Спас на Македонија (2)

Како што напишав во претходната колумна, политичарите мора да преземат државнички чекори за спас на Македонија.

Во спротивно, неминовен е класен судир помеѓу малцинството политичари и економска елита (читај монополи и тендераши) од една страна и огромното мнозинство на граѓани на работ на егзистенцијата, од друга страна. Овој судир многу брзо ќе се претвори и во меѓуетнички конфликт, кој ќе доведе до кантонизација или федерализација на Македонија.

Политичарите и економската привилигирана елита нема доброволно да се зафатат со оваа сериозна реформа за спас на Макеоднија, бидејќи со неа ќе им се скратат привилегиите, бенифициите, приходите, односно нивниот живот во благосостојбата.

Планот за спас на Македонија може да се реализира само под огромен јавен притисок на граѓаните на Македонија. Овој притисок ќе биде препознаен од нашите меѓународни партнери, кои пак користејќи ја својата позиција, интереси и моќ ќе ги „охрабрат“ нашите политичари да го спроведат планот за спас на Македонија. Во корист на овој процес, е погрешната и неразумна (по традиција) политика на Бугарија кон Македонија.

Планот се базира на два важни предуслова, тоа е формирање на Влада на национален спас и прекин на преговорите со Бугарија. Тоа ќе придонесе за релаксирана домашна политичка атмосфера, што ќе овозможи спроведување на основните чекори на планот за спас на Македонија.

Првиот чекор е барање за приклучување на Македонија кон Европската економска област (ЕЕО), со што се овозможуваат основните човекови права: слобода на движење, престој и работа во рамки на ЕУ, слободен проток на стоки и услуги, образование и културна размена. Бугарија на овој процес не може да става вето, а со членството во ЕЕО, Македонија ќе ги има сите права како да е членка на Европската заедница, без учество во политичкиот дел. Заедно со оваа барање треба да се донесе собраниска декларација за спроведување на сите поглавја и реформи предвидени со пристапните преговори со ЕУ, без разлика дали сме добиле датум за почеток на преговорите или не. Никој не може да не спречи да ги спроведеме и имплементираме основните начела и закони на ЕУ.

Оваа се суштествени промени, но основа на планот за спас на Маекоднија претставува планот за економска обнова на Македонија. Околу изработката на овој план треба да се соберат сите домашни експерти кои живеат во или надвор од Македонија, но и странски експерти со квалитетни портфолија во оваа област. Планот за економска обнова на Македонија треба да опфати период од 4 години и да се базира на неколку темели, не исклучувајки и други:

  • Рестриктивен буџет (1 година)

  • Енергетска независност

  • Задоволување на сопствените потреби од храна

  • Градежна обнова на државата (регионални и локални патишта, комуналана инфраструктура, објекти за здравство, образование и култура,..)

  • Програма за развој и поддршка на микро и мали претпријатија во областите каде Македонија има компаративни предности

  • Програма за потикнување и подршка на враќањето на иселениците.

Овој план во суштина се базира на трите основни начела: ЕНЕРГИЈА, ХРАНА, КОМПАРАТИВНИ ПРЕДНОСТИ.

Со рестриктивниот буџет треба да се направи целосна реформа на државната администрација и нејзиното функционирање на државно и на локално ниво. Почнувајки од драматично кратење на непотребните работни места, замрзнување на платите на период од две години, укинување на сите надоместоци за патувања, учество во управни одбори и комисии, плати или надоместоци на надворешни соработници и советници, користење на службени возила, репрезентации... Мораториум на сите трошоци, освен неопходните за функционирање на администрацијата со исклучок во секторите на социјалата, здравството, образованието и одбраната. Трансфер на сите административни услуги на локално ниво и формирање на исклучително мала и ефикасна државна администрација на ниво на влада и министерства.

Таквиот буџет, во старт ќе го растерети товарот врз реалната економија и врз граѓаните и што е уште поважно ќе ја елеминира можноста за негова злоупотреба и нефункционално трошење.

Таков буџет треба да се реализира во првата година од планот за економска обнова на Македонија. Наредните буџети треба да имаат строго нагласен развоен карактер, базиран врз основите на планот за економска обнова.

Енергетската независност е врвен приоритет на овој план. Држава што ќе нема сопствени енергетски ресурси е осудена на пропаст. Енергетската независност Македонија може да ја постигне само преку планска и масовна монтажа на фотоволтаични панели , најмалку до ниво од 2.500 MW инсталирана снага, во комбинација со систем на неколку реверзибилни брани, како што се Чебрен и Галиште и високо капацитативни батериски депоа. Нужна е изградбата и на хидро енергетски постројки на реката Вардар, чиј потенцијал денес воопшто не се користи. Не навлегувајки во детали, се проценува дека енергетската независност на Македонија приближно ќе ја чини околу 4 милјарди евра. Овие средства треба да се обезбедат од заштедите во буџетот и обезбедување долгорочни кредити кои ќе се отплаќаат од произведената елетрична енергија. Само енергетски независна, Македонија може да го планира својот развој и својата иднина. Секоја друга опција е катастрофална за нејзиниот опстанок.

Македонија која изобилува со сонце, земја и вода, не само што во целост може да ги задоволи сопствените потреби за храна, туку може да оставрува и огромни приходи од извоз на земјоделски и сточарски прозиводи. Сегашната катастрофална состојба во земјоделието и сточарството е последица на тоталниот политички дилентантизам и далтонизам, во последните триесет години, а не на природни или некакви други објективни причини. Во првата фаза треба да се овозможи Македонија да ги задоволи во целост своите потреби од храна, а во втората фаза да произведува и за извоз. Храната во наредната декада ќе биде се поскапа и поскапа и заедно со вода за пиење, ќе бидат основната причина за големи миграции на светската популација и воени судири. Македонија ги има сите предуслови тоа да го избегне.

Енергетската независност и независноста од увозна храна на Македонија ѝ обезбедува ретко привилигирана позиција за нејзиниот понатамошен развој и благосостојба на нејзините граѓани.

Тоа ќе овозможи намалување на трговскиот дефицит и задолженоста на државата, што го отвара просторот за инвестициски циклус во капитални објекти, подршка на микро и малите компании во сите области на производството, услугите и туризамот, кои треба да бидат носители на целокупниот економски развој, посебно во делот каде имаме компаративни предности (природни, географски, инфраструктурни...).

Овој план треба да ги предвиди и сите механизми за враќање на нашите иселениците назад во Македонија. Овие иселеници поседуваат огромно искуство, вештини и знаења стекнати во западните земји, што претставува непроценливо богатство за економско-општествениот развој на Македонија. Само погледнете ги примерите на развојот на израелската држава, Ангола, Ирска... и ќе ви стане јасно дека искуството и стручноста на нивните граѓани кои се вратија во сопствената држава, придонесоа за нивниот економски и општествен бум.

На крајот да завршам со прашањето што ми го постави еден мој пријател од Израел: „Македонија има паметни и стручни луѓе. Македонија има сонце, земја и вода. Македонија има прекрасна клима. Но, гледам млади и стари луѓе ја напуштаат државата. Гледам сиромаштија. Не можам да разберам што овде не е во ред?“ Му одговорив со два збора: македонските политичари.

 

П.С. Ајде сите заедно да ја испратиме пораката дека Македонија, мора да ја биде.

 

Ангел Наков

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе