Со сите сили ќе се спротивставувам, овој договор да не влезе во сила

Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, доколку биде ратификуван, ќе влезе во аналите на историјата на дипломатијата.

Тој ќе биде единствениот договор помеѓу две држави, во кој едната страна доброволно, што викаат Србите „ничим изазваним“ капитулира и се откажува од својата историја и култура. Го менува името на сопствената држава, а со тоа и националната припадност на своите граѓани. Овој договор истовремено ќе влезе и во сите учебници по историја на демократијата. Ќе претставува пример, но и поука, дека најголема закана по демократиите не е крајната левица или десница. Најголема закана е кога власта ќе ја преземе клика која бесрамно го лаже и манипулира сопствениот народ. Нешто, од што демократските системи не можат да се одбранат, бидејќи очекуваат лидерите да имаат високо подигнат праг на сопствен систем на морални вредности и патриотизам. Цивилизациски достигнатиот  систем на морални вредности е основа врз која почива секој еден демократски систем. Насилничкото однесување кое го покажува оваа владеачка клика, (а кое, како и секое насилничко однесување,  е резултат на простаклук, предизвикан од недостаок на систем на морални вредности) во однос на сите национално битни прашања (употребата на албанскиот јазик, договорот со Бугарија, како и овој договор со Грција), веќе го доведува во прашање и постоењето на македонската нација. Нејзиното упорно инсистирање на поседувањето на апсолутната вистина за тоа што е добро, а што лошо за граѓаните на оваа држава, ги поткопува основите на македонската нација. Вушност примената на ваква практика, која е резултат на непостоењето, ниту на минимален праг на морални вредности, би ги загрозила темелите на секоја една нација во светот. Не постои ниту една власт во светот, која по вакви сериозни прашања, не побарува јасен национален консензус.

Примерот со Грција во овој момент се чини  е најприкладен. Грчката влада со овој договор доби сѐ што посака, но сепак, на барање на опозицијата, се согласи за неговата содржина да се расправа во парламентот. Во  Македонија, нашата легално избрана владеачка гарнитура, не само што тоа не го стори, не само што како од црн ѓавол, криеше за што се преговара, туку сега бара прво македонското собрание да го ратификува договорот, а потоа да се оди на референдум. По свадба тапани. Оној момент кога преку ратификација, овој договор ќе стане важечки, ниту свети референдум веќе нема да може да ја смени новата фактичка состојба. Токму и затоа во текстот на договорот во однос на референдумот стои „ако се одржи...“.  Поразително е, но за жал, ваквите трикови на владеачката клика како и во случај со Законот за употребата на албанскиот јазик, прво Собранието да го усвои, а потоа да се испрати до Венецијанската комисија, покажува дека  тие не само што немаат никаков морал, тие нѐ сметаат, сите колку што не има, на број, за морони. Нѐ гледаат во очи и без око да им трепне лажат. Лажат сушат!

Текстот на постигнатиот договор помеѓу Заев и Ципрас не заслужува никаква елаборација. 

Сепак, тој е добар повод за семакедонско обединување. Стана сосема јасно дека во овој момент граѓаните на Република Македонија, припадниците на македонската нација, немаат влада која ги штити нивните интереси. Може да звучи и патетично, но време е еднаш засекогаш да ја научиме основната лекција на демократијата. Секогаш гласај за некого. Никогаш не гласај против некого. Грешката што ја направивме сите заедно на последните парламентарни избори ќе ја платиме како што ги плаќавме и сите грешки,  до сега. Но тоа ќе се исплати само доколку ја научиме лекцијата. Без оглед кој и да е на власт, само ние, сите заедно, сме чуварите на нашата држава и нација.

Ние, а не некоја неморална владечка клика, ќе ја одредиме нашата судбина. За да го постигнеме ова јасно и гласно треба да кажеме: не е време за референдум! Време е за вонредни парламентарни избори! Само на такви избори, доколку победи партијата која сака   да ми ја смени националната припадност, тоа ќе го прифатам. Се разбира нема да ми биде драго, но ќе ја почитувам вољата на мнозинството граѓани. Сѐ до тогаш со сите сили ќе се спротивставувам, овој договор да не влезе во сила.

Јован Донев

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе