Соседите и идентитетот на македонскиот народ

Посебно на Балканот не може да се зборува за чисто етничко-конфесионални, етничко културни или строго етнички омеѓени заедници.

Уште во 2009 година академик Кантарџиев објави сепарат насловен како „Соседите и идентитетот на македонскиот народ“ во кој, низ еден краток историски осврт за развојот на македонскиот идентитет, го постави денес многу актуелното прашање како да се излезе од наметната криза која има како меѓународна, така и балканска димензија, но и пред сѐ внатрешно-политичка, па дури и безбедносна димензија сврзана со опстојувањето на македонската држава.

Така поставеното прашање уште во самиот почеток ги актуелизираше теоретските и политички аспекти на нацијата како историска категорија и како конститутивен елемент на државноста на еден народ, во случајов македонската државност.

Нацијата како историска категорија, израснува во кохезивен фактор на општествените структури врз заеднички прифатен систем на вредности врз кој се конституира државата на определена територија. Тоа е особено карактеристично за политичките процеси, особено во Европа во 19-от век. 

Според дефиницијата на МИ-АН-овата енциклопедија македонска и општа националниот идентитет претставува систем на национални ставови кои се составен дел на свеста кој поединец ги има за себе, односно систем на ставови спрема:

а) сопствената нација, национална територија;

б) националната историја и национални амблеми;

в) националната култура, јазикот, карактеристични начини на живеење, сваќањата и вредностите;

г) другите народи со кои сопствената нација била или е политички и економски во пријателски односно во непријателски односи;

д) другите народи воопшто;

Ѓ) национална диференцијација како социјална појава.

Секако дека оваа дефиниција трпи критичко промислување, но може да послужи како повод пред сѐ за усогласување на гледањата што сѐ се подразбира под национален идентитет кој се употребува во дневно политичкиот жаргон.

Примарните вредности кои го определуваат националниот идентитет се: јазикот; традициите, културата; просторот; конфесионалните оределби што, сѐ заедно, ја чинат националната идеологија која ги дефинира стратешките цели и приоритети спрема другите, посебно соседни нации и држави.

Марксизмот, нацијата ја дефинира како историско-класна категорија која ќе исчезне заедно со класното општество. Што се однесува до верата како конститутивен фактор на државата, становиштата се движат од една до друга крајност - од целосна условеност на националниот идентитет со припадност кон одредена вера (посебно застапена во православието) и наметнување на црквата како конститутивен елемент на државата - една нација-една вера-една држава. На другата страна се протестантско-лутеранските сваќања за верата како лична определба на поединецот на кого не му е потребно посредување во неговиот однос кон бога, односно без црквата како  посредник, односно, според овие сваќања, верската определба спаѓа во категоријата на индивидуалните права и слободи, а не на етносот. Според нив етносот не може да се третира како верско монолитна категорија. Овие сваќања се еден од фундаментите на западно-европската цивилизација и на ЕУ. Станува збор за категории кои имаат директно влијание врз политичките односи внатре во земјата, но и на европските и регионалните интегративни процеси.

Модерниот политички плурализам по дефиниција базира на човекот како основна вредност од која произлегуваат сите други вредности на цивилното општество, мултикултурализмот и толеранцијата како кохезивни фактори.

Политичкиот плурализам на Балканот, следствено и во Македонија настана врз етничка основа, верска (не)толерантност, еноцентризам. Во самонаречените еднонационални држави - Грција, Албанија, Хрватска, Бугарија и Србија, етноцентризмот бил и е основа на големо-националистичките проекти и сѐ уште се задржува како основна вредност врз која се остварува хомогенизацијата на нацијата и нивните аспирации кон другите.  

Случајот со Македонија е нешто поинаков кога се работи за политичко структуирање во повеќе-партискиот систем. Тука се формираа политички партии врз етничка основа. Пропаднаа дури и некави формални обиди да се оствари мултиетничност, односно, граѓанинот, а не етносот да биде конституент на политичките партии. Партиите останаа затворени во својот етнос. Со тоа се продуцира не граѓанска, туку мултиетничка држава, држава на етнички-племенски заедници, а со тоа и широк простор за инструментализација на етникумот во шпекулативни, пред сѐ, политички интереси. Хомогенитетот на државноста е стално пред предизвикот на нарушување. Последните избори даваат надеж дека се случуваат одредени промени, повеќе под притисок на социјалната девастација, иако етноцентризмот сѐ уште е присатен во политичката прагма на партиите. 

Второ-бегајќи  од претходната идеолошка матрица, одделни партиски структури кои себе се презентираа како левица, но без дефиниран политички програм врз современите идеи на левица, туку повеќе како епигони на неолиберализмот, ги релативизираа основните вредности на нацијата, а со тоа отворија простор за десно ориентираните партии кои национализмот го вградија во својата програма за „одбрана“ на македонскиот национален идентитет. 

Трето. Под парадигмата за дезидеологизација на историјата и историските личности, одредени политички структури отворија процеси на релативизирање, па дури и оспорување на основните супстрати кои го чинат јадрото на македонскиот национален идентитет-јазикот, писмото, етногенезата, историското наследство кое го носи предзнакот македонско, носителите на идејата за самобитноста на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет, па дури и на институциите кои го носеа предзнакот национални. Целта беше да се предизвика прекин на државноправниот континуитет на Република Македонија со еден период кога, независно од идеолошката матрица која исто така е историска - минлива категорија, се создадоа државните, пред сѐ културните и научните, институции како центри во кои се создаваа вредностите значајни за македонскиот национален идентитет.

Просторот за повторно повампирување на големо-националистички аспирации на соседите кон Македонија беше отворен. Прашање беше кој прв ќе почне. Таа „привилегија“ ѝ припадна на Грција. Р. Македонија не беше таа која го предизвика тоа, затоа што македонското национално движење не се појави на балканската политичка сцена врз антибугарска, антигрчка, антисрпска или пак антиалбанска основа. Напротив, отвореноста за соработка со сите национални движења беше темелот на ВМРО  изразен преку ставовите на Гоце Делчев за поимање на светот како поле за културен натпревар.

Македонија никогаш никому не му должела. Напротив соседите, после поделбата по балканските војни ѝ останаа должни. За разлика од другите балкански народи, националната програма на македонското национално движење е отворена кон сите кои го признаваат нејзиниот идентитет и цели за создавање на сопствена национална држава во која било варијанта на балканскиот простор - од автономијата во рамките на Османлиската империја, преку разните идеи за балканка федерација и/или конфедерација до република како конститутивен елемент на југословенската федерација, па сѐ до самостојна и независна Република Македонија. Тоа е основната разлика на вредностите кои го дефинираат македонскиот национален идентитет и ја креваат на повисоко цивилизациско ниво во однос на големо-националистичките проекти на соседните држави. Оттаму невможе да се зборува дека Р. Македонија е соочена со национална криза. Станува збор повеќе за разлики врз кои принципи и вредности треба да се гради единството, од кои посебно би ги истакнале:

• Единство по прашањата за континуитетот на автентичното македонско национално движење и улогата на неговите водачи чие кредо е македонскиот национален интерес независно од сите кризи низ кои минувало какво било вижење од кои било личности;

• Единство за држвноправниот континуитет на Р. Македонија независно од идеолошките матрици кои не се само македонска специфика, туку се израз на развојот на секое општество во дадените историски услови;

• Единство по прашањата на македонскиот национален идентитет и неговиот капацитет да ги прифати универзалните вредности на мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество ослободено од стереотипите на етноцентризмот и верската исклучивост и во кое човекот е основната вредност од која произлегуваат сите други вредности;

• Секако дека националниот идентитет не преtставува категорија сама по себе изолирана од дадените економско социјални услови во кои се остварува или се губи човековото достоинство и станува објект на инструментализација на политичките профитери за кои, манипулирањето со националните интереси е најпогодната форма за владеење. Економско-социјалната девастација и творечката девастација се заемно условени процеси, а како последица се јавува исчезнување на интелигенцијата односно, во битката за гола егзистенција, нејзино трансформирање во политичко подани[тво и клиентелизам.    

 

У[те неколку напомени релевантни за градењето на стратегијата во процесот на развојот на националниот идентитет.

1. На Балканот конфесионалното поимање на нацијата е основна претпоставка за хомогенизација на нацијата (во поширокото сваќање на поимот нација-држава), на дадениот простор и во дадената државна заедница, посебно во услови кога станува збор за мулти-национална и мулти-конфесионална заедница. Идентификацијата на националното и религиското  (конфесионалното) е феномен кој на Балканот доаѓа до полн израз во 19-тиот  век. Но постојат и одредени специфичности. Додека кај Албанија, како мулти-конфесионална заедница албанството е издигнато на највисоко ниво на припадност (позната е изјвата на Енвер Хоџа дека најголемата религија на Албанците е албанството, независно од неговата религиска определеност), дотогаш особено во Грција припадноста на Грчката православна црква, е основен атрибут на националниот идентитет.

2. Во Србија пак, иако Вук Караџиќ, како еден од основоположинците на српскиот културен идентитет, спаѓа во редот на најголемите заговорници за натконфесионално поимање на нацијата, националната доктрина се определува со еднаквоста помеѓу нацијата и православието изразено преку СПЦ. Во секој случај идентификацијата на етничките заедници на Балканот со одредена религија никогаш не била апсолутна.

Современите сваќања, кои се втемелени како основни вредности на ЕУ базираат на протестанско-лутеранската доктрина за верата како личен однос помеѓу верникот и Господ, односно за секуларна држава во која граѓанинот е основниот конституент независно од неговата верска припадност. За воља на вистината овој принцип се релативизира кога е во прашање влезот на Турција како муслиманска земја во ЕУ.

Впрочем и кога се зборува за одредена архетипска поделеност помеѓу културно-цивилизациските кругови, што денес е доста присутно, забораваме дека ниту Османлиската империја може да се сведе само на Куранот, а притоа да не се земе предвид наследството од Византија или пак без наследството што го добиле тие две империи од античкиот свет. Средбите на културите и цивилизациите на Балканот се историски факт. Тука како што веќе е речено сретнуваме најмалку три кругови на култура;

• Западно-европскиот (односно католичко-протестантскиот со доминантно влијание на римскиот центар);

• Византиско-православниот;

• Османлиско (Отоманско),  исламскиот.

Но, и сите овие три круга колку меѓусебно и да се разликуваат, тие не се строго омеѓени. Всушност станува збор за еден континуиран долговековен процесс кој,  некогаш можел да се дефинира како медитерански, цивилизациско-културен круг, а денес се јавува како цивилизациско-културен круг интегриран или во процес на интегрирање во Европа.

Според тоа, посебно на Балканот не може да се зборува за чисто етничко-конфесионални, етничко културни или строго етнички омеѓени заедници. Впрочем што повеќе копаме по минатото, сѐ повеќе доаѓаме до спознанието дека сѐ некој од некаде дошол и ги донел своите традиции и вредности, дека на овие простори најдолговечни биле империите кои ги почитувале традициите и верските убедувања на народите и ги интегрирале во својата држава. Византија никогаш немаше да опстои под налетот на варварските племиња ако не ги прифаќаше нивните верувања, обичаи и традиции.

Проблемот е што во формирањето на нациите на Балканот примарни се културата и јазикот, односно традициите и митовите-историски, верски и културни, а за формирањето на нациите во Западна Европа примарно било формирањето на државата (јазикот на франките е германски, но тие се основачи на  француската држава).   

3. Кога веќе зборуваме за дезидеологизација или т.н. препрочитување на историјата тогаш тоа мора да се одвива во повеќе насоки. Дезидеологизацијата не се исцрпува само со чистење на идеолошката матрица на комунизмот, туку мора да ги зафати наслагите на туѓите влијанија, да кореспондира со процесите во соседните држави, посебно заради остатоците на етноцентричните стереотипи кои, директно или индиректно, се однесуваат и на македонскиот национален идентитет. Во спротивно ризиците од разнебитеноста на вредносниот систем врз кој почива македонскиот национален идентитет се многу поголеми и со подолгорочни последици.    

4. Политичкото организирање, во услови на повеќепартиски систем, кое базира на етничка основа и во себе ги содржи елементите на верска исклучивост мора да се трансформира врз граѓанинот како основен конституент на цивилната држава. Тоа само по себе продуцира едни поинакви односи од односите кои постојат меѓу државите, односи во кои лојалноста спрема сопствената држава се заменува со лојалност спрема  соседната, најчесто, држава во која е доминантен етносот на кој и тие припаѓаат. Посебен проблем претставува појавата на манипулација со државјанскиот статус кој се условува со изјаснување на штета на сопствениот национален идентитет и инструментализација на оваа појава во политичко-националистички цели.   

 

 

Ова се само некои напомени, повеќе како повод за критичка научна дебата која е неопходна во наредниот период на имплементацијата на Договорот  за добрососедство и соработка помеѓу Р. Македонија и Р. Бугарија, но и интензивирањето на преговорите со Р. Грција во чиј центар се наоѓаат и идентитетските прашања кои, заради својата сензибилост, но и политички, поточно политикански, интриги, бараат многу поцелосен пристап.

Васко Костојчиноски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе