Колумна на Јан Фигел

Случајот Камчев како една од пречките за евроинтеграција

Случајот со притворот за Камчев само ги нагласува дополнителните неуспеси на Северна Македонија да се придржува кон важните одлуки на Европскиот суд за човекови права.

На минатонеделниот самит на ЕУ-Западен Балкан во Словенија Еропската Унија ја потврди својата посветеност кон процесот на проширување. Зборот, а со тоа и целта „проширувањето на ЕУ“ се врати по неколку години неволност.

Северна Македонија е меѓу нациите што сакаат да се приклучат на ЕУ. Во септември, по посетата на Скопје, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека „Северна Македонија постигна извонреден напредок во реформите поврзани со ЕУ и донесе храбри одлуки“. Таа посочи дека не е прашање дали, туку кога треба да почнат пристапните преговори.

Како поранешен еврокомесар, ги поддржувам плановите за влез на поквалификуваните нации во Унијата. Сепак, очигледно е дека некои земји од Западен Балкан во моментов потфрлаат во некои клучни области пред да почнат преговори за пристапување.

Пред самитот за Западен Балкан беше потврдено дека поддршката на ЕУ за земјите кандидати е „поврзана со опиплив напредок во владеењето на правото ... и почитување на европските вредности, правила и стандарди“.

Според овие критериуми, Владата на Северна Македонија, законодавецот и судството имаат уште работа.

Во извештајот на Советот на Европа во јули се критикуваше третманот и условите за притвор во два затвори. Во извештајот се потенцирани лошите услови во ќелиите и се наведува дека ситуацијата е уште полоша поради необезбедени услови за активности за притворените лица, кои се случува да бидат затворени во своите ќелии во затворот во Скопје и по 23 часа дневно.

Еден од најпознатите притворени лица во овој затвор е северномакедонскиот бизнисмен Јордан Камчев, кој без судење во притвор е од 14 март.

Неговиот случај ги нагласува дополнителните неуспеси на државните органи на Северна Македонија да се придржуваат кон важните одлуки на Европскиот суд за човекови права (патем, правниот тим на г-дин Камчев веќе достави поднесоци до ЕСЧП во врска со неговиот случај).

Пред сѐ, со ваквиот третман на г-дин Камчев, Северна Македонија се откажува од своето ветување дека ќе ги следи препораките по пресудата на ЕСЧП за случајот Василкоски од 2010 година, кој се однесуваше на незаконски и неоправдан притвор.

Јавните обвинители не дадоа конкретни причини за продолжувањето на притворот на г-дин Камчев. Тие, исто така, не ги разгледаа алтернативите за долгорочен притвор, како на пример домашен притвор, што е во директна спротивност со пресудата за Василкоски.

Правниот тим на г -дин Камчев тврди дека јавните обвинители не ја доставиле целата релевантна документација во врска со нивните барања за продолжување на притворот на обвинетиот, а Апелацискиот суд не одржа јавна расправа за овој случај. Покрај тоа, обвинението засновано само на белешка од Агенцијата за национална безбедност (тајна служба) со мешавина на невистинити информации е незаконска основа за лишување од слобода и мириса на злоупотреба на власта.

Осудата на Советот на Европа за условите во затворот во Скопје стана очигледна по притворот на г -дин Камчев, кога тој беше затворен во ќелија од 4 м2 без проточна вода или санитарни јазли. Народниот правобранител на Република Северна Македонија, кој има мандат за заштита на правата на граѓаните, го критикуваше „нечовечкиот и понижувачки третман“ на г -дин Камчев. По ова загрижувачко известување ќелијата беше затворена.

Летово здравствената состојба на г -дин Камчев се влоши и тој беше префрлен во болница и вратен во затворот само неколку дена подоцна. Но тој сѐ уште страда од сериозни, долгогодишни кардиоваскуларни проблеми. И покрај тоа што не е обвинет за какво било дело, тој е во затвор веќе седум месеци.

Семејството на г-дин Камчев побара моја помош за ова прашање и јас сум подготвен да се сретнам со сите релевантни страни за да најдеме решение кое ќе ги задоволи барањата на обвинителите, истовремено почитувајќи ги правните и човековите права на г -дин Камчев. Веќе го посетив г -дин Камчев во затвор, и неодамна се сретнав со неколку релевантни службеници во Скопје.

Концептот за владеење на правото, заштита на човековите права и правда за сите мора да важи за секој граѓанин што живее во Европската Унија и за луѓето што живеат во земјите кандидати.

Државите како Северна Македонија мора да бидат одговорни за обврските што ги презеле за спроведување на казнените и судските реформи, во согласност со европските правни пресуди и прописи.

Не може да се дозволи да се бира кои законски елементи ќе се спроведуваат, а кои ќе се игнорираат, како што е во случајот со г -дин Камчев. Законот мора да важи подеднакво за секого, цело време.

Искрено се надевам дека ЕУ ќе продолжи со своите планови да ги прими земјите од Западен Балкан без дополнително одлагање. Со цел да се олесни овој процес, апелирам до Северна Македонија да ги почитува своите обврски за почитување на владеењето на правото и човечкото достоинство за сите.

Јан Фигел, Јуропиан пост 

(Јан Фигел беше европски комесар (2004 - 2007), специјален пратеник на Европската Kомисија за промовирање на слободата на вероисповед надвор од ЕУ (2016 - 2019). Во моментов тој е член на Меѓународниот совет на експерти во Алијансата IRFBA формирана во февруари 2020 година.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе