Спасот на хрватската економија не е во ЕУ, туку во радикалните реформи на целиот систем

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

Хрватска беше на добар пат целосно да се опорави од финансиската криза во 2008 година, што сериозно ја потресе економијата и предизвика бран на отпуштања и емиграција на голем број на млади лица односно млада работна сила. Во меѓувреме, Хрватска стана членка на Европската Унија, а економијата покажа напредок, што се рефлектираше во растот на БДП. Сепак, пандемијата неочекувано запре сè што се случуваше, вклучително и економскиот раст и развој.

Поради епидемиолошките мерки, целата земја запре на неколку месеци во секоја можна смисла. Угостителските објекти беа затворени, работењето на продавниците беше ограничено и строго се контролираше и самото движење на луѓето. Многу мали бизниси и занаетчии мораа привремено да ги затворат своите врати. Имајќи предвид дека Хрватска е туристичка земја и значителен удел во БДП-то се состои токму од туристичката гранка на економијата, се очекуваше голем пад на приходите. На пример, компании на повремени превозници забележаа пад на приходите од неверојатни 95 до 98 проценти, а во прашање беа дури 20.000 работни места. Поради забраната за поголеми собири, голем удар претрпе и индустријата за настани што годишно генерира повеќе од 4,5 милијарди куни (597.062.700 евра). Многу индустрии претрпеа голем удар, а граѓаните стравуваа за своите работни места.

Пропусници за полнење гориво

По првичната паника и акумулацијата на лесно расиплива храна од продавниците (како брашно, квасец, масло и др.), граѓаните се прилагодија на ситуацијата. Тие се навикнаа на носењето маски и постојана дезинфекција на просторот во кој живеат. Меѓутоа, поголеми проблеми за граѓаните настанаа кога Националниот штаб за цивилна заштита наложи да се затворат границите на жупаниите и општините како и сите да мораат да имаат пропусници за да влезат во просторот на друга жупанија или општина. Многу автобуски и железнички линии, како и превозот со траект беа ограничени, што беше голем проблем за многу работници кои работат во жупании и градови надвор од нивното место на живеење. Островите беа целосно отсечени од крајбрежните градови кои се важни административни центри.

Токму поради затворањето на границите на жупаниите и општините, се покажа апсурдот на мноштвото локални самоуправи во земјата, што е уште еден голем проблем кој треба што е можно побрзо да се реформира. Еден од примерите е островот Вис, каде се наоѓаат градовите Вис и Комижа. Административно, двата града функционираат одделно, но функционално формираат една целина. Откако беа воведени мерките, на единствената бензинска пумпа лоцирана во Вис, граѓаните на Комижа мораа да поседуваат пропусници за да наполнат гориво или да отидат во поголема продавница.

Граѓаните покрај тоа што имаа проблеми со доаѓањето на работа поради наведените мерки, имаа и проблеми со организацијата на работата. Имено, само некои компании им понудија можност на работниците да работат од дома. Истражувањето спроведено од порталот МојПосао (мојата работа) покажа дека најчесто од дома можат да работат вработените во големите компании и вработените во ИТ секторот. . Поголеми компании кои работат во Хрватска, како што се Атлантик Група, Ерсте & Штаермаркише банка, А1 (компанијата за телекомуникации), ИНА (хрватската компанија за нафта) и Агенцијата за односи со јавноста ги увидоа придобивките од работењето од дома за многу вработени.

Од друга страна, има многу работни места кои едноставно не можат да се обавуваат од дома, што значи дека многу работници мораа да ги искористат своите годишни одмори затоа што не можеа да одат на работа. Во многу индустрии, работата беше целосно запрена. На пример, забраната за големи собири практично ја запре работата на целата индустрија за организација на настани, во која се вработени над 10.000 работници. Тука станува збор за музичари, фотографи и професии и компании без кои не би биле можни концертите, манифестациите и настаните. Покрај тоа, неодамнешната забрана за ноќните клубови и барови по полноќ загрози голем број работни места.

Покрај промените поврзани со работата, многу граѓани се соочија и со недостаток на соодветна здравствена заштита. Многу онколошки и приоритетни пациенти останаа запоставени, со што Министерството за здравство сè уште се бори. Имајќи предвид дека се издадени многу епидемиолошки мерки и упатства, во рамките на самата медицинска фела доаѓа до несогласувања , што доведува до тоа пациентите да ги сносат последиците.

Страшни економски последици

Економските мерки за спас на економијата сè уште се на сила. Се претпоставува дека куповната моќ на граѓаните значително ќе ослабне, со тоа што според податоците на Евростат од 2019 година, за време на „добриот“ период, Хрватска всушност имаше куповна моќ за една третина помалку од онаа на просечниот жител на ЕУ. За жал, Хрватска е врвот на Европската унија за скоро сите економски прашања.

Кон крајот на август, добивме вести од кои сите стравуваа, Државен завод за статистика објави дека во вториот квартал на 2020 година, БДП-то падна за неверојатни 15,1 процент во однос на истиот период минатата година. Најлошите сценарија предвидуваа пад од 13 проценти, но податоците покажаа дека Хрватска има една од најпогодените економии во Европската унија. Финансиската криза остави огромни последици од кои се опоравувавме низа години. Во 2009 година, БДП-то падна за дури 8,8 проценти, што денес изгледа многу добро во споредба со најновите податоци.

Владата на Андреј Пленковиќ одговори на кризата со мерки за претприемачите и вработените со исплата на минимални плати од 4.000 кн (530 евра) како и со плаќање на придонеси на таа сума. Иако се чини дека станува збор за значајни парични средства, треба да се напомене дека една просечна хрватска плата изнесува 6.796 куни (900 ЕУР). Исто така, Владата воведе мерка со која го отпишува или одложува плаќањето на даночни обврски.

Понатаму, треба да се напомене дека Хрватска во јули одржа и парламентарни избори , кои многу претприемачи и граѓани ги држеа во неизвесност. Фактот што во април беа пропишани мерките за спас на економијата, никој не можеше да предвиди што може да се случи по парламентарните избори. Сепак, Хрватскиот демократски сојуз повторно ја доби довербата на граѓаните и Андреј Пленковиќ повторно ја обедини и состави Владата.

На почетокот на септември, премиерот Пленковиќ најави продолжување на мерките за претприемачите и работниците. Имено, работата со скратено работно време ќе се кофинансира до максимална сума од 2.000 куни (околу 270 евра) по работник со соодветни придонеси, доколку претприемачот има пад на прометот за повеќе од 50 проценти. Исто така, за дејности што се посебно погодени, поддршката од 4.000 куни (околу 500 евра) по работник ќе продолжи до 31 декември годинава.

На претприемачите им е овозможено и продолжување на издавањето на „Ковид“ заеми преку HАМАG-BICRO (Хрватска агенција за мал бизнис, иновации и инвестиции) и програмата на ХБОР (Хрватската банка за обнова и развој). Имено, станува збор за исклучително поволни заеми со каматна стапка од 0,1 до 0,5 проценти и рок на отплата од три до пет години. Имајќи предвид дека интересот на претприемачите за овој вид помош беше огромен, тендерите беа затворени во мај. Во средината на јули, по обработката на апликацијата, започнаа да се објавуваат имињата на компаниите и претприемачите кои ги добиле заемите.

Иако овие мерки звучат добро на хартија и кога Владата ги претставува како „помош“ за економијата и граѓаните, треба да се биде свесен за фактот дека не е сè толку едноставно. Владата реагираше на време во март, но проблемите со бирократијата и спроведувањето на самите мерки беа видливи уште од самиот почеток. Претприемачите, трговците и занаетчиите многу често не можеа да водат сметка за тоа кои услови се сменија или едноставно не добија повратни информации на време.

Иако „Ковид“ заемите изгледаат како одлична опција за претприемачите, факт е дека од аплицирањето во пролетните месеци чекавме до јули за да добиеме информации дали можеме да добиеме заем.

Исто така, сите што сакаа да аплицираат требаше да соберат обемна документација, што е постојана болка на хрватскиот начин на деловно работење. Верувам дека Хрватска никогаш нема да напредува ако не го подобри својот начин на деловно работење и ако не биде дигитализирана. Во сите развиени земји, компаниите и занаетчиските и трговски објекти се отвараат и регистрираат за еден час, додека во Хрватска се потребни неколку дена.

Присилна дигитализација

Мерката што никој не ја очекуваше ниту планираше (ниту Владата ниту граѓаните) беше „присилна дигитализација“. Хрватска има една од најскапите и најлоши бирократии во Европската Унија, како што покажуваат бројни домашни и европски истражувања. Издавањето документи, сертификати и поднесувањето апликации беше мошне тежок процес што со текот на годините се релаксираше.

Одредени системи беа воведени за да се забрза процесот, но требаше да се стори уште многу за дигитализацијата да успее и да заживее. Сепак, пандемијата покажа дека, сè уште е можно да се направи сè преку Интернет, дури и во институции кои претходно бараа лично присуство. На граѓаните често им беше кажано дека ова е скап и повеќегодишен проект, но се чини дека беше потребен само еден вирус за системот да започне да функционира.

Помош за економијата наспроти помош за граѓаните

Истражувањата покажаа дека дури 61 процент од граѓаните ги поддржаа првичните мерки и сметаа дека станува збор за соодветни мерки. Граѓаните стравуваа од сценариото во 2008 година кога невработеноста започна да расте и го достигна својот врв во 2014 година кога Хрватска бележи 384.376 невработени лица (17,7%). Меѓутоа, изостана пораст на поддршката на Владините мерки бидејќи тие беа презентирани како помош за економијата, наместо како помош директно на граѓаните.

Треба да се напомене дека најавените мерки првично ја зголемија довербата кај граѓаните и претприемачите, но се покажа дека состојбата со економската помош не е толку едноставна. Мерките редовно се исплаќаа во март, април и мај. Но, со доаѓањето на летото, ситуацијата се смени. Во август се пријавија претприемачи и занаетчии на кои Хрватскиот завод за вработување не им ги исплатил мерките од јуни. Исто така, важно е да се истакне дека претприемачите имаа многу проблеми со аплицирањето и пријавувањето за мерките поради фактот што процедурите и условите неколку пати беа изменети. Сето ова предизвика сè помалку претприемачи и занаетчии да аплицираат за исплаќање на мерките. Исто така, треба да се напомене дека претприемачите и занаетчиите првично ги поддржуваа економските мерки затоа што се надеваа дека тие ќе доведат до неопходните сеопфатни реформи што ќе создадат вистински промени. Токму оваа позитивна работа произлезе од економските мерки - здружението на претприемачи и занаетчии. Мерките не се одржливи на долгорочен план, но потребно е да се изнајдат начини да се придвижи економијата и да се намалат давачките, што пак ќе го поттикне развојот на претприемништвото и ќе привлече странски инвеститори.

Помош од ЕУ

Засега, мерките го запреа бранот отпуштања и колапсот на многу претприемачи и занаетчии, но тие не се трајно решение. Исто така, треба да се напомене дека Хрватска, како членка на Европската Унија, доби пристап до значителни средства. Станува збор за два одделни финансиски мегапакети. Инструментот „ЕУ на следната генерација“ е создаден поради пандемијата со коронавирусот и за Хрватска се проценува на 9,4 милијарди евра. 

Вториот пакет е Европскиот повеќегодишен буџет (МФФ) во износ од 12,7 милијарди евра за периодот 2021-2027 година. Иако Владата ови средства пред хрватската јавност ги претстави како „богат“ пакет што ќе ја „спаси“ економијата, тоа не е ниту приближно точно. Многу држави добија многу позначајни пакети на помош кои навистина ќе направат значителна разлика. Хрватска во претходниот период не ги користеше европските фондови што ги имаше на располагање,, а и оние што ги користеше беа во постојан фокус на јавноста поради корупцијата. Поради претходните искуства многу хрватски претприемачи, економисти и експерти се загрижени за начинот на кој Владата ќе ги распредели расположливите средства.

Со години веќе се зборува за тоа како не можеме да се потпреме на туризмот како најважна гранка на економијата. Но, растот на БДП зависи и од успехот на туристичката сезона. Целата економија и сите активности премногу се потпираат на оваа гранка на економијата.

Хрватска има проблем со привлекување странски инвестиции, поради огромните давачки и комплицираната бирократија што ја отежнува конкурентноста. Затоа Владата треба многу повеќе да се консултира со експерти и со претприемачи кои имаат вистински резултати остварени зад себе. Еден таков пример е и дигиталната номадска виза, проект започнат од страна на холандскиот претприемач Јан де Јонг, кој живее и работи во Хрватска. Покрај тоа, се појави и здружението Глас на претприемачи, кое за многу кратко време собра огромен број на претприемачи (над 12 000) и стотици илјади симпатизери. Тие станаа релевантен извор на информации за претприемачите, но и фактор за креирање на економската политика во овој кризен период. Голем дел од нивните предлози за мерки беа прифатени од владејачката партија, најмногу заради медиумскиот притисок.

Следува време на радикални промени

Најдоброто можно решение за Хрватска ќе биде соработката на Владата и институциите со граѓаните и претприемачите. Она што треба да се направи сега е да се прилагоди економијата кон она што не чека во иднина. Факт е дека поради кризата, многу претприемачи и занаетчии ќе мора да ги затворат вратите и тоа и те како ќе доведе до отпуштање на работници. Сепак, ќе мора да се прилагодиме како пазар и да изнајдеме начини да ја придвижиме економијата.

Хрватска има огромен ресурс и потенцијал во својот народ. На пример, истражувањето на Евростат, покажа дека младите во Хрватска имаат најдобри дигитални вештини (информатички, комуникациски, способности за решавање проблеми и софтверски вештини) во споредба со младите од остатокот на Европа. Претприемачите и занаетчиите ќе мора да го прилагодат својот бизнис кон новата ситуација што ќе се развие на пазарот и да бараат нови извори на приход.

Владата ќе треба да изнајде начини да се осигури дека Хрватска ќе биде конкурентна на глобалниот пазар. Тоа сигурно нема да може да биде масовно производство, туку развој на високотехнолошки компании и инвестиции во земјоделството. Постојат бројни неискористени потенцијали, дури и во туристичкиот сектор на кој треба да се работи во претстојниот период. Покрај тоа, она што значително ќе го одреди успехот на Хрватска се даночната политика, реформите во образованието и реформите во судството. За Хрватска следува време на радикални, коренити промени во секоја смисла на зборот.

Николина Леднички

(Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот" која ја спроведува Рес публика во соработка со Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), PCNEN (Црна Гора), Prlija (Хрватска), ABCnews.al (Албанија) и СЕГА (Бугарија).)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе