Шчо ќе праиме?

Треба да се зафатиме со ПРОМЕНИ. Промени во два чекора.

Прашањето е на централномакедонскиот дијалект. Од Гивгилија до Бер и од Воден до Сер. За помладите генерации, Бер е денешна Верија (Грција), а Сер е денешен Серес (Грција). Освен Гивгилија, другите градови се повеќе од 100 години под грчка управа. Таму и ден денешен, после пет генерации, се лафе централномакедонскиот дијалект. Не  само шо са лафе, туку са пеат песни и са играат ора од времето на наште баби, дедовци и прадедовци.

Добро запаметете, 100 години управа, која направи сѐ да го снема и јазикот и песната и ората и традицијата. Арно ама, и ден денес сѐ уште са лафе, са пее, ора са играат, свадби са прават, на автохтон, изворен мајчин јазик, изворна народна музика и традиции.

Па, како е тоа возможно? Едноставно. Луѓето си се свои на своето. На своите вековни огништа. Силни како столетни дрва со длабоки корења, кои не може да ги кутне ниту најстрашното невреме.

Но, нивните роднини што беа иселени или принудени да се иселат од своите огништа и да заминат во Америка, Австралија, Канада, Германија, ги снајде друга судбина. Веќе третата генерација  на нивните деца, не што не лафат, туку и не разбираат македонски, а за ора и песни  да не зборуваме.

 

Погоре напишаното е вовед во одговорот на „шчо ќе праиме?“.

Пред сѐ, оставете ја на страна секојдневната пропаганда на застрашување од „надворешни непријатели“, „не заслужуваме држава“, „не можеме ништо да направиме“ и слични небулози. Треба да се зафатиме со ПРОМЕНИ. Промени во два чекора.

Првиот чекор е да ја направиме Македонија држава, од која нема повеќе да се иселуваат нашите граѓани.

Вториот чекор е да ја направиме Македонија држава, во која ќе сакаат да се вратат нашите заминати граѓани.

Големи чекори, но возможни. Возможни, бидејќи сме си свои на своето.

Првиот чекор значи неколку фундаментални промени во демократскиот систем на управување и раководење со државата. Тоа се однесува на:

  1.  Без разлика каков изборен модел ќе се користи, мора да се воведе можноста граѓаните  да го отповикаат кој било избран државен службеник доколку не се задоволни од неговата работа. Со сегашната законска регулатива тоа не е возможно. Не можете да отповикате пратеник, советник, градоначалник, а со тоа ниту да барате одговорност од останатите државни службеници кои се избрани од нив.
  2. Воведување на  правото граѓаните на непосредни избори да ги избираат претседателите на судовите, судскиот совет, претседателите на обвинителството, со право на нивно отповикување. Судската власт мора да биде под директна контрола на граѓаните.
  3. Комплетна децентрализација на власта на локално ниво. Тоа значи префрлање на сите надлежности од државно на локално ниво, освен работите сврзани со надворешната политика, безбедноста на државата, енергетиката, водењето и контролата на фискалната политика и прашањата сврзани со зачувување  на човековата околина. Секоја општина со своите граѓани, мора да има целосна контрола на сите области сврзани со секојдневното живеење, работењето, здравството, образованието, културата , економскиот и урбанистичкиот  развој, користењето на природните богатства и суровини.
  4. Фискална децентрализација. Секоја општина сама ќе ги прибира, распределува, располага и контролира  сите приходи кои се остваруваат на нејзината територија, без исклучок. Дел од приходите, но не повеќе од 5% ќе бидат распределни на државно ниво, за покривање на трошоците на државната администрација.
  5. Воведување на РЕФЕРЕНДУМОТ како обврзувачка форма на граѓанско изјаснување за сите прашања кои се од значење за поголема група граѓани,  како на ниво на општината, така и на државно ниво.    

 

Со горе наведените промени се воспоставуваат темелите на вистинско граѓанско демократско општество, каде граѓанинот ја има целосната контрола врз функционирањето на државата. Граѓанинот избира, но и отповикува. Граѓанинот е контролор на владеењето на правото. Граѓанинот е контролор на собирањето и трошењето на народните пари. Граѓанинот одлучува за правниот, економскиот и еколошкиот амбиент на неговото живеење. Со други зборови нема повеќе „дали го знаеш министерот“, „пратеникот ми е добар пријател“, „не се секирај, судијата е наш“, „нема проблем за дозволата, но треба да потфрлиме нешто“, „државни набавки кои се плаќаат трипати повеќе од вредноста“.

Кој ќе ги спроведе овие промени?

Овие промени ќе ги спроведат граѓаните на Македонија, преку законската форма „граѓанска иницијатива“ регулирана со член 3 и глава VII од Законот за референдум. Добро е да го погледате овој исклучително важен закон кој ја регулира материјата на  непосредното изјаснување на граѓаните или директна демократија.

Граѓанската иницијатива е форма на граѓанско дејствување која не може да биде минирана, манипулирана или контролирана од големите политички играчи, разно-разни безбедносни служби или центри на економска моќ. Тоа е поради едноставната причина дека таа не е организација по теркот на политичките партии, невладини здруженија или разни други видови на собирање на граѓани. Граѓанската иницијатива ја покренуваат 100 граѓани без никакви раководни тела, претседатели или секретари и се однесува за конкретно прашање. Доколку таа иницијатива добие поддршка со потписи од 10.000 граѓани, може да се бараат измени на законите, а со поддршка од 150.000 потписи, распишување на референдум на државно ниво или пак промени на Уставот. Со завршување на постапката за што е покрената, завршува и самата форма на „граѓанската иницијатива“.

Граѓанската иницијатива која ќе ги покрене овие прашања, ќе добие масовна поддршка од сите граѓани на Македонија. Ќе добие поддршка бидејќи македонските граѓани сакаат да престане овој кошмар без крај, наречен транзиција. Сакаат да работат и да живеат чесно и достоинствено во сопствената држава. Македонските граѓани сакаат да престане грабежот на нивните пари и распродажбата на националното богатство. Едноставно, македонските граѓани сакаат ДА БИДАТ, СВОИ НА СВОЕТО. Е, ТАКА ЌЕ  ПРАЈМЕ!

Ангел Наков

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе