Стануваме полупразна и економски бесперспективна земја

Стануваме и општество на меѓунационална недоверба и постојана сомничавост, која не секогаш е без причина.

Политиката и луѓето кои активно партиципираат во политичкиот живот често прибегнуваат кон драматизација или предимензионирање на процесите или настаните со кои се соочуваат. Најчесто тоа го работат со цел значително да се засили значењето на одлуките кои мора да се донесат и исто така да се мобилизира што поголем број приврзаници како поддршка во процесот на носење на одлуките. Сепак, понекогаш околностите си го прават своето, па и покрај сите наслаги на медиумските спинови, различните претерувања и дезинформации, може да се почувствува значењето кое би можело да ја има нашата определба на судбината и иднината, нашата и на нашите најблиски.

Не е претенциозно да се каже дека претстојните вонредни парламентарни избори се еден таков момент, не само за припадниците на српскиот народ, туку и воопшто за сите граѓани на Македонија. Аргументи со кои може да се брани, но и зајакне ваквиот став има на претек.              

Да тргнеме од почеток, делот од српскиот народ во Македонија е искрен пријател на Македонците и тоа се потврдува постојано во изминатите 30 години. Србија е единствениот наш сосед кој во истиот тој период кон нашата држава никогаш не покажуваше политички аспирации, без разлика на ненормалната пропаганда, никогаш не поттикнуваше никакви внатрешни судири и никогаш не произведуваше внатрешни кризи. И за тоа сум горд и како Србин и како македонски граѓанин, припадник на сопствениот српски народ и на сопствената држава, Република Македонија.

Таа двострукост никогаш не ми сметаше. Напротив! Се учев на единството во разликите, она што може искуствено да помогне во надминувањето на ваквато, понекогаш трагично наследено распетие. Затоа што лесно е да се расипе, а тешко е да се градат и одржуваат хармонични односи на ова место, во овие времиња, посебно во текот на претходните бурни три децении, кога буквално до вжештеност беа доведени балканските проблеми.

А претстојните парламентарни избори се една сериозна можност за премостување на сите наши разлики во заедничка корист. Сега се наоѓаме на една нова точка, нов актуелен видиковец, во една мошне сложена, сериозна состојба. На преминот од втората во третата деценија на 21 век, нашата држава, Република Македонија се наоѓа во сосема незавидна состојба по сите параметри со кои вообичаено се мери квалитетот на животот во современиот свет.

На моја голема жал, во цела југоисточна Европа имаме најголем процент од населението кое живее во сиромаштија. Станува збор за третина од вкупната популација. А најголемиот структурен проблем на нашата економија е долгорочната невработеност, пред сѐ кај помладите луѓе, која кај нас преминува над 50 проценти, а кај жените и преку 40 проценти. Последица на сето ова, според податоците на Светска банка и ММФ, е тоа дека 25 отсто од вкупното македонско население (според последниот попис 2002 година) заминува за странствo. Најчесто трајно.

Надворешниот долг на државата е речиси 70 отсто од БДП, а мнозинсвото граѓани, не без причина смета дека корупцијата и клиентелизмот (нетранспарентна политичко-медиумска размена помеѓу невидливите патрони и нивните штитеници во јавноста) е најголем социјален проблем на општеството во целина.

На сето ова треба да се додаде и драматичниот процес на депопулација, а со самото тоа и сериозен пад на стопанските активности во поедини региони во земјата и нејзина концентрација на пар поголеми градови.

Полека стануваме полупразна и економски безперспективна земја од која заминува секој кој има шанса за такво нешто. Таква е состојбата денес. Сите сме должни, особено политичарите и стручните асоцијации активно и ефикасно да се занимаваме со овие проблеми.

Деструкцијата на пандемијата со ковид-19 не ја земав предвид пред сѐ поради катаклизмичноста на предвидувањата. Но, оваа пандемија ни покажа дека дефинитивно во историја замина светот каков го знаевме и познававме до вчера. 

Од друга срана за изминатите две децении неколку пати бевме на граница на големи меѓуетнички судири (никогаш Србите не беа актери) и постојано сме во состојба на политички тензии. Тоа стана сериозна карактеристика на општествениот амбиент во кој секојдневно живееме.

Станавме и во многу работи општество на меѓунационална недоверба и постојана сомничавост, која не секогаш е без причина. Таквата состојба под итно треба да се менува!

Дојде време сите да се запрашаме дали патот по кој одиме е добар и целисходен, со чувство на одговорност кое сите треба да го имаме за да ги менуваме работите на подобро. И  заради нас, но и заради потомството. Тоа сигурно не заслужува да им оставиме нестабилна, да не кажам земја во  вонредна состојба во која денес ние се согласуваме да живееме. Ним ќе им треба нешто многу подобро, поубаво, постабилно и поперспективно...

Затоа треба да се каже и милион пати повтори дека Србите не се никаков македонски проблем. Тоа се докажа и покажа многу пати во изминативе 30 години.

Македонија треба и мора да стане земја на соработка и разбирање помеѓу Грција, Бугарија, Албанија и Србија, а не нечија вододелница, место на судири или жртви. Не може среќата и перспективата на кој било народ или држава на овие простори да се гради на проекти и планови кои подразбираат нечија несреќа, дезинтеграција, негација или асимилација. Тоа е најважната премиса за стабилен опстанок на балканските меѓи.

Белким историјата и понешто нѐ научи, исто како и заедничкиот живот. Ниту еден долгорочен интерес нема да може да се оствари со меѓусебни судири и антагонизми. Вниманието треба да го свртиме кон соработка и взаемна почит.

Ние Србите како автохтона заедница на овие простори, заинтересирани сме за секоја форма на регионална соработка и интеграции, како на економски, така и на политички план. Затоа кој сака да ја разбере ширината и значењето на ваквите стратешки позиции од интерес за сите жители на Македонија ќе има во нас искрени и лојални сојузници.

Во еден иден модерен и стопански поврзан балкански Бенелукс кој можеби ќе се создаде, согласно со позитивните искуства од минатото, централни држави би можеле да бидат токму Македонија и Србија.

Затоа изборите кои се пред нас ќе бараат наши конкретни и поединечни изјаснувања по сите важни, фундаментални, стратешки прашања. Тоа нема да биде само проста прераспределба на политичката моќ и влијание.

Искрено се надевам дека конечно ќе го заслужиме долго очекуваниот НОВ ПОЧЕТОК, за општо добро на сите учесници во историските настани на нашата и идните генерации.

Иван Стоилковиќ, пратеник и претседател на Демократската партија на Србите во Македнија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе