Се крчка решение за името по примерот на Договорот со Бугарија

Потпишување договор за добрососедство со Грција, по примерот со Бугарија, на Грција ѝ обезбедува гаранција од немeшање во внатрешните работи, а не задира во идентитетот на македонската нација.

Министерот за надворешни работи на Грција Коѕијас, во разговор со Никола Груевски изјавил дека „разликите околу името со Грција можно е да бидат надминати по примерот на Договорот за пријателство што го постигна Македонија со Бугарија“. Оваа изјава на Коѕијас е добар индикатор за тоа што би било прифатливо за Грција, а што не задира во идентитетот на македонската нација и држава.

Кога Коѕијас рекол (ако рекол) дека едно такво решение би можело да биде излез и во спорот околу името со Грција, веројатно мислел на тоа дека употребата на зборот Македонија во името на нашата земја треба јасно да означува нешто друго за разлика од античка Македонија или од целата територија на географскиот регион Македонија. А тоа значи дека и за нив не е спорна употребата на придавката „македонски“ од наша страна за јазикот или за било што друго кога е појаснето дека е тоа така според Уставот на нашата земја, односно дека е тоа наша автономна определба, наше изјаснување и национално чувство. Со тоа тој всушност рекол дека ние треба да престанеме од Грција да бараме таа да ни ги признава јазикот или идентитетот бидејќи за тоа не се преговара, ниту е таа надлежна за тоа. Во оваа смисла, Коѕијас неодамна изјавил дека „Никогаш не сум кажал дека спорот околу името е поврзан со јазикот или со други прашања.“

Ова значи дека ако се постигне компромис, со додавка која „јасно ќе ја разликува“ државата Македонија од територијата на Античка Македонија и на регионот Македонија, сите други прашања ќе бидат надминати со потпишување на Договор за пријателство и добрососедство меѓу Грција и Македонија со истите или со слични формулации и членови каков што е и Договорот со Бугарија.

Нова состојба во Грција и Македонија

Постигнувањето компромис за разликите околу името, во изминатите 27 години беше блокирано од двете страни заради различни причини. Но, во меѓувреме се случија три нешта.

Прво. Во писмо до генералниот секретар на ОН, испратено од тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во 2008 година, Македонија објави дека „покрај сите отстапки кон Грција од страна на Македонија, со цел да се најде решение за разликите околу името, била и понудата од македонска страна, пред самитот на НАТО во Букурешт да се прифати име на земјата за меѓународна употреба кое би гласело „Република Македонија (Скопје)“, кое, ако би било прифатено од Грција, би се ставило на референдум за усвојување од страна на граѓаните на Македонија“. Тоа беше знак дека тогашниот премиер Груевски и тогашниот претседател на државата Црвенковски, иако потоа тоа беше демантирано од Груевски, официјално се согласиле на уставното име, за меѓународна употреба, да му се додаде географска одредница, со цел да биде надминат спорот со Грција.

Второ. Во меѓувреме и во Грција беше постигнат нов национален консензус за разликите околу името и беше објавено дека за Грција би било прифатливо „сложено име“ во кое ќе биде содржано името Македонија.

И трето. По поразот на националистичката политика на Груевски на 11 декември 2016, стана јасно дека новата власт во Македонија е подготвена да се бара решение за разликите околу името со кое нашата земја ќе гарантира дека нема иредентистичи намери, односно територијални претензии кон било кој сосед, ниту аспирации да го присвојува античкото минато и во него да ги бара корените на современата македонска нација, која реално има словенски корени и говори македонски јазик како дел од словенската група на јазици.

Груевски немал непомирливи разлики околу името со сегашната власт

Наспроти долгогодишната националистичка реторика на Груевски во стилот: „глава даваме - име не даваме“, од бомбите на Заев граѓаните дознаа и дека во разговор меѓу Мијалков, Груевски и Антонио Милошоски, се разговарало да ѝ се понуди на Грција компромис околу име „Независна Република Македонија (Горна)“ или нешто слично на тоа.

Со тоа, стана јасно дека наспроти јавно „непомирливите разлики“ меѓу сегашната власт и опозицијата која сега ја води Груевски, постои голема блискост во гледањата околу тоа како би можел да биде решен овој проблем, за Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ.

По поразот на Груевски на парламентарните, а особено на локалните избори, постои поголем оптимизам за решавање на овој проблем и во Грција. Грчкиот министер Коѕијас неодамна дури изјавидека „би било добро тој проблем да се реши во следните шест месеци бидејќи потоа Грција влегува во нов изборен циклус“.

Некои од светските медиуми наведуваат и дека решението за името би можело да биде една од додавките кои се споменувале досега на преговорите, како: Горна, Нова или Северна.

Бидејќи сега е познато дека под покровителство на Метју Нимиц во ОН се разговара само за разликите околу името и за ништо друго, останува да се изнајде формулација за меѓународно име на Македонија.

Поволни геополитички околности

Новата влада на Македонија ја има привилегијата за исчекор во таа насока и заради меѓународните околности. САД и натаму сметаат дека „линијата на огнот меѓу Русија и Македонија минува низ Македонија“ и тие се заинтерсирани за итно решавање на овој спор кој ја спречува Македонија да стане членка на НАТО и со тоа ја спречува и конечната стабилизација на Балканот. А ЕУ, по Брегзит и соочувањето со криза во сопственото опстојување, е исто така заинтересирана за исчекор со кој ќе се откочи процесот на нејзиното проширување. Оттука, европаратеникот Иво Вајгл веќе навестува дека се постигнати некакви начелни договори со лидерите на парламентарните партии од Македонија да се сретнат и да разговараат во комплексот Жан Моне во близина на Париз, каде што треба да се постигне договор меѓу нив за сериозен исчекор во насока на приклучувањето на Македонија кон ЕУ.

Фаќајќи го возот на промените и претседателот Иванов, кој до вчера зборуваше „гледај Русија - пиши Македонија“ и на кого срцето му чукаше за Ердоган, деновиве даде интервју за англискиот дневник „Телеграф“ во кое ја потсетува ЕУ на „руската опасност за Балканот“ и дека отсуството на ангажман на ЕУ на Балканот било повик за Русија и Кина да го заземат тој простор.

Премиерот Заев, пак, веќе изјави дека Метју Нимиц е поканет да ја посети Македонија до крајот на ноември со цел да продолжат и да се забрзаат разговорите за разликите околу името меѓу Грција и Македонија.

Се` на се`, се крчка решение за проблемот со името. Тоа го најaвува и потпретседателот на Владата Бујар Османи, кој деновиве изјави дека „спорот со името ќе се реши многу бргу“.

Секако, оваа одлука и целиот овој процес нема да бидат лесни за новата влада. За решавање на овој спор, на премиерот Заев ќе му биде потребна исто толкава храброст каква што покажа за победа на националистичкиот режим на Груевски. Но, откако Заев со својот тим во мошне кус рок од формирањето на владата успеа да ги подобри односите со соседите, да добие меѓународна поддршка за својата политика и да обезбеди внатрешна кохезија во земјата преку концептот „едно општество за сите“, правењето исчекор во насока на решавање на овој најзначаен проблем за Македонија ќе значи стабилизирање на сите придобивки од новата влада досега и ново поглавје во историјата на Македонија.

Поддршка од меѓународната јавност и од граѓаните

Затоа, откако Заев и тимот околу него ќе се убедат дека постои некое, за нас и за Грците, прифатливо решение, тогаш не треба да одолговлекуваат со разговорите.

Прво.  Македонија,  од пасивна треба да премине во активна позиција за решавање на овој спор и владата наместо да чека предлози како досега, да излезе јавно и да ја соопшти новата ненационалистичка позиција на Македонија, со која изразува подготвеност за изнаоѓање решение за спорот околу името, но и решителност за одбрана на јазикот кој во графата на ОН веќе е впишан како македонски, и за одбрана на (славјанскиот) македонски национален идентитет.

Второ. Врз основа на нашата јасна и јавна позиција да се преземе активност за добивање поддршка кај соседите, во меѓународната јавност, но и да се осмисли цела комуникациска стратегија за ослободување на дел од македонската јавност од неоснованите стравови за губење на идентитетот на нацијата.

И трето. Треба да се бара што е можно поширока согласност и поддршка од граѓаните на Македонија, но не треба да се стане заложник на сили кои не сакаат да го решат ова прашање и тие да бидат „изговорот“ за неделување.

Сепак, треба да се почитува јавно дадениот збор и да им се соопшти на граѓаните дека без нивна масовна поддршка на референдум, нема да се наметнуваат политички решенија за ова чувствително прашање и дека можеби набргу ќе имаат можност да се изјаснуваат околу тоа „Дали прифаќаат Република Македонија во меѓународните односи да го користи името - на пример – „Република Македонија (Горна)“ - и да ја отстрани последната пречка за влез во НАТО и на ЕУ?“.

проф. д-р Ѓорѓи Спасов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе