Што покажа Минхенската конференција

САД и ЕУ во паралелни светови

Минхенската безбедносна конференција, која со децении служеше како силен симбол на силата на западното сојузништво, оваа година покажа дека јазот меѓу сојузниците е поголем од кога и да е.

Тридневниот настан што заврши во неделата всушност најмногу укажа на разликите во ставовите меѓу Соединетите Држави и доминантните европски сили – Германија и Франција. Двете страни имаат различни ставови не само кога станува збор за крупните теми со кои се соочува Западот, како Русија, Иран и Кина, туку практично живеат во паралелни универзуми, вели Политико.

Најалармантно е тоа што најголемото разидување се однесува на суштината на трансатлантскиот сојуз, а тоа е американската посветеност на Европа.

Европските лидери во Минхен, јавно или приватно, се жалеа поради тоа што го сметаат за американска отуѓеност од регионот и од светот.

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер ја отвори конференцијата – еден од најголемите годишни собири на политичките лидери, воени шефови и водечки дипломати од целиот свет – обвинувајќи ја администрацијата на Трамп дека „ја отфрлил идејата за меѓународна заедница“ и своите интереси ги ставил пред сите други, вклучително и пред интересите на соседите и на партнерите.

Францускиот претседател Емануел Макрон еден ден подоцна го повтори ставот на Штајнмаер и забележа дека „Европа не го сака истото што и САД“.

Американските официјални лица беа вчудовидени, наведува бриселскиот портал. „Тука сум за да ви ги соопштам фактите“, рече луто американскиот државен секретар Мајк Помпео во саботата откако ги цитираше Штајнмаер и другите западни лидери што изразија слични ставови. „Ваквите изјави не ја одразуваат реалноста“.

Помпео, кој служел војска во Западна Германија во 1980-те години, се обиде да им се спротивстави на тврдењата на Европејците нагласувајќи дека САД определуваат повеќе ресурси за одбрана на Европа, во смисла на пари и на персонал, отколку во кој било период од Студената војна. Ја потсети публиката и дека само во Германија бил трипати во последните четири месеци.

„Дали Америка е таа што ја отфрла одговорноста?“, праша тој. „Ајде да бидеме искрени. САД се тие што се борат за суверенитетот и за нашите пријатели“.

Освен претставниците на Полска и на балтичките земји, кои ги сметаат САД за гарант на нивниот суверенитет, ретко некои Европејци во просторијата му поверуваа на говорот на Помпео. Германците и Французите дополнително, како што наведува Политико, се согласија дека публика на Помпео во таа просторија не му биле Европејците, туку Доналд Трамп.

Инсистирањето на Помпео дека „Западот победува, ние колективно победуваме“ многумина од присутните го протолкуваа како „САД победуваат“.
Реакцијата на говорот на Помпео всушност покажува колку негативно се одрази агресивната и честопати навредлива реторика на Трамп врз односот со Европа.

Дури и соочени со фактите што го негираат ставот за американската отуѓеност, европските официјални лица едноставно не им веруваат.

Од друга страна, многумина во американската делегација беа збунети кога се соочија со разликите во тоа како тие ја гледаат својата улога и како ја гледаат Европејците.

„Малку сум затечен од тонот“, кажа Мајк Тарнер, републикански конгресмен од Охајо и член на одборот на вооружените сили. Тарнер, кој веќе десет години присуствува на конференцијата, кажа за Политико дека го изненадило тоа што САД морале да ја бранат својата посветеност на Европа, иако за неа трошат милијарди долари. „Европејците би требало малку повеќе да се фокусираат на тоа што го правиме ние тука“, рече Тарнер.

Тој кажа дека особено го нервира Германија, која и покрај инсистирањето на Трамп и на другите официјални лица, уште не е ни близу да го исполни ветувањето и да ја зголеми потрошувачката за одбрана на два отсто од БДП-то. Берлин соопшти дека оваа цел ќе ја исполни дури во 2031 година, потсетува Политико.

„На Џон Ф. Кенеди помалку време му требаше да го исполни ветувањето за одење на Месечината“, кажа Тарнер.

Дури и критичарите на Трамп во Минхен беа затечени од сигналите што ги пратија некои европски лидери. Николас Бернс, поранешен американски амбасадор во НАТО и долгогодишен дипломат, рече дека го загрижува ставот на Макрон спрема Русија.

Францускиот претседател го повтори повикот Европа да се приближи кон Москва. Бернс истакнува дека во Минхен изостана силната осуда на руското бомбардирање на сириската покраина Идлиб.

Макрон само кратко ја спомена оваа криза велејќи дека Париз не се согласува со Москва околу тоа што се случува во Идлиб и дека „тоа е неприфатливо“.

Бернс бомбардирањето го опиша како „варварско“ и нагласи дека тоа предизвика „800.000 бегалци, најмногу во сириската граѓанска војна“.

„Тука во Европа за тоа речиси и не се зборува, и тоа е трагично“, кажа Бернс. 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе