Сигнали за тревога

Една голема планина искачивме, ќе ја искачиме и оваа, најавува Димитров. Видовме како ја искачија првата – ем промена на името на Македонија, згора уште и ерга омнес - се навестува како ќе ја искачат и оваа.

Во Македонија јавноста се замајува со афери, судења и дубиозни ликови, со лидерски средби и влијанието на короната за има-нема избори во јуни. Бугарските уцени се потиснати во втор план и се превидуваат сигналите дека на Македонија, по промената на името, и претстои ново понижување.

Контурите на драматургијата се распознаваат, моментот во кој поранешен министер за надворешни работи на Македонија ги пласира во јавност скандалозните ставови во однос на Гоце Делчев и неговата наводна бугарштина никако не може да е случајно одбран. Зошто Денко Малески се огласи токму во ова време, а не, на пример, пред потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија?

Сегашните реакции се потврда дека јавно изнесување такви ставови тогаш можеби би го попречиле прифаќањето договор со такви услови во него и би го загрозиле опстанокот на сѐ уште во тој момент кревката влада на Заев. Тоа е перфидното во оваа сторија и нејзините временски одредници. Сега, откако беше обелоденето дека бугарските ставови во однос на македонскиот јазик, историја и самобитност станаа дел од официјален документ на самит на ЕУ и беа разобличени намерите на македонската (СДСМ-овска) власт тоа да се прикрие, а не уследи ни никаков официјален протест или осуда од македонска страна, стана многу јасно каква е целта и зошто токму во овој период се појави текстот на екс-министерот Денко Малески. Тоа е во функција на подготовка на јавноста во Македонија за нови отстапки пред притисокот од „добронамерното” соседство, само сега од источната страна.

Официјалната реакција на претседателот на Македонија по големата бура што се крена во јавноста, дека станува збор само за индивидуален став, е неприфатлива оти е неверодостојна: прво затоа што Малески е не само поранешен шеф на македонската дипломатија, туку и актуелен советник на претседателот, а тој не најде збор на осуда, ниту помисли да го смени од советничката позиција, а второ, оти и самиот Стево Пендаровски уште пред Малески излезе со став дека Гоце Делчев, револуционер и деец кој го даде животот борејќи се за македонската кауза, се декларирал како Бугарин. Се гледа во која насока оделе советите на Малески.

Диференцирано право на спротивен став

Оркестрирано или не – сеедно, но веднаш се јавија докажани медиумски првоборци на СДСМ и заевизмот во одбрана на Малески, односно на неговото демократско право јавно да го искаже својот став, независно од тоа дали некому му се допаѓа или не, дали некој се согласува со тоа или не. Таквото право апсолутно го подржувам иако моите гледишта се на спротивната страна од оние на Малески; она што ми пречи е фактот дека истите тие не само што не се заложија за почитување на правото на различно мислење на противниците на Преспанскиот договор и промената на името на Македонија, туку и се натпреваруваа во изнаоѓање што попогрдни квалификации за да ги оцрнат.

Повторно решение според моделот „ерга омнес”?

Настаните што уследија ги доисцртаа контурите на драматургијата. Бугарската министерка за надворешни работи повеќепати нагласи дека од нивна страна се инсистира Македонија да ја признае „заедничката историја” (што во нејзината земја се сфаќа како единствена историја на бугарскиот народ оти македонски народ за нив не постои до 1945, па ни денес), а се признава моменталната (некако имам чувство во Македонија превидувана финеса!) состојба – реалноста на македонската национална определба и македонскиот јазик. Поедноставно кажано: вие нам и Илинден и Делчев, односно  историјата до 1945, ние вам периодот потоа, со задршка дека таа реалност е моментална, што остава простор и дека може да биде и променлива.

Она што најмногу ме вознемирува и го доживувам како најсилен сигнал за тревога се реакциите од македонскиот политички врв. Претседатетелот на државата во интервјуто за ТВ24 вели дека никој од политичарите во Бугарија „не ја спори сегашноста. Ниту јазикот, ниту нацијата ниту етничката припадност. Сите од бугарска страна велат дајте да видиме сега во историјата како било. Мислам дека тоа може да биде појдовна основа”. Сосем во духот на изјавата на Захариева. А двајцата главни актери на овие модерни македонски премрежија, поранешниот премиер и неговиот тогашен и сѐ уште актуелен министер за надворешни работи? „Би бил неискрен ако не кажам дека договорот со Бугарија мораме да го спроведеме”, вели Заев,  „Една голема планина искачивме, ќе ја искачиме и оваа”, најавува Димитров. Видовме како ја искачија првата – ем промена на името на Македонија, згора уште и ерга омнес - се навестува како ќе ја искачат и оваа.

Залудно себепонижување?

Во акцијата за нов политички автогол, Денот на победата над фашизмот македонскиот политички врв го стави во сенка на Денот на Европа. Наместо да се гордее што – за разлика од Бугарија - беше на вистинската, победничка страна во најголемата и најстрашна војна во историјата на човештвото, на одбележувањето на 75-годишнината од величественоста победа македонските политички челници прво „пееја оди” за европското обединување, а потоа го спомнуваа значајниот јубилеј без задлабочување против кого војувале македонските партизани. Прашање е само дали тоа беше некој вид додворување на ЕУ-бирократите од Брисел заради очекуваниот (и досега сѐ уште не добиен) конкретен термин за почеток на преговори или можеби за да нема „Трето полувреме”, за да не мора да се спомне улогата на тогашната фашистичка Бугарија токму во Македонија во Втората светска војна?! Оти, „љубениот” им бугарски премиер може да се налути и да им подвикне - како што веќе има постапувано, па тие ќе мораат да се извинуваат - како што веќе имаат правено. Во неговата Струмица Заев набргу по потпишувањето на договорот за добрососедство побрза од споменик во центарот на градот да го избрише она „фашистички” што се однесуваше на Бугарија. Нареден чекор ли ќе биде да се избрише тоа во однос на Бугарија и од историјата на борбата на македонските партизани во Втората светска војна?

Играјќи „ол ин”, што Заев самиот своевремено го најави, може со голема веројатност да се очекува дека ќе ги прифати сите бугарски барања и уцени, како што впрочем стори и во преговорите со Грција. Конечно, колку му значат вредности како национална гордост и достоинство јавноста можеше да слушне и од „бомбите”, во кои со неговиот „сочен” (читај „уличарски”) јазик кажа што мисли за името на државата или за делот од народот што не гласа за него. Само, за разлика од случајот со НАТО, овде ни со секакви други отстапки и понижувања на Македонија не ѝ е гарантирано местото во ЕУ, оти и меѓу земјите кои лицемерно ѝ честитаат за наводниот напредок, има такви, кои всушност не ја сакаат како рамноправен член на европската трпеза. Така, на крајот на Македонија може само да ѝ остане горчливиот вкус на себепонижувањето.

 

Зоран Јордановски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе