Документи

„Роднините прифатија коските на Гоце да се пренесат во слободна Македонија“

Да се стави точка на великобугарскиот шовинизам е насловот позајмен од едно писмо напишано во јули 1946 година од Илинденската организација до Владата на слободна Македонија.

Илинденската организација била емигрантска организација на македонските револуционери, учесници во Илинденското востание и во ослободителните борби на Македонија. Била основана во Софија, во пролетта 1921 година, како доброволна и културно-просветна организација.

Од писмото дознаваме кој се грижел за посмртните останки на Гоце меѓу двете светски војни, чија идеја била тие да се пренесат во слободна Македонија и како требало да се изведе примопредавањето.

Еве го писмото:

ИЛИНДЕНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА Но 58

10 јули 1946 год. Софија ул. Пирот 5, Тел. 2-19-32

До Поч. ЗЕМСКИ ОДБОР НА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНИОТ ФРОНТ во Скопје

Драги другари,

Посмртните останки на Гоце Делчев - првоапостолот на Македонското ослободително движење - во 1917 г. беа извадени од гробното место во с. Баница, Серско, исчистени од покојниот Гоцев соборец Михаил Чаков, а во 1920 г. при основањето на Илинденската организација, тој ги предаде на нашата организација. Се изврши молебен, цела седмица специјалниот саркофаг стоеше во црквата „Св. Недела“, каде што илјадници македонски емигранти проврвеа на поклонение. Предавањето беше свечено, се состави протокол, беше потпишан од завештателот и од нашето Раководно тело, кое со клетвена декларација го превзеде задолжението да ги пази како зеницата во окото, да ги предава на идните раководни тела на организацијата, и кога Македонија ќе биде ослободена Раководното тело на Илинденската организација да го пренесе саркофагот во престолнината на Македонија и да го предаде на соодветната македонска власт. Повеќе од четвртина век нашата организација ги чува како реликвија Гоцевите посмртни останки и деноноќно свети кандило.

Нашиот претседател, др. Стефан Аврамов, кој присуствувал на примо-предавањето, на едно заседание во м. октомври 1944 г., на кое учествуваа и др. др. Мартулков и Гермов, изјави дека е веќе време да бидат пренесени во Скопје. Во м. декември истата година тој поднесе предлог и до Народноослободителниот фронт во Скопје.

На 1. април 1946 г. нашиот претседател во присуство на Гоцевите сестри повторно предложи саркофагот да биде пренесен на 5 мај оваа година во време на свеченостите за Гоце во Скопје. На тој негов предлог се противставија сите членови на Раководното тело и домашните на Гоце, зашто не била уште целосно ослободена Македонија.

Во м. мај оваа година нашиот претседател говорел со некои другари од Н.О.Ф. во Скопје, кога ви објаснил да се обратите со официјално писмо до Илинденската организација и да испратите комисија од НОФ, која заедно со Раководното тело ќе го пренесе саркофагот во Скопје. Тој го смета ова за голем политички чин да се стави точка на великобугарскиот шовинизам, чии агенти се решителни противници на тоа пренесување.

Дошло до недоразбирање. Наместо да се обрнете до нашата организација, сте го упатиле писмото од 25 јуни о.г. до Македонскиот национален комитет за пренесување на посмртните останки на Гоце.

Нашето раководно тело е одговорно пред конгресот и опшественото мислење, затоа што го превзело долгот да ги пази и предаде на законските власти во слободната македонска држава и неопходно е да има писмен документ од Земскиот одбор за таа цел.

Сношти нашиот претседател со специјална комисија ги посети Гоцевите блиски, и ги покани да присуствуваат на предавањето на посмртните останки на Гоце на Земскиот одбор на НОФ во Скопје. Тој побрза да го стори тоа зашто разбра дека злосторните врагови на Македонската народна република правеле постапки пред нив да не се согласат. Претседателот ни изложи дека тој, како пазител на тие посмртни останки ќе ја исполни повелбата на завештателот, но ги кани и тие да се придружат на процесијата која ќе биде акт на солидарност и љубов спрема младата слободна Македонска република. Гоцевите живи сестри и роднини од браќа и сестри го прифатија тој братски предлог со радост. Го поканивме и најблискиот другар на Гоце - Туше Делииванов. Кога претседателот го извести дека тој е избран за почесен пратеник на АСНОМ, чувства го совладаа и немаше сила да проговори.

Откако ви го образложивме сево ова, ве молиме да го упатите официјалното писмо до Илинденската организација да го пренесе саркофагот во Скопје. Со тоа сметаме дека ќе се исполни повелбата на завештателот М. Чаков, од една страна, и од друга, со потпишување на протокол во Скопје по примо-предавањето ќе го исполниме нашиот долг на пазител, зашто во иднина пазител на тие свети посмртни останки ќе биде НОФ.

Ве молиме веднаш да бидеме писмено известени кога ќе се случи тоа пренесување, на кој граничен премин ќе бидеме пречекани, зашто треба да ги поканиме претседателите на нашите друштва во Варна, Бургас, Шумен, Пловдив, Плевен, Горна Џумаја, Попово, Видин, Стара Загора, Сливен и Тополовград да присуствуваат на тој свечен акт.

Во очекување на Ваш брз одговор, ве оставаме со братски поздрави:

Претседател: С. Аврамов (Потпис на др. Стефан Аврамов)

Секретар: Б. Проданов (Потпис)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе