Полемика

Само едно име, Македонци

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

Почитуван доц. Кајчев,

На самиот почеток од моето писмо ја наведов врската накај вашата колумна. Вашата реченица точно ја цитирав во вториот параграф. Во третиот параграф го објаснив контекстот на таа реченица.

Цитатот од Васил К’нчов е јасно обележан со отворени и затворени наводници. Она што велите дека му го припишувам како цитат не е во наводници. Имаше неколку исправки во однос на затворениот наводник после цитатот, но уредникот нив брзо ги направи. Но во петтиот параграф нема потреба од наводници. Уредникот нема никаква вина, грешката тука е моја. Но дали напишаното, без наводници, е точно сиже на вашата реченица?

Мојата реакција не е реакција на историчар, туку реакција на Македонец. Македонец со голема почетна буква М. Македонец, а не македонист. Полската лингвистка д-р Зузана Тополинска е македонист, специјалист по македонски јазик. Американскиот лингвист д-р Виктор Фридман е македонист. Ние сме Македонци. Македонци со голема почетна буква М.

Да се вратиме на цитатот од книгата: „Орохидрографија на Македонија“. Еве подолг дел, за да се види подобро контекстот:

„При определувањето на границите (на Македонија-моја забелешка) ние ќе се раководиме главно од општото самоопределување на месното население и од определувањето кое го даваат најупатените нови патешественици.

Месните Бугари и Власи, кои живеат во пределите на Македонија, самите себе се нарекуваат Македонци, и околните народи ги нарекуваат така. Турците и Арнаутите не се нарекуваат Македонци, но запрашани од каде се, одговараат: од Македонија. Арнаутите од северниот и северозападниот дел на областа, кои својата татковина ја нарекуваат Арнаутлук, а исто така и Грците, кои живеат во јужните области, не се нарекуваат себеси Македонци, па затоа границите во тие места, според народното самоопределување, не се јасно одредени.“

Во оваа опсервација на Васил К’нчов има само едно име со кое месното население се самоопределува и тоа име е Македонци. Тој не е патеписец кој се качил на воз од Скопје до Солун и од купето известувал за Македонија. Не е ни конзул кој од Широк Сокак ја гледал цела Македонија дури до почетокот на чаршијата. Васил К’нчов како егзархиски училишен инспектор ја преодел Македонија село по село, град по град и направил попис на сѐ што оди на две нозе. Ако тој ни кажува дека луѓето самите себе се нарекуваат Македонци, нема зошто да не му веруваме.

Писмото на Теодосија Гологанов е објавено во книгата: „Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ“ – Љубен Лапе, Просветно дело 1959. Можно е да го нема во државниот архив во Софија. Многу документи се истребени после 1963 година. Но подолгиот цитат, молбата од декември 1891 година до римскиот папа да го земе македонскиот народ во закрила и да помогне да се призне македонски народ (милет) во Отоманската империја, заедно со условите за обнова на Охридската Архиепископија, се чува во Archivio della S. Congregazione de Propaganda Fide - Roma: "Indice della Potenza" - Marzo 1892-93, Somm. XV, f. 132-141.

Википедија не е извор, туку платформа за објавување и споделување информации. Заедно со удобноста на брз и слободен пристап до податоците, корисникот презема и одговорност да ги провери изворите од кои се пренесени, или да има доверба во уредниците дека тоа веќе го сториле. И аматерите и специјалистите си имаат своја улога. Последните две најинтересни откритија во астрономијата ги направија токму аматери.

Цитатот што го наведовте од Мисирков од книгата „За Македонските Работи“ е од средината на една полемика во кој Мисирков наведува аргументи и против аргументи, и на крај го извлекува следниот заклучок: Значи, кај Македонците името Бугарин е фалшива монета со која тие им плаќаат на Бугарија и нејзиниот кнез и на нивната татковина и нивниот народ. Време е да се раскрие тој фалш за да престане да се експлоатира со него.“ Книгата е напишана пред 116 години, но е зачудувачки свежа и лесна за читање. Достапна во Македонија во многу изданија, а сега преку викиизвор е достапна и во Бугарија и секаде каде што има интернет, зашто првото издание било целосно уништено, а друго издание во Бугарија, колку што ми е познато, нема.

Во однос на поширокото семејство Гологанови и другите свештеници, учители, војници и преродбеници од тоа време, македонскиот наратив е „Болен Дојчин“ и трите неверни побратими. Македонскиот наратив е „Диво Месо“, три брата на три пата, таткото солзи нема да ги исплаче колку се за жалење, мајката се дума кое диво месо да сече. Но македонскиот наратив е и „Пиреј“ - само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.

 Горан Стојанов

П. С. Зборот „стог“ е прото индо-европски и во словенските јазици останал сочуван во изворниот облик. Го има во сите македонски говори и нема зошто да сме го позајмувале од српскиот јазик. Го има и во јужно македонските говори, како на пример во народната песна „Лисаво“ од село Куфалово, Солунско.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе