Северна Македонија ќе биде орвеловска држава

Зошто егзистирањето на Северна Македонија „во духот на Преспанскиот договор“ ќе значи фактичко постоење на една орвеловска држава?

Со 81 глас „за“, вчера во македонското Собрание беа изгласани уставните измени според кои Република Македонија согласно Преспанскиот договор ќе стане Република Северна Македонија. Двотретинското мнозинство на владеачката коалиција значи грубо газење на народната волја од референдумот на 30-ти септември кога огромното мнозинство од македонските граѓани со чинот на неизлегување да се гласа покажаа дека не даваат легитимитет за промена на уставното име.

Уште со самото потпишување на контроверзниот и за македонска страна, крајно уценувачки договор, стана јасно дека како држава се согласивме некој друг да ни го диктира нашето внатрешно уредување, како еден од суштинските елементи според кои една држава може да се нарече суверена и самостојна. Историјата не познава пример каде во мирнодопски услови, во 21 век, една независна држава се согласува на серија на ултиматуми од друга, кои ќе донесат катастрофални последици по нејзиното постоење и самата држава ќе ја доведат во состојба на потчинетост кон некоја друга.

Зошто егзистирањето на Северна Македонија „во духот на Преспанскиот договор“ ќе значи фактичко постоење на една орвеловска држава? Главните особености на оваа држава, детално опишани во култниот роман „1984“, на авторот Џорџ Орвел, вклучуваат: државна пропаганда преку фабрикација на факти и фалсификување на историјата, владеење преку терор и контрола на мислата преку новоговорот.

Со самиот чин на изгласување на уставните амандмани со кои меѓу другото се менува и Преамбулата на Уставот се врши груб фалсификат на историјата со тоа што се бришат одлуките на АСНОМ како темел на модерна Македонија и се преиначува референдумот од 8 септември 1991 како референдум за Република Северна Македонија (ова е најеклатантен пример за фалсификат врз највисокиот правен акт). Истовремено, новата држава го минира придонесот на илјадници борци, знајни и незнајни, кои ги положиле своите животи за независна и слободна македонска држава, без туѓи диктати и мешања во внатрешните работи. Во духот, но и според словото на Преспанскиот договор, државата е должна да организира брутална пропаганда со која изрично ќе биде забранет терминот „Македонија“ или „Република Македонија“ кога истиот се користи од официјалните државни органи.

Владеењето преку терор како еден од фундаментите на орвеловска држава се покажа уште во процесот на насилно туркање на антиуставниот и нелегитимен Преспански договор. Од неодговорниот, нетранспарентен и неинклузивен процес во кој за клучните отстапки целосно беа исклучени претседателот и опозицијата, неовластениот потпис на министерот за надворешни работи (само македонскиот претседател по сила на Устав е задолжен да го прави тоа), преку грубата измама наречена консулативен, а не задолжителен референдум, непризнавањето на катастрофално нискиот одзив од истиот и невидените уцени врз пратениците да се гласа за промена на уставното име се примери кои покажуваат на какви основи се создава новата држава со наметнато име – Северна Македонија.     

Зборуваме за процес во кој сѐ уште договорот не стапил официјално во сила, а власта веќе примени тирански методи за да ја постигне својата цел, преку задушување на секој народен отпор и максимална злоупотреба на својата позиција.

Веројатно една од најорвеловските карактеристики на владеењето во Северна Македонија ќе биде зборовната манипулација или т.н. новоговор, според коj предавството на државните интереси ќе се нарекува патриотизам, тиранијата врз сопствениот народ ќе биде демократија, политичкото силување на правото ќе се вика правда, а сите овие три збора заеднички ќе се нарекуваат европски вредности.

Претходно наведените примери илустрираат зошто вештачки насадената и принудна промена на името во Северна Македонија ќе доведат до создавање на една орвеловска држава, во која владеењето на стравот, државната пропаганда и контрола ќе станат секојдневие.

Дали и колку ќе дозволиме функционирање на оваа вештачка творба зависи од сите нас, но треба да се запомне дека сите тирански држави и проекти имале ограничен рок на траење; така завршиле и СССР и фашистичка Италија и нацистичка Германија како најозлогласени примери на „зандани за народите“ и покрај фактот што „нивната долговечност била загарантирана во следните илјада години“.

Нашата Македонија, како чиста спротивност на нивната „Северна“ е пред сѐ: идеал за слобода, правда и достоинство и како таков идеал таа не подлежи на компромиси и пазарења, уште помалку на притисоци и уцени, бидејќи наспроти нашето привремено постоење, идеалите се вечни!

Павел Донески     
(Авторот е магистер по односи со јавноста)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во услови на партиска деполаризација на граѓаните, политичките елити во Македонија треба да пристапат кон помирување и ненасилно решавање на сите меѓусебни конфликти, за земјата да не се врати на патот на поделба.

повеќе

Помина веќе еден месец од објавувањето на документите на Викиликс на кои сите прочитавме дека Никола Димитров бил „заштитен извор на информации“ на САД. Засега, од обвинителството нема никаков одговор.

повеќе

Неопходно е да се надминат бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат напредокот кон обновливите извори на енергија.

повеќе