Колумна

Скопје во статус-кво, Македонија пред соочување со себе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

Овие пар недели кулминира епилогот на ланските предвремени избори: онеспособените институции се последица на етно-македонскиот договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за изолирање на сите останати, а пред се на ДУИ и неконтролираните (читај: вон поредокот) Албанци, но и Македонци, Срби, Турци, Власи и Роми. Скопје, притоа, е дефиниција за власта и тековната имитација на партиско живеење, а Македонија и Македонците пред странците и не-Македонците веќе не се ан-блок идентификувани низ овие две партии.

Малкумина навреме укажавме дека номинирањето на кандидат за премиер-Албанец еднакво со инсистирањето на спроведувањето на потпишаните (Софиски и Преспански) договори како основа за формирање Влада беше повеќе од предизборен „гешефт“ на Ахмети. Тоа целеше кон промовирање на принципот дека пристапот кон институциите и функциите не е етнички селективен, како прв јасен придонес кон градењето на политичката нација. Ова и процесите од август 2020 до денес го засилува заклучокот дека ДУИ е позиционирана како...

Повеќе од обичен инструмент на промените

Означувајќи го Гоце Делчев како неспорен национален херој на Македонците којшто не се срамел со кече на главата да се обрати кон Албанците за заедничка борба против Отоманската империја во кампањата, Ахмети најави политичка цел – спроведувањето на договореното да е заедничка и рамноправна обврска на Македонците, Албанците и сите во Македонија во рамките на политичката нација која ги договара приоритетите внатре и ги гарантира идентититетите надвор од Македонија. За жал, за „традиционалните“ партии на Македонците побитно беше кечето на главата на Делчев, одошто неговата поврзувачка улога во борбата за слобода на територијата на Македонија.

Оваа подадена рака од дневна перспектива на изборите личеше само како посегање кон коалицискиот партнер. Но во рамки на поголемата слика, денес таа се покажува како изданок на едно транс-атланско тело кое имало за цел да ја извади политичката нарација и акција на Македонците и Албанците од тридецениската тиња на ретро-југословенската партиска реторика и институционална пракса неприлична за НАТО-вска, ЕУ-кандидатска Македонија. И од слоевите турбо-фолк партијашење, југоносталгична академика и идео-идентитетска патетика, нафрлени над скопската наследена политичка камарила дворена по амбасадите и промовирана низ контролираните медиуми во Скопје за да се одржи контролата на моќта врз финансиите преку медиумите, економијата, судството и пред се – институциите.

Откако партиите и медиумите на македонски уиграно го игнорираа третиот „шпиц-кандидат“ за премиер, пораката дека „по старо“ не оди стигна со софискиот Меморандум и следствено, со запирањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Премолчувањето на ова во Скопје го засили молкот околу Македонија и на крај ја илустрира немоќта на партиите на Македонците вакви какви што се, да решаваат проблеми и приоритети: расчистување со југословенското наследство на контролираната економија и судство, одбранбено-безбедносните служби, идеологизираните и партизирани медиуми и наука. А за југословенистите, службењаците и нивните генерациски семејно-клановски производи сега, откако Белград ги отпишува, а Атина, Софија, Брисел... не ги запишуваат – бегањето во амбасадори и академици е последото уточиште на маскирање на трагите од соучесништвото во креирањето на Милошевиќевистичката тиња во македонското мочуриште од 1980-тите години.

Ова пред Македонците ја разоткрива, а пред сите други само ја потврдува играта на контрола врз политичката реч за прикажување на „големите партии и нивните лидерства“ како единствена гаранција за постоењето на Македонците. За кои од 1918 проектирана закана дома се Албанците кои, следствено, треба да се држат „под контрола“. Ако веќе мора да се во институциите, да ги водат номинално, „да си се вработуваат во нив“, но никако суштински да им ја креираат политиката. Веројатно ова е причината што нашиот дипломат и еден од ретките аналитичари без партиски претензии кој длабински ги „сецира“ интегративците, Арсим Зеколи, неделава сепак прецизно мораше да предупреди на опасностите од обидот за одржување на „владеењето на правото на владеење“ кај партиите на Македонците.

Тоа „владеење на правото на владеење“ шго како Македонец го идентификувам и како загрозување токму на интересите на Македонците опишано погоре, „странците“ го имаат идентификувано низ праксата на парто-македонските елити за потпишување без примена или со одложување како за Охридскиот договор. Затоа Атина во Преспанскиот договор ризикот од ваквото однесување го превенира со јасни постапки и рокови, Софија сега го прецизира во „Акциски план“, а Брисел го ефектуира во неприфаќање на екс-ју (читај: старо-белградските службењачки) изданоци во одбраната од Македонија замислени да станат источен (пред се руски) трн во западната НАТО чизма.

Оттука и разликата на односот на Македонците кон Албанците и Бугарите и на скопските елити кон партиите на Албанците во Македонија и кон Бугарија. За Македонците македонската припадност е изворна сопствена идентификација која не е насочена против (Албанците, Бугарите, Грците или Србите), а за нивните партии македонизмот е средство за одржување на власта и моќта низ конфронтација на Македонците со сите дома и околу. Ваквата разлика во односот кон Албанците, меѓу Македонците и партиите на Македонците сумирано гласи:

„Само ДУИ е партија“ наспроти „За се се виновни Шиптарите“

Како и досега, убеден сум дека во политиката е полесно да се оди „низ реката“, но покорисно е да се согледа реалноста, колку и тоа да личи болно. Затоа, без глорификација или субмисивност, време е да се соочиме дека додека дуистот Османи е добродојден гостин од Хелсинки, Прага и Братислава, преку Букурешт и Софија, до Атина и Подгорица, вмровецот Мицкоски е добродојден само кај некои пријатели од ЕПП, а социјал-демократите Пендаровски, Заев и Димитров само во македонските телевизии и портали. Но и дека никој вон Македонија не е заинтересиран за нивните партиски позиции, туку за институционалните, кои тие се до сега избегнуваа да ги усогласат, изградат и официјализираат – низ Собранието.

Препорачувам – не само низ затворена седница на собраниската Комисија за надворешни работи, туку на пленарна седница, не врз основа на осуда на позициите на бугарското Народно собрание, туку низ документ што одразува решителност да се спроведува софискиот Договор со јасно назначување дека политиката и историјата се одвоени, дека правецот на проектирање на Македонија е во регионална раскрсница – дел од НАТО и ЕУ, а не само во двонасочна патека на еден правец. И не само со барање отчет од Османи, туку и од Димитров и Заев. Бидејќи време е за...

Институционализација на политиката, за да се знае кој и за што носи одговорност

Ефемерните седенки на Заев и Мицкоски кај Пендаровски, со или без претставниците од партиите на Албанците се минато. Лидерските средби се веќе небитни откако се исцрта потребата од собраниско дефинирање на позициите на Македонија за спорот со Бугарија.

Целокупната санитарна политичка изолација на која наидуваат Заев, Димитров, Пендаровски, па и Мицкоски од соседството до континентот, заедно со пораките на европската јавност дека е потребно спроведувањето на (духот на) Софискиот договор (германскиот амбасадор во Скопје), на суштински реформи и борба со корупцијата (холандскиот амбасадор во Скопје), но и дека мора да се разбере дека позициите на Софија се уважени од Лисабон до Берлин и Париз... сите заедно ги враќаат политичарите Македонци на основата – градењето и формулирањето на ставовите и позициите за напредокот во интеграциите да се прави во институциите (Собранието) наместо низ медиумите. Исто како што со уважувањето манифестирано кон Османи, пораката од сите домаќини е дека за нив не е битно дали (ерес!) северно-македонскиот министер е Бујар или Бранко, туку дали тој ги одразува ставовите на Собранието и политиката на Владата.

Затоа што веќе сите видоа – Македонија стана Северна и тоа е најмалото прашање од Преспанскиот договор. А останатите – поголемите и посуштинските – се прашање на умешност на толкувањето паралелно со спроведувањето на договорите според нивното слово и дух на позитивно решавање на предизвиците. Охридскиот, за функционализација на односите меѓу Македонците и Албанците во една нова република и Софискиот и Преспанскиот, за функционализација на смислата на Македонија во регионот.

Секако, далеку од едноставен, ова е расположливиот процес што мора да го преземеме како свој дел од одговорноста за градењето на новата република:

Одговорноста ја носат сите граѓани само ако моќта не е етнички и клановски монополизирана

Се дотогаш, нема ниту жива економија вон буџетот и субвенциите, ниту функционално судство, ниту медиуми со спектар на информации, ниту меѓуетнички односи, ниту внатре-етничко разбирање... ниту вистинско решавање на споровите со соседите, ниту евро-интеграции.

И како Македонци, на пописот ќе го поставуваме прашањето за бројот на Албанците за да не се запрашаме „А каде и колку всушност сме ние, Македонците?“ Во 650-те илјади иселени државјани на Македонија, конзервативно гледано, 400.000 сигурно се Македонци, нели? И за да не го поставиме суштинското прашање: колку политиките и монополот на „македонските“ партии всушност ги иселија – Македонците?

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец. Нека се потсетат дека НАТО-вска Македонија е дел од балканската потковица на Алијансата што се протега од Јадранот, преку Егејското до Црното Море, а како што Македонија е во НАТО - и НАТО е во Македонија.

Дали ДУИ ќе продолжи да биде (и повеќе од) инструмент на промените, останува да се види. Дали Села ќе сака да биде само друг Ахмети за Мицкоски – исто така останува да се види. Демонополизацијата на политичката сцена кај Албанците се случи уште во 2016.

Затоа, сега е време за повикот и кон нас, Македонците, да имаме јасна идеја и сакаме да застанеме организирано во градењето на таквата нова република. За нас, сите, а не против „нив“ или „другите“. Оти ако нема нова република, ќе има нова нестабилност.

                                            Ивон Величковски,

иницијатор на Движењето за нова република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот.

повеќе

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе