Сомнителен закон за политичко рекламирање

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

Во својата претходна статија за МKД.мк, имајќи ја предвид економската криза која допрва следи, истакнав дека би требало да се суспендираат секаков тип субвенции за политичките партии кои доаѓаат од буџетот како и сите средства кои се наменети за партиско рекламирање и промоција, бидејќи таквата дејност не е трговска по природа и не е директно поврзана со поттикнувањето на вработувањата, здравството, безбедноста на граѓаните, храната или сместувањето на оние кои имаат најмногу потреба од тоа.

Како што многу од нас знаат, во сила е Законот за финансирање на политичките партии, кој подолу во кратки црти ќе биде и објаснет. На 19 јуни беше донесена Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии во која е пропишано дека четири милиони евра од вкупно нешто повеќе од пет милиони евра (0,15% од буџетот) кои претходно беа наменети за финансирањето на политичките кампањи, сега остануваат во буџетот. Тоа всушност значи дека за овие парламентарни избори на партиите ќе им бидат исплатени околу 1.161.000 евра. Одлуката во врска со намалувањето на финансиската поддршка на политичките партии е од огромно значење, не само поради тоа што четири милиони евра ќе бидат сочувани наместо да бидат залудно потрошени за рекламен материјал, туку и поради тоа што таквата одлука покажува дека и оваа „редуцирана“ сума пари е сосема доволна, ако не и повеќе од потребна за таа цел. 

Оттука си го поставивме и клучното прашање: Дали од финансирањето на политичките партии државата сноси повеќе позитивни или повеќе негативни последици?

Пред сѐ, треба да проучиме што е тоа што ја оправдува целта на финансирањето на политичките партии. Некои велат дека целта е да им се помогне на сите партии да се изјаснат и да можат да допрат до гласачкото тело, особено оние кои немаат или во минатото немале еднакви можности за тоа, бидејќи или се нов субјект на политичката сцена или немаат бројно членство кое би можело да учествува во финансирањето. Со постоечкиот Законот за финансирање на политичките партии предвидено е 30% од вкупните приходи да се распределуваат меѓу политичките партии кои добиле најмалку 1% од вкупниот број гласови на последните парламентарни избори, додека 70% се распределуваат меѓу политичките партии кои имаат пратеници во Собранието, согласно бројот на добиени мандати на последните парламентарни избори. Како што напоменав погоре, вкупните средства за финасирањето на политичките субјекти е 0,15% од буџетот на Републиката. Според вака пропишаниот закон очигледно е дека целта сепак не е сите партии да добијат еднаква шанса за свое промовирање пред народот, туку поголемите партии да се заштитат и искупат за својата сопствена некомпетентност која ја покажале во изминатиот мандат. Едноставно треба да се запрашаме, зошто им се потребни толку средства на партиите кои веќе имале свои претставници во законодавниот дом и извшната влас и најмалку четири години биле присутни во првите редови од политичката сцена и изложени на очите на јавноста, а притоа (и најважно) ние како граѓани сме ги почувствувале ефектите од одлуките кои тие ги изгласале и „спроведувале“.

Доколку сакаме разновидност во мислењата очигледно е дека треба да им се даде еднаква можност на сите со цел да ги искажат своите ставови и идеи, а тоа може да се оствари единствено по пат на подеднакво распределени средства меѓу политичките партии или блокови. Дополнително, треба да го споменеме и тоа дека во 2018 година, Законот за финансирањето на политичките партии беше изменет, а внесените измени и дополнувања се однесуваа на тоа дека на партиите им се дава на располагање двојно повеќе средства во споредба со тоа што имале пред донесувањето на оваа измена на законот. 

Моето второ прашање е дали мислите дека овие милион евра во оваа година успешно наменети за финансирање на политичките партии, а кои впрочем требаше да бидат пет милиони евра, се неопходни за зајакнување на демократијата во државата и за самото идно функционирање на политичките субјекти? Доколку заклучиме дека тие милион евра средства од буџетот не се неопходни за зачувување на изборниот процес и демократијата во државата, тогаш зарем не е поважно тие средства да послужат за успешно справување со кризата предизвикана од корона вирусот и со економската криза која допрва нѐ чека? Од друга страна пак, дури и да не постоеше пандемијата, зарем не сметате дека тие средства треба да бидат наменети за проекти кои директно ќе влијаат за подобрување на животниот стандард на граѓаните кои сепак се заслужни за полнењето на истиот тој буџет. 

Би сакал да истакнам уште неколку факти во врска со апсурдноста на финансирањето на политичките партии. Дали се наоѓаме во вонредна состојба, среде пандемија или не, единствен метод како партиите всушност изнаоѓаат алтернативини решиенија да комуникацираат со народот и да го придобијат неговиот глас и поддршка, моментално можеме да го видиме во рекламните спотови за претстојните избори. Доколку би прашале некого дали се радува и се согласува со тоа што тие спотови се финансирани токму од данокот кој тој го плаќа, секако дека би негодувал и веднаш би гласал да се пренаменат средствата за општо добро. Колку повеќе средства им се даваат на партиите, тие толку повеќе туѓите пари ќе ги трошат за рекламирање во медиумите и на билбордите по улиците, а со трошењето средства од буџетот ги трошат средствата за подобар живот на народот од кого на тој начин ја бараат поддршката и гласовите.

На самиот крај, да се запрашаме и зошто насилно се одземаат парите од буџетот и се користат за политички маркетинг? Дали сме сигурни дека трошењето средства за политички маркетинг ни носи поголем бенефит од тоа да се изградат болници, да се гради и подобрува инфрасткуктурата, универзитетите и што ли уште не? Статистиките несомнено покажуваат дека од 1991 година па сѐ до денес значајно опаѓа интересот на граѓаните да излегуваат на избори и да гласаат, а тоа само докажува дека зголемувањето на средствата за финансирање на партиите и нивните методи на трошење на тие средства не само што не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во политичките партии и самите политичари.

Иако Законот за финансирање на политичките партии е изласан на седница во Собранието, дали сите ние како граѓани на државата сме директно прашани и инволвирани во одлучувањето за тоа дали воопшто се согласуваме со овој начин на трошење на јавните средства кои несомнено се наша сопственост, а не нивна? Да бидеме реални, од овој аспект и во оваа ситуација ниту една партија не би се откажала самоволно од тие средства, бидејќи без нив би се нашла во непожелна позиција на самите избори, но се надевам дека некогаш некоја од партиите кои ветуваат чесно владеење (а тоа се сите партии) ќе собере храброст и ќе излезе јавно да проговори против овој, според мене, многу сомнителен закон.

Александар Богоевски

(Авторот на статијата е финансиски аналитичар и советник и е дипломиран економист на Технолошкиот институт во Илиноис, САД.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе