Поглед од ЕУ

Што ни донесе, а што ни однесе пандемијата?

Може да се насети дека зборуваме за еден сеопшт колапс и само лоши вести, но прашање е од кој агол гледаме на новонастанатата ситуација (која веќе и не е толку нова).

Дали со економската ситуација, за сите нас битна, која секако повеќе однесе отколку што донесе, по почетните зашеметувања, работите некако се стабилизираа на ниво на општа летаргија и незадоволство.

Тие кои добија отказ, го добија и некако со државната помош прикрпуваат крај со крај, како и тие кои останаа на работа, а немаат што да работат.

Тука гледаме и еден трик на државата која сепак мисли само на себе, а тоа е дека работниците добиваат месечна помош од 4.000 куни (533 евра), не сите наеднаш туку со задоцнување и до три месеци, но добиваат. А оние кои се во самостојните дејности на таа помош мораат сами да ги платат и придонесите (тоа што ѝ се враќа на државата), па не им останува ни приближно толку.

И натаму не се сите еднакви затоа што претпријатијата до 12 вработени добиваат 2.000 куни (268 евра), а оние со повеќе од 12 вработени ги добиваат оние 4.000 куни.

Значи, и во кризата не сме сите еднакви. Нечии деца не треба толку да јадат колку децата на другите. А и сметките за струја и греење нема да бидат помали затоа што Електра и Топлана не се занимава со тоа кој во какво претпријатие и каде работи или дали воопшто работи.

Општата потрошувачка падна, даноците кои од тоа се слеваат во државната благајна се значително помали, речиси и до 45%. Очекувано, а би било и логично и државата да им ги намали платите на своите вработени и „заедно“ да го поднесеме товарот од кризата. Меѓутоа, тоа не се случува. Полесно ќе ѝ скратат некои права на „рајата“ само да не се чепка во тешко стекнатите права на бирократијата.

Тука секако би исклучил неколку служби, а тоа се здравството, пожарникарите, полицијата и војската. Нивните внатрешни проблеми ионака може да ги реши добар менаџерски пристап и оптимизација на работата и трошоците, но генерално тие се и премалку платени.

Туризмот, во Хрватска исклучително значајна стопанска гранка (до 25% од БДП), сепак некако ги пополни дупките во приватните и државните џебови.

Очекувавме дека ситуацијата ќе биде значително потешка од падот на „само“ 30 до 40 отсто, во зависност од тоа за која гранка од туризмот зборуваме, особено кога ќе ги погледнеме државите кои ни се конкуренција во таа индустрија и кои поминаа со пад од 60-80%.

Треба ли да бидеме среќни? Е тука, се зависи од тоа како и кој е засегнат. Чартерите со јахтите поминале сосема добро, а некои хотели сезонава не се ни отворија.

Сега, по вториот корона бран, некои и од рестораните кои на почетокот на корона-кризата работеа сосема пристојно (ретко кој, ама ги имаше), сега доживуваат сериозен пад на прометот и се соочуваат со судбината на оние помалите кои или се затворија или веќе отпуштиле повеќе од половина од вработените. Се надеваме дека сепак овој втор или трет бран ќе пројде со помош на каква-таква вакцина до мај или јуни наредната година кога посериозно почнува туристичката сезона, инаку сме во „банана“.

Социјалниот живот тука доаѓа до израз, како дел од нашата припадност на јужните географски краеви на ЕУ.

Сите велат дека треба да држиме социјална дистанца. Грешка.  

Треба да се држи физичка дистанца, а социјалната е добредојдена, па дури и по телефон или преку разните апликации за допишување и разговарање, со видео линк или без (се зависи со кого се слушате).

Дека немавме физичка дистанца се гледа од порастот на новозаболени, но затоа се намалува социјалната дистанца која стана единствената утеха во сите рестрикции и забрани пропратени со овој несреќен вирус. Забавите по баровите, зад замаглените прозорци и излози, се дружеше по парковите, се одржуваа свадби со по стотина гости, немаше никогаш повеќе рекреативци по планините и планинарските домови.

Ни текна на старите пријатели и роднини на кои и не би ни текнало да не беше бруталната досада после петиот ден самоизолација.

Но, дека треба да ги почитуваме препораките на медицинарите и некако да ја надминеме оваа несреќна ситуација – треба. Но, треба и некои од одлуките да се корегираат, затоа што сепак секоја држава живее од своите граѓани и нивното задоволство и продуктивност и треба да биде сервис за да може да им се овозможи да уживаат и да функционираат во еден взаемно задоволен круг.

Би било добро во овие тешки времиња да преземеме еден збор, кој е дел од мотото на една држава, и кој многу би ни помогнал за полесно и побрзо надминување на кризата – егалите.

Даниел Иванагиќ, Загреб

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе