Сизифскиот процес за Македонија

Па како што велеле НЕ моите омилени македонски преродбеници од 19 век, и јас ќе кажам НЕ на овој предлог.

Пред многу години пишував за Процес(от) за Македонија (Утрински весник, 10. 11. 2003) кој за жал е започнат со политичкото решение за неканонското укинување на Охридската архиепископија во 1767 година со што беше и отворено македонското прашање.

На овој напис му претходеа: Срам–Судбоносно решени (за) Македонија (Дневник, 8/9. 09. 2001), Постои Македонија – не постојат Македонци/Постојат Македонци – не постои Македонија (Дневник, 1/2. 06. 2002), Иднина без традиција (МИК, бр. 2, 11. 2003). Тоа беше период во кои беа поставени многу значајни прашања за текот на евроинтеграцијата на Македонија, а беа носени решенија кои го заплеткуваа и она веќе гордиевиот јазол околу македонското прашање. И процесот течеше со своите успони и падови за да дојдеме до она што пред многу години го запишав како една од последниот потомок, од последните Македонци. Сизифовската борба за македонскиот национален идентитет дали дојде при крај; обвинението за Јозеф К. на Франц Кафка дали ќе стане извршно?!

Деновиве Македонија повторно стана атракција за европските политичари. До нас се упатуваат пораките да мислиме: рационално, мудро и одговорно, да мислиме за иднината на нашите деца. Најпрвин ни се обраќат со дипломатска мудрост – „Македонци, имате историска шанса, кажете ДА за почетокот на преговорите со ЕУ“, за потоа да ни кажат дека ќе сме се стекнале со „отпорност на вашиот идентитет“. ЕУ „ќе направи сѐ што може да спречи доколку некој се обиде да го расипе процесот“... бидејќи таа „сака да ги сподели вредностите со луѓето од С. Македонија“.

Меѓутоа се прашувам колку ќе може и дали ќе сака, бидејќи нас не ни треба некој да може, туку да сака да не нарече македонскиот народ, а не луѓе. Нам ни треба гаранција на тој пат!

Ни порачаа и дека „свесни сме за загриженоста што ја изразија некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет и може да сметате на мојата целосна поддршка како претседател на Европскиот совет дека систематски ќе стојам зад вашите лeгитмни права“. И повторно македонскиот народ (барем 80%, а нека е и помалку, кои не се согласуваат со предлогот) го сведуваат под „некои луѓе“! И повторно ни се нуди поддршка наместо гаранција! Додека за македонскиот јазик ја добивме најсилната, зацементирана позиција: дека предлогот го почитува тоа дека тој бил наш јазик и дека „целото европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик“!!! Не сум правник, но како обичен граѓанин оваа изјава не ми значи и не ми нуди никаква гаранција!

На крај ни беше посочено дека нашата земја е „пример за мултуетничка држава“, па индиректно ни беше кажано и дека сега треба да биде пример за мултиетнички устав!

Е па за да бидеме пример, да бидеме рационални, мудри, одговорни и да покажеме дека не мислиме само за иднината на нашите деца, туку дека мислиме за македонскиот народ, дека мислиме на нашите претци, на нас самите и на идните генрации, се повикувам на „отпорноста“, на македонската пирејска истрајност низ векови. Па како што велеле НЕ моите омилени македонски преродбеници од 19 век, и јас ќе кажам НЕ на овој предлог.

Наспрема формирањето т.е. проширувањето на денешната ЕУ, во 19 век започнал процесот на формирање држави и нации, а со тоа и нормирањето на литературните јазици. Во 1850 година, во Виена, Вук Караџиќ и Иван Мажураниќ потпишале договор за зеднички српско-хрватски/хрватско-српски литературен јазик. Во духот на сесловенството во 50-те бил направен обид за создавање општ литературен јазик меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Но Партениј Зографски кој размислувал на таа линија во 1858 година истакнал „за да может да се составит еден општ писмен јазик прво е потребно да излезат на јаве сите месни наречја и дијалекти на јазикот ни, преку кои општиот јазик ќе се ѕида. Додека не се направи тоа никој нема право да седи и да реди општ писмен јазик“. Партениј не се согласил Македонците да примат писмен јазик далечен од нивниот народен јазик.

Ѓорѓија Пулевски имал јасен и дециден став на себеопределувањето дури и кога неговата егзистeнција била во прашање; тој не ја фрлил народната мијачка облека: „Ако вие сакате да си го фрлам народното облекло, со коешто сум пораснал и толку време сум работел за својот народ, тогаш јас не ви ја сакам ни службата ни платата“. За него Македонија била татковина на Македонците, а во 1880 година запишал „Пи. Мије каков јазик зборуваме и како го вељат нашево зборување од Македонија? Од. Мије Славјани, кои се наодиме од Македонија, на јужноисточниот крај (на) Јевропа, од Шар до Доспат, Старославјани сме и нашијов јазик се велит мијачки, кое значи чист разговор“ и „македонскиот јазик се именува с. македонски, дека с. македонски је најсроден со црквено-славјанските книги и тој је старославјански“.

Григор Прличев не ја прифатил стипендијата да студира во Лондон, бидејќи требал да напише дека е Грк. Тој се вратил во Охрид каде својата дејност ја посветил на македонскиот народ, на борбата за обнова на Охридската архиепископија. Тој во словот Чувај се себеси од 1866 година, го советувал својот народ дека човек треба да знае како да живее, кои морални норми да ги спроведува, дека мора сам да се чува, а не да очекува дека некој друг ќе го чува и дека ако човекот знае да се чува себе си, ќе ја чува и татковината: „Господ ти даде разум, и ти рече чувајсе. А ти се нечуваш, та тргаш. Ех! Кој ти је кабаетлиа; Та ние, господари не можиме да речиме оти сме ја закрепиле старата слава Охридска, не можиме да речиме оти сме љуге не можиме да речиме оту сме живи. Ние ушче на животта сме мртфи“ бидејќи „у нас чувајне не­мат. Европјанинот се чуват“.

На крај ќе завршам со зборовите на Никола Наумов, член на лозарите, кој во 1891 година во в. „Македонија“ го објави програмскиот текст Интелигенцијо, црно да ти е лицето!:

„Затоа, време е веќе македонската интелигенција да преземе самата иницијатива за разрешувањето на своето прашање; минатото да ѝ послужи како лекција; да не остава македонското прашање да го експлоатираат и да го монополизираат; да покаже пред целиот образован свет дека Македонија има своја интелигенција што е во состојба да ги жртвува не само личните интереси, но дури и самиот свој живот за достигнувањето на идејата и со тоа да покаже дека и македонскиот народ, без разлика на вера и народност, е достоен за политичка слобода и култура“.

 

проф. д-р Валентина Миронска-Христовска,

научен советник во Институтот за македонска литература

Одделение за македонска литература во XIX век

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе