Спас за Македонија

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

Мојот добар пријател Митко е овчар.  Цел живот, сам со своето семејство  макотрпно заработува за живот одгледувајки стадо овци 365/24. Секој ден, од утро до вечер, работи едвај за да  преживее. Нема време за одмор. Нема пари за телевизија, интернет, кафетерии. Од никој ништо не украл, а и да сака нема од кој. Државата „поштено“ му ги зема и тие малку пари што ќе ги заработи преку разни даноци, такси, надоместоци. Заглавен е во држава, во која граѓанинот се третира како малоумен натрпник, должен да работи за неколку партиски лидери, квази олигарси и армија од 170.000 државни службеници.

Пред некој ден, потпрен на својот овчарски стап на прекрасните падини на планината Кожуф, ми рече:  „Готово е, овие и крвта ни ја исцицаа“. Човек кој во целиот свој живот од ништо не се плашел, човек кој секојдневно се борел со природата, човек кој со своето стадо овци даровите на природата ги претворал во врвен производ – овчјо млеко, сега се предава пред најстрашната непогода на човештвото – претставничка  квази демократија.

Во членот 2 од Уставот на Македонија јасно и гласно стои: „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување“.   

Значи, според Уставот граѓанинот е единствениот суверен и суверенитетот му припаѓа само нему. За жал, пред 20 години,  четири лидери на политички партии, десетина квази олигарси и неколку претставници на тајната полиција, успеаја  да го одземат суверенитетот од граѓаните и да го префрлат на лидерите на трите најголеми политички партии. Со одземањето на суверенитетот на граѓаните, во Македонија се спроведе систем на „повеќе партиска диктатура“ управувана од триумвиратот на политичките партии, квази олигарси и тајната полиција. Катастрофалните резултати од овој систем ги гледа и ги чувствува секој граѓанин на Македонија без исклучок.

Ако некој се прашува: Зошто најнеспособните луѓе се во врхушката на политичките партии? Зошто судството е најкорумпираниот сегмент на државата? Зошто неписмени министри прават реформи во најчувствителните столбови на државата како што се  образованието, здравството и одбраната? Зошто не постои ни „Е“ од економска стратегија? Зошто освен државната администрација и компаниите кои добиваат државни тендери, сите останати фирми и граѓани едвај врзуваат крај со крај? Зошто народот се иселува од едно од најубавите парчиња на земјината топка? Зошто „добри новинари“ се само послушните новинари? Зошто секој ден слушате дека од „македончето“ не бива ништо? Одговорот е еден:  „повеќе партиска диктатура“.

Затоа на мојот пријател, овчарот Митко му реков:  „Дојде време Митко, ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава“.

Ќе го вратиме со промена на изборниот модел од партиски на граѓански (од пропорционален во мнозински). Граѓаните за свои претставници ќе бираат луѓе со име и презиме, а не партиски листи полни со анонимни и мизерни субјекти. Уште поважно, граѓаните ќе имаат право да ги отповикуваат тие што ги избрале, доколку не ги исполнуваат и почитуваат нивните интереси.

Ќе го вратиме со промени во Законот за референдум, каде ќе се укинат членовите во кои на граѓаните им се забранува да одлучуваат на рефередндум  „за прашања сврзани со изборите и буџетот“.

Ќе го вратиме со целосна децентрализација на власта од државно на локално ниво. Граѓаните на локално ниво директно ќе избираат градоначалник и советници како граѓански лица, а не како претставници на партиите, началник на полиција, претседател на судот, јавен обвинител...

Водевме кампањи за Спас за Гевгелија, Спас за Богданци, Спас за Валандово, Спас за Дојран, Спас за Струмица, Спас за Шара, Спас за Водно,  дојде време за СПАС ЗА МАКЕДОНИЈА.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе