Се плашат ли владата и газдите на текстилните фабрики од социјализмот?

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

Без работник, нема производство, а уште помалку профит.

Во Македонија текстилната индустрија генерално шие за светските брендови C&A, H&M, Garry Weber, Olymp, Casa Moda, како и за германската армија. Со плата законски гарантирана од 14 илјади денари, но во реалност помала, со многу пријавени и непријавени случаи на експлоатација, неисплата на К-15, поттикнување на сива економија со исплата на половина плата на сметка, а другата во плико, неплатени празници, викенди, македонската текстилна работничка многу наликува на текстилните работнички од Азија. Барањата на кластерот на работодавачи се судираат со реалната слика за животот на текстилната работничка.

Стара е флоскулата: облеката не го прави човекот ама го претставува. Знаејќи го ова, со дополнителна поддршка на политичарите-бизнисмени, работодавачите од текстилниот кластер во Македонија одамна воведуваат државно поттикнато робовладетелство. Со последните изјави и барања за смена на работното време, укинување на празниците и скоро укинување на паузата, тие го достигнаа врвот на безобразието. Изговорите кои се кријат зад овие барања, се дека поради почитувањата на празниците, паузата во работното време, текстилниот бизнис станува неконкурентен на пазарот. Како да се заборава дека македонските бизнисмени немаат сопствени модни линии туку се само шивални за светските брендови, па конкурентноста на пазарот мора да се зема како главна основа за овие барања.

Сепак, однесувањето на македонските бизнисмени од текстилната индустрија, не е измислено од нив. Историјата на производството на текстилот дава основа за дрскост и алчност бидејќи и во ново време, оваа индустрија на светско ниво е најпогодена од експлоатација на работникот.

Во светот не е многу различно од кај нас

Од пустата желба да се следат светските текови, па дури и во кршење на работничките права, не се прави разлика помеѓу профит и животозагрозувачки работни услови. Ниските плати, несигурните договори за работа и минималните, често нехумани услови за работа се најраширени во текстилната индустрија во Азија како најголем произведувач на текстил во светот. Не треба да се заборави случајот Tazreen Fashions во Дака, Бангладеш кога во пожар во текстилна фабрика загинаа 117 луѓе. Уште помалку смее да се заборави најголемата катастрофа кога истата година исто така во близина на Дака, Бангладеш во која поради рушење на текстилна фабрика загинаа над 1000 луѓе. Оваа трагедија натера над 200 светски бренда како H&M, Nike, Adidas, GAP, Levi Strauss, Columbia да потпишат договор во соработка со синдикатите со кој Бангладеш се обврзува да создаде нормални работни услови и заштита при работа за вработените во текстилната индустрија, посебно во шивачките оддели. Секојдневните ризици на кои се изложени шивачките се прашина, лоша вентилација, хемиски реагенси, бука, мускулни и скелетни оштетувања поради константна седечка положба. Дополнително на ова се психичкиот притисок кој се врши да се постигнат роковите за зголемување на профитот преку бонуси за порано завршена работа. За ниски плати кои овозможуваат само живеење на работ на сиромаштијата со 160 долари месечно.

А каде се тука работничките и правата на жените? Текстилната индустрија од 1848 година па наваму се покажала како високо угнетувачка за жените. Вработеноста во оваа индустрија 70 отсто отпаѓа на жените, а тие секогаш се помалку платени од мажите иако доминираат меѓу вработените. Во Шри Ланка се врши шиењето на производите на светските брендови M&S и H&M. Работното време е 12 часа, работниците живеат во нехумани услови каде на 10-15 луѓе има еден тоалет, додека платата е 64 долари месечно , а за нормален живот потребни им се барем 150 долари. Иста е ситуацијата и во Камбоџа каде доминантен работодавач од текстилната индустрија е M&S (Marks & Spencer). Овие текстилни гиганти се фокусирани само на зголемување на својот профит, додека подобрувањето на работните услови и платата им се само празни флоскули.

Си биле еднаш Македонка“ - Штип, Астибо и Југославија

Фабриката за текстил и конфекција „Македонка“ од Штип изградена е 1952 година. Заедно со „Тетекс“ (Тодор Циповски Мерџан) фабрика за волнени производи од Тетово и фабриката за свила „Нонча Камишова“ од Велес, популарно позната како Свилара биле основа за развој на македонската текстилна индустрија. Фабриката имала своја библиотека, менза со три оброка, три дисконт продавници, два станбени комплекси за своите работници, камп за одмор на Охридското езеро, одморалиште на планината Плачковица и хотел крај Дојранското езеро. Во врвот на своето производсто оваа фабрика во 1987 година вработувала 5900 работници, а нејзината ликвидација се случува во 2001 година. Овој гигант бил рамноправен играч на пазарот на текстил во Југославија и успешно извезувал во странство. Фармерките Вранглер (Wrangler) се произведувале во „Македонка“ Штип.

Од одделение во фабриката „Македонка“ отворено во 1962 година, „Астибо“ со годините прераснува во независен производствен систем за дизајн и производство на машка, женска и детска облека. Како независен призводствен конгломерат „Астибо“ вработувал 4800 работници, имал сопствена здравствена установа, апартмани за работниците и градинка.

Земајќи ги само простите бројки на вработени во периодот од отворање и затворање на фабриките, заедно со другите услуги и поволности кои ги нуделе, можеме да добиеме една груба слика на речиси 11 илјади вработени и социјално згрижени работници. За жал, ваквите слики се уште се окарактеризирани како утопија на мрачниот комунизам.

Тргнувајќи од сегашната состојба во која околу 36 илјади се вработени во текстилната индустрија во Македонија, само една бројка може да значи многу. Иако сегашната состојба во поглед на број на вработени во оваа индустрија е подобра во споредба со периодот на Југославија, другите бројки зборуваат различна приказна. Ако се споредат условите на работа кои ги диктираат газдите, каде просечната возраст на работната сила е 45 години, платата е 12.500 денари, во многу случаи може и помала ако газдата ја исплаќа половина на сметка, а другото во плико. Во Штип последните официјални бројки кажувале дека има 70 конфекции со 7700 вработени, каква е состојбата денес, никој не може официјалн да каже. Интересот за образование во оваа дејност е слаб бидејќи генерално се работи само ЛОН производство, поточно се шие за странски фирми. Немаме поддршка за македонски модни линии, македонските дизајнери продаваат во странство, додека македонските текстилни газди се правдаат дека не се конкурентни поради тие половина час пауза.

Газди, експлоататори или работодавачи?

Во Македонија текстилната индустрија генерално шие за светските брендови C&A, H&M, Garry Weber, Olymp, Casa Moda, како и за германската армија. Со плата законски гарантирана од 14 илјади денари, но во реалност помала, со многу пријавени и непријавени случаи на експлоатација, неисплата на К-15, поттикнување на сива економија со исплата на половина плата на сметка, а другата во плико, неплатени празници, викенди, македонската текстилна работничка многу наликува на текстилните работнички од Азија. Барањата на кластерот на работодавачи се судираат со реалната слика за животот на текстилната работничка. Промената на фиксниот курс на денарот само ќе предизвика штета врз веќе сиромашната состојба на работникот, бидејќи глобите, на пример, кои се пропишани во законите се пресметани во денари и евра, а платата на текстилниот работник е фиксна, закована на минималецот. Дополнителен прст во око на јавноста претставува имотната состојба на работодавачите која е вселенски далеку над состојбата на нивните работници. Големи имоти, скапи коли, инвестиции во други бизниси. Сите овие факти не одат во прилог на барањата на работодавачите како дискриминирани на светскиот пазар, туку само на работниците кои најмногу страдаат во овој случај.

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. Без работник, нема производство, а уште помалку профит. Работодавачите од сите сектори во Македонија можеби треба да го погледнат видеото на Хамди Улукаја, основачот на млекарницата „Чобани“ (Chobani) кој по потекло е Курд и е сопственик на производство на јогурт вредно милијарди долари. Неговиот хуман пристап кон работникот и целиот производствен систем со висока свест дека без работникот нема да постои работодавачот, дава сосема спротивен и реален пристап на работите. А тој хуман пристап го имавме во социјализмот, само не ни чинеше.

Соња Стојадиновиќ

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)


Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе