Што остана од нас, Македонците?

За мене пострашното прашање не е тоа „Што ќе речат нашите внуци“, туку идната средба со душите на нашите македонски генерации кои се бореа за Македонија, во „Небесната одаја“.

Многу пати сум пишувал дека поетското творештво на Раде Силјан претставува целосна и синтетизирана филозофија на македонскиот дух, на неговите врвови и падови, турбуленции и контроверзии.

Се знае дека македонската историја се одвивала преку експлозии и имплозии. За жал, во последните векови, експлозиите стануваат сѐ поретки и локални, а имплозиите почести и долги. Творештвото на Силјан е одраз на тие експлозии и имплозии, еден целосен поетско-филозофски проект започнат уште со неговата прва книга „Третиот лик на времето“, објавена пред речиси половина век. Неговата поезија се реализира визуелно преку поетските книги-тријади во духот на Хегеловата идеја за теза-антитеза-синтеза. Само што, кај Силјан градацијата не секогаш оди нагоре, туку обратно – станува збор за синтеза – разградување на македонскиот дух, а оттука и на Македонија како државно-правен, етнички, историски, културен и јазичен субјект.

Со стихозбирката „Бакнежот на судбината“ (2019) поетот ја започна својата нова тријада. „Што ќе речат нашите внуци“ е втора книга од тој циклус, напишана во април 2020 г.во Катланово „во деновите на самоизолација“, како што соопштува Силјан. Само во еден збор „самоизолација“, авторот вложува две поенти. Едната е дека стануваше збор за присилно затворање на Македонците заради други интереси, како во последните три децении. Другата поента е дека поетот ја искористи таа принудна изолација за да се ослободи од стегите на денешното општество кое не сака да дишеме и да мислиме слободно. Сето тоа, може да биде сублимирано во аксиомата „Трансформирај ги негативите во позитиви“.

Првиот новитет во „Што ќе речат нашите внуци“ е дека таа книга може да се чита и да се анализира и како едно цело и како синтеза од неколку поврзани, но посебни книги. Да го земеме на пример прологот „Заветна песна“ со наслов „Тестамент“. Во тие безбројни стихови се содржи целата денешна македонска деградирана слика. Симболичните потомци на родољубивите Македонци ја уриваат татковата куќа „да изградиме ново живеалиште“, иако старото е одлично зачувано. Ги уриваат покривот, ѕидовите и стигаат до темелите: „Сонувавме бисерни ѓердани / И златни монети“. На крајот го наоѓаат татковиот тестамент со порака: „Чувајте ги тапиите / Од лозјата и нивите“.

Кратко кажано, Македонската куќа е урната од темел од алчност, а сега се губи и македонската територија. Затоа мора да се чуваат барем документите за сопственост де јуре, ако де факто не е така. Самата по себе „Тестамент“ е антологија за македонските случувања, порака повредна од какви и да се историски книги.

Поезија на Раде Силјан е не само прониклива, туку и пророчка. Уште во времето на едноумието тој пишуваше за идното крваво распаѓање на системот на сложената заедница на народите и народностите. Четири децении пред да бидат сменети македонското име и идентитет, поетот пишуваше за времето „кога ни го одзедоа името“. Со други зборови, поетските предупредувања и поетската експлозија на авторот далеку им претходат на реалните случувања. Истовремено, кога ќе дојдат тие случувања и цела толпа поети леат солзи околу нив, тогаш доаѓа Радесилјановата поетска имплозија: длабоки влегувања во сопствениот свет, зачувување преку тестамент, порака, синтеза, мисла, филозофија на сите македонски вредности. Таква цел има и книгата „Што ќе речат нашите внуци“. Не го сфаќајте насловот буквално. Светот на денешните македонски генерации е сосема спротивен на светот на нашите претходници борци за слобода, а само Господ знае што ќе биде со внуците. Тука е битна авторовата поента:

Но што и да речат

И да преречат нашите внуци

 

Ние нема да им одговориме

Зошто во мумии ќе се претвориме

(Што ќе речат нашите внуци)

 

Значи, прашања ќе постават не внуците, правнуците или праправнуците, туку некои далечни генерации кога ние веќе ќе бидеме како египетските мумии. Како што денес научниците уште не можат да разберат каде се загубиле Маите – народ со повисока култура дури од денешната. Градовите им ги има, знаењата им ги има (многу од нив украдени од Ацтеките), но Маите ги нема. Така и со Македонците – создавачи со цивилизациски придонес во светската историја – на крајот за да ги снема (Маите исто се самоуништиле).

Стихозбирката на Силјан има четири циклуси: „Сон или јаве“, „Умилкување“, „Заборавена одаја“ и „Заблуди“, како и Епилог „До пријателите“. Како што веќе споменав, секој од тие циклуси може да се анализира како неделив дел од другите, но и како самостојна книга. Тоа е карактеристичен белег на синтетизираната поезија на авторот. Обрнете внимание на насловите на циклусите, преку кои Силјан сака од една страна да го зачува внатрешното богатство кое го поседува како сеќавање, чувство, емоција, достоинство во измамничкиот свет околу себе. Од друга страна, да ги охрабри и сетилата на читателите за да го чуваат автентичното, традиционалното, македонското во себе. Алтернативата е јасно покажана: „Сон или јаве“, „Необична игра или реална слика“, „Јавето е мизерно“, но сонот колку и да е убав не може да се трансформира во јаве. Оттука и насловите на песните: „Продавачи на магла“, „Кучешки години“, „Некое друго време“, „Сами на векот“. Во „Крадците на историјата“ има надеж:

 

Пред крадците на историјата

Во некое друго време

Четворни мажи

Нема да коленичат

И за прошка да молат

 

Да, во некое друго време Македонците ќе си го вратат своето, но денес токму староседелците бегаат од дојденците варвари, кои господарат над македонската земја. А нам ни е одредена нивната поранешна функција на „залутани номади“. Затоа и „Гусларот на нашето време“:

 

За последните чувари на родот

Проштална песна пее

 

Кај Силјан „умилкувањето“ е и љубов кон родното, но и чувство за вина, како и неможност да се сменат состојбите. Затоа што кај нас има поговорка дека „Една ластовица пролет не прави“, иако Јапонците пак имаат друга: „И сам воинот е воин“. Поетот повеќе ја исповеда таа максима, затоа се бори „Сонот јаве да се стори“, затоа чекори сам „Кон брегот“, зашто се знае дека е подобро сам отколку со лоша придружба. Стиховите од тој циклус покажуваат филозофска длабочина, а не толку специфична. Специфичноста е јасна – македонската судбина е речиси запечатена. Но Силјан се интересира за глобални теми како зошто се самоуништуваат народите („Слика“), кој е виновен за македонските Голготи: старото семе „посеано во невреме“, недостигот на храброст да се поминува „низ земни бури“, долгите колебања и испуштените шанси:

 

Можеби предолго чекаме

Пред ветената земја

Да се отвори школката стара

(Можеби се крие)

 

„Заборавена одаја“ и „Заблуди“ се циклуси кои ги спротивставуваат духовните, естетски, уметнички, цивилизациски вредности на Македонците на пропагандните заблуди со кои се опкружени и кои ги бомбардираат секојдневно. Истовремено циклусот „Заборавена одаја“ е последователно предупредување за македонската апокалипса: „Пред колибите празни / Завиваат кучиња бесни“ („Завивање“), „Многу безимени мажи / Далеку од нашите лудории / Сонуваат нови татковини“ („Дремка“) Или пак: „По река без брегови / И по поле без орачи / Шетаат крвави глави“ („Прокуда“).

Циклусот „Заблуди“ дури преку насловите на песните е заклучната поента на книгата: „Игра или заблуди“, „Ни доаѓаат сватови“ (се имаат предвид мноштвото македонски „кумови“ душегрижници), „Заблудите на животот“, „Во песји гори“, „Животот крадец“, „Пред крстот на судбината“.

За крај, епилогот „До пријателите“ со многукратно повторениот рефрен „Пијте / Браќа / Пијте“ и пратените пораки се горчив реквием на новата книга на Раде Силјан: Книга чесна, книга вистинска и цврста со својот доследен македонски патриотизам, книга која во иднина ќе биде додадена кон Радесилјановата неуништлива духовна ризница. Може да ти ги одземат државата, институциите, територијата, но ако го зачуваш својот дух – ништо не ти одзеле. Затоа што духот ги раѓа и државата и територијата и сите можни вредности кои може да ги има човекот. За мене пострашното прашање не е тоа „Што ќе речат нашите внуци“, туку идната средба со душите на нашите македонски генерации кои се бореа за Македонија, во „Небесната одаја“. Таа средба е неминовна, колку и да се залажуваме во спротивното. И тоа не тука на грешната Земја, туку горе ќе се стигне до вистинската македонска Голгота. И до пресметка не меѓу тела, туку меѓу души.

И новата книга на Раде Силјан мора да се чита како претходните – како Библија на македонскиот дух. И не заборавајте дека вистината (независно дали веруваме во неа или не) се враќа како бумеранг врз сите нас.

 

Стефан Влахов-Мицов

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе