи

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

Првата средба со Стојан Христов (Кономлади, Костурско, Егејска Македонија 1898–1996, Томсон Хауст, Вест Довер, Америка), американски писател од македонско потекло, македонскиот читател ја имаше во 1953 година, кога, во превод на Анѓа Воиновиќ-Џувалековска, беше објавен неговиот роман „Мојот американски аџилак“ во издание на Издавачката куќа „Кочо Рацин“ од Скопје. Во тоа време на мал број преведувачи од англиски јазик, нашата читателска јавност остана посиромашна за другите дела на овој писател. Полетните македонски литературни трудбеници, водејќи ја битката за престиж во сопствената средина, во стремежот за совладување на посложените книжевни жанрови, очигледно како да подзаборавија на веќе освоеното литературно ниво на својот сонародник. Повеќедеценискиот прекин на комуникациите укажува за недоследноста или за нашата деловна инертност во поглед на вреднувањето, приопштувањето и толкувањето на високите литературни вредности на овој писател.

Но, благодарение на досетливоста и упорноста на неколкумина општественици и интелектуалци, значајното прозно дело на Стојан Христов успеавме да го приопштиме на неговиот мајчин јазик дури во 1985 година во издание на Здружените македонски издавачи „Македонска книга“, „Мисла“ и „Култура“. Голем придонес за помакедончувањето на прозата на Христов дадоа Александар Џукески, кој го преведе романот „Мара“, потоа Драги Михајловски, Зоран Анчевски и Вера Чаповска, преведувачи на „Орелот и штркот“ и „Лавот од Јанина“. На тој начин македонскиот читател доби можност да се запознае со делата, во чие средиште пулсираат македонскиот бит и историските голготи на нашиот народ.

Стојан Христов спаѓа во редот на многубројните Македонци кои уште од најраната младост ќе ги прифатат искушенијата на животните патешествија и ќе ги доживеат сите горчини и убавини во туѓина. Тој ќе мине низ Сцили и Харибди и, благодарение на својата упорност, енергија и дарба, ќе се здобие со слава на публицист и писател во широките американски кругови. Своето родно село Кономлади го напушта на тринаесетгодишна возраст, во 1911 година, и ќе го прифати печалбарскиот живот работејќи како физички работник во повеќе места на Америка. За својот живот и за животот на многубројните сонувачи за поубава иднина тој непосредно и уверливо пишува во автобиографскиот роман „Мојот американски аџилак“.

За своето деби во американската литература Стојан Христов зборува во својата беседа по повод прогласувањето за почесен доктор по филолошки науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во вдахновениот говор тој, меѓу другото, вели: „Кога ги правев своите први несигурни обиди, некаде меѓу 1922 и 1923 година, мојот прв расказ го пратив до литературното списание „Дајал“. Тоа беше не само најдоброто, туку и водечко литературно списание во тоа време. Негов уредник беше поетесата Мерион Мур. Откако го прими расказот, таа ме покани да отидам во Њујорк. Ме праша што пишувам и какви се моите планови, за што мислам да пишувам во иднина. Јас возбудено ѝ одговорив дека ќе продолжам да пишувам за оние нешта од земјата во која сум роден. Таа ме охрабри и ми рече: Тоа се вистинските нешта за тебе. Придржувај се кон тоа. Тој мој прв расказ подоцна стана значајна епизода во мојот најдобар роман „Орелот и штркот“. Оттогаш започнува блескавата писателска кариера на знаменитиот Македонец, кој оствари големи резултати во општествениот живот на Америка, станувајќи сенатор на државата Вермонт.

 

За постојаниот, нераскинлив и жив интерес на Стојан Христов за животот во старата татковина, неговата родна Македонија, сведочат многубројните репортажи, патописи, записи и искажувања, кои кај нашето иселеништво и кај американската јавност побудувале посебен интерес. Говорот под наслов „Нова Македонија“, што го одржал во Детроит на втори септември 1945 година, на собранието на Македонско-американскиот народен сојуз, пред 30 илјади присутни, најречовито зборува за длабоката поврзаност со својот корен, но и за неговата сестрана интелектуална подготвеност да претставува обединител на раслоените народни маси. Тој со одушевување ќе рече:

„Една или две недели по 2 август 1944 година, секое утро по разбудувањето, морав да застанам и да си речам дека сега има слободна македонска држава. Тоа ми изгледаше како чудо, па морав да се принудувам себе да верувам во неговата вистина. Тоа беше премногу убаво за да биде вистина. Тоа беше како да си бил цел живот сиромав, па одеднаш си добил еден милион долари. Тоа просто изгледаше нереално.“

Во вдахновеното и емотивно обраќање се опфатени мноштво моменти длабоко сраснати со судбината на Македонците. Големата радост сред македонското иселеништво, искрената потреба за афирмирање на националните и културните вредности во оваа пригода тој ќе ги синтетизира и ќе ги искаже искрено и едноставно:

„Ние сме посинети синови и ќерки на Америка. Но Македонија ни е природната мајка и не можеме да ја заборавиме. Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено... Словенската филологија наскоро ќе биде орнаментирана со убавината на македонскиот говор, а словенската литература ќе биде збогатена со мудроста и имагинацијата на македонскиот ум. Творечкиот дух на Македонија, неговиот редок хумор, неговата жива имагинација, неговото богатство на националниот фолклор, искажано на неговиот сопствен јазик, засекогаш ќе станат составен дел на словенската мисла и креативност.

Ние сме Македонци по раѓање, а Американци по избор. Повеќето од нас дојдоа овде, затоа што Македонија не беше слободна, а беше толку многу економски експлоатирана, што моравме да бараме политичка слобода и економска сигурност во Америка. Ние овде дојдовме како сираци, би можело да се рече – луѓе со татковина, но без држава. Америка ни стана држава. Нејзе ѝ ја должиме нашата прва верност. Никој нема право да бара доказ за нашата лојалност спрема Америка. Секаде каде што се пролеваше крв во оваа земја, таму течеше и македонска. Ако биде погребан во Арлингтонските гробишта еден незнаен војник од оваа земја, како што беше погребан од минатата, кој може да биде сигурен дека тој можеби не е роден од македонска мајка“.

Творештвото на Стојан Христов го прифаќаме како наша реалност и како наша традиција. Тоа спојува бурни времиња и настани и открива нови страници малку присутни во нашата белетристика. Автентично пулсира во тековите на целокупната македонска литература и претставува сведоштво за македонската голгота и за хероизмот на нашиот народ. Доколку младата интелигенција на Македонија, покрај ентузијазмот и самовљубеноста имаше слух за неодминливото прозно дело на Стојан Христов, денес ќе говоревме за школа на овој автор. Всушност, ако смогнеле сили издавачите и преведувачите веднаш по ослободувањето да го приопштат најзначајното прозно дело на Христов, во повоениот период и устремот на современата македонска белетристика, тоа ќе беше непресушна лектира и поука за писателите, но и за читателите во Македонија.

      Раде Силјан

 

Стојан Христов е американски писател од македонско потекло. Роден е во Кономлади, Костурско, Егејска Македонија на 18. 8. 1898 година. Починал во Томпсон Хаус, Вест Довер, Америка на 24. 1. 1996 година.

Во Америка се доселува како тринаесетгодишно момче во 1911 година. Го завршил Универзитетот Валпараизо, Индијана (1918–1922). Како новинар работел во познати американски весници и агенциски компании, меѓу кои и во „Њујорк тајмс“ и „Чикаго дејли њус“. Бил воен дописник од Балканот (1927–1929) и слободен писател во Њујорк (1929–1941).

Автор е на книгата со  историски репортажи и патописи Херои и атентатори (1935) и на романите: Мара (1937), Ова е мојата земја (1938), Лавот од Јанина (1941), Мојот американски аџилак (1947), Орелот и штркот (1976). Со неговото дело македонската тема влезе не само во американската, туку и во светската литература.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе