Северна Македонија е решена, Заев и Ципрас стојат во ред за Нобел, но...

Отворање на преговорите е само тоа – отворање, ништо повеќе од тоа. Долг е патот до полноправно членство.

Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, двајца млади прогресивни политичари, кон средината на феврури ставија крај на речиси три деценискиот спор околу името на поранешната југословенска Република Македонија, како што до неодамна службено се нарекуваше денешна Северна Македонија.

Со тоа го спроведоа во дело договорот за решавање на проблемот со името кој го постигнаа минатиот јуни, а за кој многумина се сомневаа дека ќе биде спроведен. Подготвеноста на ризик и вербата во визија се карактеристики на лидерите; тие мислат на следната генерација, политичарите мислат на следните избори. Двајцата млади левичари успеаја во она што нивните претходници, секој тврдејќи дека ги брани националните интереси, не можеа да го направат со децении претходно.

Ципрас и Заев се номинирани за Нобелова награда за мир, а нивната кандидатура ја поддржаа и три политички семејства во Европскиот парламент – социјалдемократите, Зелените и Обединетата европска левица. Минатата недела беа свечено дочекани, посебно угостени и службено наградени со главната награда на Минхенската конференција за безбедност, за успех во решавањето на билатералниот проблем со името, а со тоа и за придонесот во европската безбедност. Членките на НАТО на почетокот од овој месец го усвоија договорот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. Значи, се она што до неодамна изгледаше невозможно, денес е реалност.

Влогот за двајцата политичари беше висок, а отпорот во нивните земји горчлив и лут. Националистите од двете страни на границата ги проколнуваат двајцата, обвинувајќи ги за велепредавство. Од друга страна, западните земји веднаш им честитаа на Атина и Скопје за историскиот чекор. Веројатно не е изненадување тоа што Русија не е меѓу оние што честитаа, но чуди што Србија ни денес не собра сили да ги изрази своите честитки.

За подобро разбирање на целата ситуација треба да се каже и дека ништо од ова не би се случило ако не беше ангажирањето на американската дипломатија. Иако Федерика Могерини, европската шефица на дипломатијата, го претстави договорот како европски успех, што тој несомнено и е, свиткување на рацете, „уверливо убедување“ и понуди кои не се одбиваат беа вистинскиот катализатор за договорот. Поранешниот македонски премиер Никола Груевски доби азил во Унгарија, а шест пратеници од неговата партија гласаа за промена на македонскиот Устав, нешто што до пред само неколку дена го одбиваа. Покрај дарежливите договори за кои шпекулира јавноста, амнестијата на обвинетите за корупција исто така, изгледа, е дел од договорот.

Честитките, тапкањата, признанијата предизвикуваат добро чувство, но после тоа следува вистинскиот живот. А тој ниту за Ципрас ниту за Заев оваа година нема да биде едноставен. Грција во мај гласа за европски и локални избори, а до есен ја очекуваат и парламентарни. Како што сега стојат работите, не е прашање дали Сириза на Ципрас ќе изгуби, туку колку ќе изгуби. Но Ципрас е човек на контрасти. Не треба да се заборави дека тој беше оној кој во 2015 го спроведе референдумот против мерките за штедење во Грција, на кој Грците им рекоа категорично „не“ на германските банкари, за потоа самоиницијативно да ги спроведе истите мерки за штедење за кои одлучија дека нема да ги спроведуваат. Ципрас е млад, а ова ќе бидат само уште едни избори во неговата политичка кариера.

Заев има потешка ситуација. Од една страна е теретот на корупцијата и наследството од неуредена држава, а од друга нереалните очекувања и надежи за брза промена. Разочарувањето на јавноста е неминовно и ќе се одрази на популарноста на неговата влада. Најлошо би било повторно да преовладее цинизам, а за тоа не треба многу. На Балканот секогаш имало плодно тло за цинизам. Доволно е ЕУ, откако Скопје постигна договор со Атина, да го одложи почетокот на отворањето на преговорите за членство во јуни годинава. А тоа, како што сега стојат работите, ќе се случи. Значи, треба да се подготват за студен туш.

Дозволата за почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија виси на тенка жица, пред се на храброста на францускиот претседател Емануел Макрон да го надвладее стравот од популистите и да покаже сила на нов европски лидер.

Никој не ги оспорува проблемите со владеењето на правото кои ги притискаат Скопје и Тирана. Но Северна Македонија направи историски чекор и со тој чин создаде трошка оптимизам на западен Балкан кој со години произведува само тажни приказни. Албанија од минатиот јуни, кога доби жолто светло и одложување на почетокот на преговорите, назадуваше по прашањето на владеење на правото. На двете земји им треба зелено светло овој јуни на состанокот на Европскиот совет. Без оглед на објективните потешкотии кои стојат пред Северна Македонија и Албанија во спроведувањето на реформите на пристапниот пат кон ЕУ, потврда дека им се верува дека ќе продолжат да ги спроведуваат им е потребна на оние проевропски сили во нивните земји за да можат да покажат дека целта за членство е вистинска, а не имагинарна, и дека е остварлива ако реформите навистина се спроведат.

Отворање на преговорите е само тоа – отворање, ништо повеќе од тоа. Долг е патот до полноправно членство. Никој не го оспорува тоа дека ЕУ треба да спроведе внатрешно чистење пред прием на нови членки. Но, ЕУ исто така мора да дејствува како светска сила ако сака да биде светска сила. А тоа значи да се стиснат забите и да се покаже сила дури и кога ја нема. Тоа значи да се каже „да“ за консолидација на ЕУ (која го вклучува западен Балкан), тоа значи и да се каже „не“ на стравот од популистите. Русија нема беневолентно да ја набљудува европската неодлучност на Балканот, ќе го експлоатира незадоволството кое ќе го предизвика одложувањето на почетокот на преговорите за членство во овие две земји, ќе ги охрабри евроскептичните и антиевропски гласови. Можеби тоа не ги загрижува политичарите во земјите членки, но сите оние кои себеси се гледаат и како европски лидери би требало. Затоа што, да повторам, лидерите носат одлуки за следните генерации, политичарите за следните избори.

Сенада Шело Шабиќ

(Авторката работи како научна соработничка во Институтот за развој и меѓународни односи во Загреб. Нејзините истражувачки интереси вклучуваат теми од подрачјето на надворешната политика и меѓународните односи. Сенада има докторат по политички науки од Европскиот универзитетски институт во Фиренца, како и два магистрати – по меѓународни односи од Универзитетот во Загреб и по мировни студии од Универзитетот Нотр Дам во САД. Од 2012 е главна уредничка на научното списание Croatian International Relations Review.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе