Ерван Фуере

„Сметам на вас“, им рече Макрон на Македонците кога гласаа да си го сменат името

„Сметам на вас“. Со овие зборови, претседателот Макрон апелираше до граѓаните на Северна Македонија да гласаат за Преспанскиот договор на референдумот на 30 септември 2018.

Во својата порака, вели Ерван Фуере (поранешен шеф на канцеларијата на ЕУ во Македонија) во напис за ЦЕПС, претседателот Макрон истакна дека Договорот од Преспа е клучен „за плановите што ги имаме за иднината на вашата земја“.

Излезе дека тоа е празно ветување.

Македонската влада, меѓутоа, му поверува. Македонскиот парламент го ратификува Договорот од Преспа и сега тој се спроведува, со што беше отстрането она што се сметаше за најголема пречка за пристапот на земјата во НАТО и во ЕУ. Владата направи сè што е во нејзина моќ, со, да признаеме, неколку ситни попатни сопнувања, за да ги исполни реформските барања утврдени од Европскиот совет во јуни 2018 година. Се надеваше дека одлуката за почнување преговори за пристапување ќе биде донесена годинава на јунскиот Европски совет, во согласност со препораката на Европската комисија уште во 2018 година, да се отворат преговори за пристап со Албанија и Северна Македонија.

Во јуни одлуката не беше донесена, па очекувањата беа дека зелено светло конечно ќе се даде на октомврискиот Европски совет, барем за Северна Македонија. Мал број земји-членки негодуваа во врска со случајот на Албанија, поради доцнењата на реформите и влошената политичка клима во таа земја. Во меѓувреме, со Северна Македонија дури и германскиот Бундестаг повика да се почнат преговори за пристап, одлука поддржана и од парламентот во Холандија, земја што прво негодуваше.

 

Француско вето во кревка околина

Сепак, Франција одлучи поинаку, претседателот Макрон одби да дозволи каква било одлука, дури и за Северна Македонија, инсистирајќи дека ЕУ треба да се концентрира пред сè на сопствените реформи пред да се залага за понатамошно проширување. Тој, исто така, повика на нова методологија на преговорите за пристап.

Притоа, тој ги отфрли постојаните повици од сите шефови на институциите на ЕУ и од другите лидери на ЕУ, особено од канцеларката Меркел, која се обиде да го убеди дека од клучно значење е ЕУ да ги почитува постојаните ветувања што ги дава во Западен Балкан низ годините и стратегиските интереси на самата ЕУ за приближување на земјите од регионот во ЕУ. Ако ова беше Макроновиот начин да се одмазди за тоа што Меркел изминативе две години не сакаше да прифати ниеден од неговите предлози за внатрешни реформи во ЕУ, тој сигурно успеа. Но по која цена?

Тврдоглавоста на претседателот Макрон ги разоткри недостатоците директно во срцето на политиката за проширување на ЕУ и му зададе тежок, ако не и смртоносен удар на кредибилитетот на ЕУ во нејзиното најблиско соседство. Разбирливо е ако сега лидерите на државите во регионот прашаат како некој може од нив да се очекува да веруваат во ветувањата на ЕУ ако на крај тие ветувања не важат? Како можат успешно да се борат против тврдокорните националистички елементи и криминалните мрежи, кои се задоволни кога гледаат дека статус квото продолжува?

Нема сомнеж дека континуираната двосмисленост во намерите на ЕУ кон регионот ќе служи само за зајакнување на оние негативни сили што работат против мошне потребните реформи. Исто така, дури и пошироко ќе им ја отвори вратата на другите актери што и премногу сакаат да го зајакнат својот отпечаток во регионот за да одговара на нивните соодветни агенди, за ЕУ веќе да не е „единствената игра во градот“. Претседателот Јункер беше тој што во своето обраќање за состојбата на Унијата во септември 2018 година до Европскиот парламент веќе ги истакна опасностите ако „нашето непосредно соседство го обликуваат други“, јасна алузија на растечкото влијание на Кина, Русија и Турција во регионот.

Приговорите што ги покрена Франција не се нови. Во своето обраќање пред Европскиот парламент во април 2018 година претседателот Макрон веќе истакна дека иако не е против самото проширување, тој е за натамошно продлабочување на процесот на евроинтеграција пред да се прифаќаат нови членки. Оваа година тој повика на реформи во методологијата на самиот процес на проширување, без да даде никакви специфики. Но зад овие приговори лежи една подлабока загриженост кај Макрон, на која тој индиректно алудираше за време на Европскиот совет. Укажувајќи дека Албанците се вторите најчести баратели на азил во Франција, тој посочи дека би било невозможно тој пред своите граѓани во сегашните околности да го оправда почнувањето преговори за пристап со таа земја. Поради тоа што во Франција за в година се закажани локални избори и поради големата траума со брегзитот, Макрон несомнено не е спремен да поддржи политика на проширување што не е популарна кај гласачите во Франција, особено кај оние во популистичката орбита.

 

Француски пристап што нема логика

Иако овие проблеми можеби се легитимни, решението предложено од претседателот Макрон за запирање на процесот на проширување на ЕУ се чини дека нема логика. Колку повеќе е ослабена перспективата за пристапување во ЕУ, толку е поголем егзодусот на младите луѓе што ја напуштаат не само Албанија, туку и другите земји од регионот. Колку подолги се доцнењата во процесот на проширување на ЕУ, толку потешко е да се задржи мотивација за мошне потребните реформи во регионот. Колку е поголема двосмисленоста во намерите на ЕУ во однос на Западен Балкан, толку послаб ќе биде адутот на ЕУ во однос на овие засегнати земји, со влошување на нивото на корупција и натамошно назадување во демократските реформи.

Потребна е реформа во преговарачкиот процес, но не треба таа да биде на штета на земјите од Западен Балкан што чекаат да влезат во ЕУ, а камоли на штета на почетокот на преговорите за пристапување. Нема причина зошто реформите не можат да се воведат додека се одвиваат преговорите.

 

Ќе успее ли новата комисија да си го врати лидерството во агендата за проширување?

Со новата Комисија што сега ќе го почне својот петгодишен мандат, сега е време да се воведат тие реформи, од кои голем дел се наведени во Стратегискиот документ на Европската комисија од февруари 2018 година. Освен моќната молба за поголем ангажман на ЕУ во Западен Балкан, тој содржи и конкретни предлози што, доколку се спроведат, може да ја направат многу поефикасна стратегијата за проширување на ЕУ. Колку е понаметлив надзорот врз реформите на земјите од Западен Балкан, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, толку повисок ќе биде квалитетот на овие реформи на долг рок. Оваа посилна контрола ќе одговори и на критиките искажани и од францускиот претседател и од холандскиот премиер, меѓу другото, дека во преговарачкиот процес не се става доволно акцент на владеењето на правото и одвојувањето на власта. Не треба да заборавиме дека феноменот на „заробена држава“ колку што беше неуспех на земјите од Западен Балкан да ги исполнат своите реформи, толку беше и неуспех на ЕУ, која дозволи тоа да се случи, игнорирајќи ги многуте предупредувачки знаци низ годините во неколку од тие земји.

Како што беше кажано многу пати претходно, Комисијата исто така ќе треба да го промени својот метод на преговори. Треба да се оддалечи од елитистичкиот процес управуван од привилегирани елити над поширокиот спектар на општеството. Тековните преговори со Црна Гора и Србија се типичен пример за овој елитистички пристап, каде што политичките лидери јакнат на сметка на демократските институции. Откако беше сведок дека земјите-членки игнорираат голем број од препораките на досегашната Комисија, новата Комисија ќе треба да работи напорно за да си ги врати лидерството во процесот на проширување и довербата кај истите тие земји-членки дека може да ги врши работите.

Сепак, останува прашањето дали некоја од овие реформи ќе биде доволна за да го убеди претседателот Макрон дека треба да продолжи процесот на интеграција на регионот Западен Балкан во ЕУ. Според заклучоците на октомврискиот Европски совет, тој „ќе му се врати на прашањето за проширувањето пред самитот на ЕУ / Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година“. Мала е надежта дека дотогаш ќе биде завршена која било внатрешна реформа на ЕУ. За да се реши изразеното непријателство помеѓу францускиот претседател и некои други со некои земји-членки на истокот, и самите предмет на критики во врска со владеењето на правото и прашањата на корупцијата, ќе биде потребно многу повеќе време.

 

Опасност од поголема политичка нестабилност и разочарување во најблиското соседство на ЕУ

Ова не е првпат Франција да ги блокира надежите на земја што аплицира за влез во ЕУ. Иако историските околности се многу различни, овој пат влијанието на француското non веројатно ќе биде далеку полошо. Покрај разбирливата огорченост и лутина кон ЕУ, веќе слабите државни институции и разнишаното владеење на правото ќе бидат дополнително поткопани од политичката нестабилност и парламентарните бојкоти. Сè поразочараната јавност, уморна од неспособните политичари што не ги исполнуваат ветувањата, а некои попат и се збогатуваат, ќе стане уште поотуѓена доколку иднината на земјата остане неизвесна, а пристапувањето во ЕУ неостварлив сон.

Автор: Ерван Фуере

ЦЕПС е водечки независен институт за европски политики

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе

Наместо ефтини штосови на прес конференциите на СДСМ, ВМРО и ДУИ, на кои во несвест паѓаат само  партиските послушници, нивните лидери треба да одговорат на конкретни прашања.

повеќе