Полемика

Романтизам наспроти реализам за Спогодбата за промена на името

(Одговор на колумната „Да донесеме информирана одлука" од Иван Мишев, 18 септември, МКД.мк)

Му благодарам на г. Мишев што внимателно ја прочитал мојата колумна „17 прашања и одговори во врска со Договорот за името“. Го ценам неговиот обид да даде објективна анализа лишена од какви било идеолошки и политички влијанија, но лично сметам дека како Македонци (верувам дека и авторот е исто така Македонец како и јас) не можеме да бидеме објективни по едно вакво суштинско прашање, туку треба да ги браниме нашите национални и стратегиски интереси по секоја цена, како што тоа го прават и другите народи. Сега некој ќе рече дека влезот во НАТО и ЕУ се наши стратегиски цели што е точно, но зачувувањето на уставното име РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА мора да е наша НАЈСТРАТЕГИСКА ЦЕЛ, мајка на сите цели, многу поголема, многу постара и многу поважна од овие две.

Да тргнам од наодите кои г. Мишев не ги коментирал што ми дава за право да верувам дека се сложил со нив:

Именувањето на Македонија само како „втора страна“ во Спогодбата претставува грубо кршење на меѓународното, договорното и облигационото право и ставање во состојба на подреденост!

Блокирањето на приемот на Македонија во меѓународните организации и институции под „референцата“ од страна на Грција е грубо кршење на Привремената спогодба!

Меѓународниот суд на правдата (со резултат 14:1) донесе пресуда дека Грција ја прекршува Привремената спогодба и дека Македонија има право да го користи своето уставно име, пресуда која Грција (но за жал и некои земји, НАТО и ЕУ) не ја исполнува и целосно ја игнорира!

Сите документи на кои се повикува преамбулата на Спогодбата (Хелсиншкиот финален акт од 1975 година, Резолуцијата на ГС на ОН бр. 47/225 од 8.4.1993 година, Резолуцијата на СБ на ОН бр. 817/1993 и 845/1993, Актите на ОБСЕ, Повелбата на ОН, меѓународното право), а кои се однесуваат на правото на самоопределување, демократија, почитување на човечките права, фундаментални слободи и дигнитет, немешањето во внатрешните работи, неотуѓивост и владеење на правото со оваа Спогодба се прекршени.

Авторот помалку наивно и романтично се труди да биде објективен очекувајќи дека „првата страна“ подеднакво објективно ќе ја толкува Спогодбата. Но во реалполитиката тоа не е така. Таму посилниот го „гази“ послабиот и нема простор за bona fide како што несреќно изјавуваат некои академици од МАНУ. Грција тоа секојдневно го потврдува со однесувањето и начинот на толкување на документите што ги наведов погоре. Единствен одбранбен фронт на условно послабите и помали држави е цврсто држење до меѓународното право што во случајов е безусловно во наша полза. За секој наш правник и политичар тоа треба да биде conditio sine qua non. Во својот неуспешен обид г. Мишев сака да не убеди дека Договорот е симетричен, односно дека 24-те обврски кои ги презема Македонија квалитативно се симетрични на 7-те преземени од страна на Грција. Ако е тоа така, тогаш најголема потврда дека Договорот е асиметричен е фактот што само една од обврските преземени од Македонија – промената на уставното име erga omnes е квалитативно поголема од сите седум што ги презема Грција, а кои на никаков начин не влијаат врз нејзиниот устав, држава, нација и општествен систем. Тоа подоцна го потврдува и самиот автор кога вели дека: „Истовремено, договорот со Грција не е симетричен токму во таа една суштинска смисла – дека се менува името на нашата држава, а не се менува името на Грција“. Во што да му веруваме сега на г. Мишев, дека Договорот е симетричен или асиметричен? Ова прашање подетално е разработено во моја колумна: „Кој добива, а кој губи со договорот за името“ објавена на истиов портал. Понатаму, се тврди дека: „Од оваа причина, секој договор со Грција за името би бил асиметричен или небалансиран во старт“. Во таква ситуација НЕ СЕ СКЛУЧУВА ДОГОВОР, т.е. „се мирува“ (Љ. Д. Фрчкоски, 1999), или во мојата професија тоа се вика NO DEAL IS GOOD DEAL! Во спротивно, кога еден договор во старт е асиметричен, тоа се вика КАПИТУЛАЦИЈА, а секоја капитулација има и свој еуфемизам – Мировен договор или Договор за прекин на непријателствата или во нашиов случај Конечна спогодба. Треба ли да потсетам што друго од веќе не така блиското минато е познато како „Конечно решение“?

Во продолжение, би сакал малку да се вратиме во основно и средно училиште. Прв час – историја. Авторот тврди дека со придавката „Северна“ не се откажуваме од нашето вековно име. Во историските читанки стои дека додавка на нашето вековно име имало само при окупација и/или поделба – Macedonia I, II, III, IV (подоцна Macedonia Prima и Macedonia Salutaris) за време на Римската окупација и Вардарска, Егејска и Пиринска после Балканските војни. Ниту еден македонски преродбеник, уметник, историчар, интелектуалец во ниту еден период од историјата не користел ниту додавка ниту придавка на нашето вековно име. Тие се бореле и твореле за Македонија, а не за Северна Македонија така што со „Северна“ нашето вековно име не е зачувано.

Втор час – македонски јазик. Местото и начинот на употреба на придавките чинам дека се учи некаде во 5-то одделение. Да се тврди дека описот на општественото уредување („социјалистичка“, „демократска“, „народна“) кои се наоѓаат пред „Република“ е идентично со описот „северна“ кој се предлага пред името на државата „Македонија“ е во најмала рака инфантилно. Ако е тоа толку банално прашање, зошто Грците во преговорите инсистираа придавката „северна“ да стои пред „Македонија“ наместо пред „Република“? Еве на пример, за мене е целосно прифатливо „Северна Република Македонија“, но тој предлог не е на маса, нели?

Понатаму, г. Мишев вели дека: „придавката ,македонски’ се применува за етничкиот идентитет на нашиот народ“, но не кажува која придавка во пракса ќе се користи за државата? Ако државата е „Северна Македонија“, сè што произлегува од неа (освен етничкиот идентитет на македонскиот народ) добива придавка „северномакедонски“ – северномакедонска репрезентација, северномакедонски филм, северномакедонска граница, северномакедонски граѓани? Неговото прашање „зошто некои би нѐ именувале како Северномакедонци?“ притоа подоцна потврдувајќи дека: „точно е дека некој, тргнувајќи од називот на државата, би можел да погреши и да не нарече Северномакедонци“ е веќе неколку пати одговорено од мноштвото политичари кои продефилираа во Македонија изминатиов период. Времето ќе покаже дека доколку оваа небулоза помине, „грешката“ што ја спомнува колумнистот нема да биде исклучок, туку правило. „Доказот“ на Мишев дека ете сме регирале до странските претставници и американската армија да ја поправат грешката со нашето именување како „северномакедонска“ е нешто што еден правник не смее да си го дозволи. Да го потсетам авторот дека тогаш во време на интервенцијата, а и сега оваа држава е сè уште Република Македонија и нашите институции и нацијата која ја претставуваме се сè уште македонски така што и именувањето не смее да биде поинакво, односно реакцијата била сосема на место. Со Спогодбата во иднина секоја евентуална таква наша реакција нема да биде прифатена од адресатот кој ќе се повикува на тоа дека придавката е произлезена од официјалното име на државата „Северна Македонија“. Еве, давам збор дека ако некој значаен политичар од Грција, НАТО и ЕУ во иднина официјално нѐ нарече Македонци, „ќе го честам авторот пијачка“ (С. Пендаровски, 2018).

Трет час – социологија. Во социолошката наука поимите нација и народ се разликуваат. Нацијата се појавува во 18 век после Француската револуција и претставува највисок степен на општествено уредување. Најгруба дефиниција за нацијата е дека таа е народ кој има „своја“ држава, односно кога името на народот, државата и нацијата се идентични. Значи може да имате народ без држава, но не можете да имате нација без држава. Затоа, денес императив на многу народи е да добијат свои сопствени држави и да станат нации: Палестинскиот, Курдскиот, Шкотскиот, Каталонскиот… Во пракса поимите народ и нација често се поистоветуваат од причина што во најголем дел од државите еден доминантен народ е носител на идентитетот на соодветната држава и нација: грчкиот народ како доминантен во Грција на грчката нација, францускиот народ како доминантен во Франција на Француската нација, американскиот народ како доминантен народ во САД на Американската нација, рускиот народ како доминантен во Русија на руската нација итн. Согласно нашиот Устав и одлуките на АСНОМ, македонскиот народ е носител на идентитетот на државата која се вика Македонија и нацијата која се вика македонска. Со промената на името на државата, од македонска нација ние стануваме нација на „граѓаните на Република Северна Македонија“. На тој начин, македонскиот народ ја губи државноста како носител на суверенитетот и идентитетот на Македонската нација и се промовира нова нација „граѓани на Република Северна Македонија“, односно македонскиот народ како идентитет останува, но се враќа чекор наназад, односно македонската нација престанува да постои што е планирано да се потврди со уставните измени.

Во продолжение да ги демантирам и останатите тврдењата на Мишев.

„Се исклучува ексклузивитет врз македонскиот идентитет, а се признава реалноста дека два народи се идентификуваат како македонски“. Реалноста е дека само еден единствен народ идентитетски и географски се идентификува како македонски, додека другиот идентитетски се идентификува како грчки, а само географски како македонски!

„…Договорот утврдува дека елинистичката античка традиција припаѓа на Грците.“ Да бидам саркастичен; штом Договорот така утврдува, тогаш предлагам сите историчари, археолози, антрополози, лингвисти кои тврдат поинаку слободно да си ги уништат своите дела, бидејќи нели се неточни!

„Секој граѓанин на демократска држава може слободно да ја определи својата етничка припадност на попис, согласно принципот на самоопределување“. Претпоставувам дека тука авторот не мисли и на граѓаните од македонската етничка припадност кои живеат во Грција и Бугарија, а кои не можат да го остварат ова право. Или пак смета дека Грција и Бугарија не се демократски држави!?

 „…на попис во Грција, во графата ,етничка припадност’, Павле Воскопулос може да се запише Македонец според значењето од Република Северна Македонија“. Ова е толку апсурдно што не заслужува никаков коментар.

„…за каква автодеструкција од невиден размер зборува Ковачев?“ Зборувам за таква автодеструкција што во една матична држава на македонскиот народ ќе има простор за албански ансамбл, турски театар, ромски фестивал (кои припадниците на овие етнички групи несомнено ги заслужуваат), но ќе нема простор за македонски театар, македонска филхармонија, македонска академија итн. За таква автодеструкција на која целиот нормален интелектуален свет ни се чуди, а националшовинистите од соседството ги тријат рацете и едвај чекаат да продолжат уште пожестоко да нѐ понижуваат! За таква автодеструкција во која за промена на името лобираат разноразни домашни и белосветски политички камелеони и транзициски и посттранзициски мешетари! Автодеструкција во која пензионирани актери, спортисти, професори, генерали, политичари кои своите кариери ги изградија на грбот на македонштината и додека беа активни се „колнеа и гинеа за Македонија“ од само ним познати причини сега заговараат промена на името и ни нудат ,,светла европска иднина”. Автодеструкција во која вистинските интелектуалци и патриоти стаписано и со неверување гледаат што се случува и молчат, а кога сакаат да крикнат не можат да се доберат до средствата за јавно информирање! Ете за таква автодеструкција од невиден размер зборувам!

„Дали ги разбираме финансиските импликации од интегрирање во ЕУ и НАТО?“ Како доктор по економија автор сум на неколку анализи, а сум консултирал и доста литература на темата од секаква провиниенција на автори (од ултранеолиберални до ултраконзервативни). Одговорно тврдам дека доколку не се направат вистински реформи во вредносниот, правниот, политичкиот и економскиот систем на една држава за кои не се потребни НАТО и ЕУ туку добра волја и вистински луѓе, тогаш членството во НАТО и ЕУ имаат маргинално значење за економијата. На оваа тема повеќе може да се прочита во мојата колумна „Како да (не)гласаме на референдумот“. Вистинското прашање овде е дали ги разбираме финансиските импликации од промената на името?

Мишев сакајќи да аргументира дека откажувањето од античкото македонско минато во корист на Грција нема влијание врз нашата историска доктрина вели: „…ниту денешните Италијанци не можат да си дозволат да помислат за континуитет од античкото Римско Царство, иако секој ден го гледаат Колосеумот во Рим“. Нема да му земеме за грев бидејќи се дистанцира од подлабокото познавање на историјата, но еве да му појасниме. Официјалната историја на повеќето европски народи е фундирана врз античкиот период колку и да е тој митологизиран. Ирската историја започнува од периодот на Келтите, француската од Галите, белгиската од Белгите, германската од Германите, албанската од Илирите и секако италијанската од античкиот Рим како впрочем и грчката од античките полиси. Единствено македонската историја не смее да потекнува од антиката, затоа што таа со Договорот нели е грчка!? Обидете се на Италијанците да им кажете дека немаат никаква врска со Стариот Рим или ете на Грците дека античка Македонија е македонска!

„…Секој што сака да си го користи овој симбол (се мисли на сонцето од Кутлеш) во својот стан, куќа, двор, ќе може да го прави или да продолжи да го прави тоа слободно“. Мишев заборавил дека при посетата на Коѕијас на Македонија од страна на протоколот на Владата на Република Македонија беа покриени сите „иредентистички симболи кои би можеле да го навредат драгиот гостин“ и тоа токму на приватни објекти. Затоа, имаме основа да веруваме дека во иднина целосно ќе се обесхрабрува приватната употреба на античките македонски симболи.

„Но, заклучокот дека заради оваа одредба (се мисли на член 8, став 4) кај нас Солун ќе стане Тесалоники е неточен“. Демантот на ова тврдење дојде од самиот г. Заев во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ во кое инсистираше Солун да го вика Тесалоники и тоа вон нормите на македонскиот литературен јазик. Затоа, имаме основа да веруваме дека во иднина ќе се инсистира на приоритетизација на ендонимите.

„…Уставните промени може да се изгласаат со условно стапување во сила, односно да стапат во сила во оној момент кога Грција ќе го ратификува Договорот во парламентот“. Ова е апсолутно неточно. Спогодбата предвидува дека „Втората страна во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 година“ (член 1, став 4, алинеја е). Не е предвидена можност за условно стапување во сила на уставните промени.

Пред крај би сакал да се осврнам на т.н. Заеднички интердисциплинарен комитет предвиден со член 8, став 5 од Спогодбата. Мој личен впечаток е дека тој ќе биде само еден дополнителен грчки механизам за вечно траење на преговорите за членство во ЕУ, освен доколку се разбира нашите членови не ги прифатат сите барања на грчките претставници. Очекувам дека членовите номинирани од грчката страна во зависност од моменталните стратегиски интереси на грчката политика по потреба ќе бараат „фаул“ и ќе ги кочат преговорите. Или да вулгаризирам, грчките членови на Комитетот во полугодишниот извештај ќе наведат дека по одредено прашање (на пример користењето на македонските топоними во учебник по историја за 6 одделение или заборавена непроменета табла на основно училиште во с. Ново Село на кое пишува Република Македонија) не е постигнат компромис и не се создадени услови за давање зелено светло за: покана за членство/отпочнување на преговорите/отворање на поглавјата/прием во ЕУ итн. Се надевам дека сум во заблуда, но за жал мислам дека праксата ќе ги потврди овие наоди.

 

Како резиме би сакал да се осврнам на кампањата која се води за прифаќање на Спогодбата за промената на името. Ако премиерот на една држава која истапува од ЕУ (В. Британија) ви вели дека е добро да го промените името заради евентуално членство во ЕУ, ако министер за одбрана на друга земја која не е членка на ЕУ (Норвешка) ви вели дека е добро да го промените името заради евентуално членство во ЕУ, ако канцелар на трета земја која не е членка на НАТО (Австрија) ви вели дека е добро да го промените името заради евентуално членство во НАТО, ако премиер на четврта држава која носи идентично име со провинција на нејзе соседна држава (Луксембург) ви вели дека е добро да го промените името за да се разликувате од името на провинцијата во вашата соседна држава и притоа ниту еден од нив не го изусти името на народот на кој му се обраќа, ниту на јазикот кој тој го зборува, а кои воопшто не се проблематизирани со Привремената спогодба, тогаш со светската политика и право нешто навистина сериозно не е в ред.

д-р Горан Ковачев

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе