Колумна

Што се случи со левицата во Источна Европа по 1989 година?

И која е нејзината иднина?

На 26 октомври, на официјална церемонија во Вашингтон, на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ ѝ беше врачена наградата Фулбрајт за животно дело. Опкружена со високи достоинственици, таа се сеќаваше дека како мало девојче родено на „погрешната страна на Железната завеса“, сонувала да отиде на места каде што „луѓето можат слободно да зборуваат“.

Сепак, Китаровиќ е родена во Југославија, која не беше зад Железната завеса и нејзините граѓани имаа право слободно да патуваат. Всушност, самата таа во 80-тите години успеа да замине во Соединетите Држави на средношколска програма за размена на ученици.

Зад овој незгоден лапсус, што не е ретка појава за десничарската хрватска претседателка, лежи голема концептуална забуна, свесна или несвесна, предизвикана од оркестриран напор да се прикрие, искриви и фалсификува историјата со цел да се влијае на политиката. Историскиот ревизионизам фокусиран на Втората светска војна и следните четири децении од социјалистичкото владеење не само што ги променија перцепциите на јавноста за историските настани, туку влијаеја и на политиката во Источна Европа по 1989 година, а особено на левицата.

Падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година го најави падот на државниот социјализам низ целиот регион. За првиот словенски папа, Јован Павле Втори, падот на комунизмот беше неговото најголемо религиозно достигнување, чудо во кое помогнала самата Богородица.

Откако беа растурени старите режими, западните експерти нагрнаа на Истокот за да му дадат инструкции на локалното население како да се „европеизира“ и да се приватизира. На пример, американските феминистки (кои во својата сопствена земја никогаш не виделе платено породилно отсуство загарантирано со закон) нагрнаа во Источна Европа за да им ги објаснуваат правата на жените на жени што имаа и до четири платени години породилно отсуство (ако сакаа).

Под превезот на старите и новите антикомунистички митови и мистерии, земјите од регионот почнаа политичка и економска транзиција, која се разликуваше од земја во земја. Во поранешна Југославија тоа остави ужасни лузни поради војната и геноцидот на Сребреница.

Во првата фаза на транзицијата, парламентарните институции, кои беа практично замрзнати од еднопартискиот систем, беа реактивирани и повторно беше воспоставен повеќепартиски систем. Првите избори ги донесоа на сцена главно помалку компромитираните социјалистички лидери и антирежимските дисиденти од 1970-тите и 80-тите години.

Поранешните социјалисти генерално беа етикетирани како „леви“, иако не од многу разумни причини, бидејќи некои од нив наскоро јасно ги покажаа своите десничарски склоности. Ова не требаше да биде изненадување: на крајот на краиштата, комунистичките партии во регионот честопати донесуваа политики поусогласени со десничарските идеологии.

Западот очекуваше од дисидентите, кои до 1989 година се бореа за похуман социјализам, да поддржуваат поконзервативни, десничарски и антикомунистички погледи. Значи, ако сакаа да го искористат политичкиот капитал добиен од западната поддршка и да добијат моќ, тие исто така требаше да се свртат кон десно.

Во меѓувреме, вистинскиот антикомунизам воскресна од остатоците од неговата смрт во 1945 година преку постепено ревидирање на историјата на Втората светска војна. На пример, во Словенија, нацистите и фашистите сè уште се гледаат како непријатели. Но, според ревизионистите, тие го почитувале законот и сакале само мирна окупација, во која Словенците ќе живееле пријатно под крилото на кооперативната католичка црква.

Според нив, комунистичките партизани, кои ја ослободија Југославија со мала помош од сојузниците и од советската армија кон крајот на војната, требаше да бидат виновни за сè лошо што следуваше: социјализмот, федерализмот, еднаквоста за претходно маргинализираните етнички групи, поствоените убиства без судење на осомничени нацистички соработници итн.

Огорченоста од „наметнатата“ етничка еднаквост во постјугословенска Словенија резултираше со исклучување на околу 26.000 лица што се сметаа за „несловенечки“. Во 1992 година беше издадена тајна наредба само до јавните службеници, вклучително и полицијата, да им ги одземе правата на несловенечките жители што не се пријавиле за словенечко државјанство. Како резултат на тоа, многумина од тие 26.000 загубија сè - семејствата, домовите, работните места, пристапот до здравствени и социјални услуги. Многумина беа принудени да заминат и никогаш не беа обесштетени иако словенечкиот Уставен суд и Европскиот суд за човекови права пресудија во нивна корист.

Во исто време, во Словенија и на други места, посебно внимание им беше посветувано на жртвите на репресијата под комунистичкиот режим. Специјални институции беа формирани за проучување на проблемот, државни пари беа давани за ексхумација и форензичка анализа на масовни гробови, а беа подигнати и разни споменици во нивен спомен. Научната точност и професионализмот на истражувањата направени на оваа тема беа спорни и сомнителни во некои земји.

Последниве години, десничарската словенечка Демократска партија отвори вистински пропагандна група медиуми со унгарски пари, кои објавуваат ист материјал, демонизирајќи ја левицата и стигматизирајќи го комунизмот, социјалистичкото минато, Југославија, сите несловенци, ЛГБТК-заедницата, бегалците, исламот, правата на жените и др.

Слични наративи и случувања имаше и во други постсоцијалистички земји. Тие беа придружени со појава на расистички, неонацистички, сексистички, патријархални екстремистички групи и политички партии, кои стануваа сè понасилни.

Триесет години по падот на ѕидот, антикомунизмот во нацистички формат јакне против парламентарната демократија во транзиција низ цела Источна Европа. Прилично е фасцинантно тоа што иако секоја година Западот ја слави победата на сојузниците над Оската и помирувањето со Германија (италијанскиот фашизам е скоро заборавен во официјалните ритуали), воопшто не го вознемирува растечкиот ревизионизам во Источна Европа.

Во контекст на демонизацијата и историското изобличување, не се појави ниту една сигурна и генерално прифатлива заедничка идеолошка основа за левицата во постсоцијалистичкиот свет, освен онаа што веќе долго време постои - марксизмот. Бидејќи тој беше главната мета на антикомунистичкиот јуриш (иако без сериозна аналитичка дебата), само похрабрите се впуштаа во него.

Меѓу генерацијата што живееше во доцниот социјализам и транзицијата постои одредена неподготвеност да се стори тоа, или барем постои тенденција да се чува марксизмот во безбеден интелектуален / академски простор за да се обезбеди потребниот објективен пристап и да се спречи политичка вулгаризација.

Помладите генерации во постсоцијалистичките земји не ги прифатија ваквите разработени механизми на заобиколување, кои всушност се остаток од ограничувањата на социјалистичката ера, така што мали групи од нив во урбаните средини се впуштаат во радикални размислувања без да го чувствуваат историскиот товар. Некои се интегрираа во разни анархистички, феминистички и еколошки групи.

Иако ангажирањето во изборниот и парламентарниот живот е потешка и честопати не многу непосакувана перспектива за ваквите кругови, сепак во поново време има некакви успеси. Во Хрватска, прогресивното движење за животна средина Моземо и левичарската партија Нова љевица формираа коалиција пред европските парламентарни избори; иако не успеа да освои ниту едно место, сојузот има потенцијал да претстави нов политички проект од левицата.

Во Словенија, партијата Левица минатата година успеа да го помине избирачкиот праг и влезе во парламентот; таа воспостави препознатливо јадро на разумен, хуманистички, социјален, културен и еколошки одговорен дискурс, честопати спротивставувајќи ѝ се на старата левица од Социјалдемократската партија.

Исто така, има и левичарски либерални политички групи што успешно се борат со конзервативните десничарски сили што доминираат во некои источноевропски земји.

На локалните избори во октомври во Унгарија ваквите групи успеаја да организираат и да поддржат кандидати што ја победија тоталитарната и националистичка / расистичка пропагандна машинерија на Виктор Орбан и освоија голем број градови, вклучувајќи ја и Будимпешта. Во Полска, Павел Адамович, политичар со централнодесничарска заднина, кој ги прифати прогресивните политики, ги поддржува бегалците и ЛГБТК-заедницата, во ноември минатата година беше реизбран за шести мандат за градоначалник на пристанишниот град Гдањск. Само два месеци потоа тој беше смртно прободен во јавност; екстремно десничарска група претходно му пратила „политичка посмртница“.

Така, соочена со конзервативната десничарска доминација и екстремнодесничарското насилство, какви шанси има левицата да оствари успешен проект во постсоцијалистичка Источна Европа?

Има, ако младите ги земат работите во свои раце. Младата генерација се чини дека е подготвена да ја чита историјата на објективен начин со помош од старите, некорумпирани дисиденти и е способна да води политики бескомпромисни за човековите права, социјалната правда и екологијата.

За да ѝ се спротивстави на атмосферата на омраза и нетолеранција со нејзината сè поширока листа на мети - комунизмот, мигрантите, бегалците, жените, исламот, Евреите итн... - левицата треба да ги комбинира своите протестни активности - движењата „окупирај“, демонстрации, итн - со активности фокусирани на заедницата, интелектуална продукција и идеолошка работа насочени кон заживување на концептите на организација на работата, класната борба и политичката моќ.

Таа мора да ја прифати екологијата и да ги предводи климатските активности. И навистина, претстојната еколошка катастрофа може ненадејно да прекине, поплочувајќи го патот за подем на некоја нова прогресивна левица на политичката сцена во Европа и во целиот свет.

Автор: Светлана Слапшак, писателка, преведувачка, професорка и активистка родена во Белград, дисидент во бивша Југославија

Извор: Ал џезира

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе