Колумна

Револуцијата нема да биде лекторирана

Во јули, укинувањето на редакторското биро на Њујорк тајмс сигнализираше коренита и загрижувачка промена во новинската индустрија.

Кон крајот од јуни, стотици вработени во Њујорк тајмс протестираа против претстојните агресивни отпуштања што диспропорционално би ги погодиле редакторите и лекторите во публикацијата, пишува њујоршкиот новинар Ви Чу за веб-сајтот Аутлајн.

За време на акцијата, вработените носеа знаци („Што мислите кој проверува дали е спремно за печатење?“, „Овој занк не е лекториран“, „Инвестирајте во нас“), извикуваа („Нема редактори, нема мир“) и маршираа низ легендарната редакција со црвени панели и еднаш околу блокот. Гледав внимателно, во сегашното значење на тој термин, втренчен во екранот на мојот лаптоп, опсесивно рефреширајќи го Твитер, додека новинарите и пишувачите изразуваа солидарност за оние што би можеле да бидат погодени од укинувањето на традиционалното редакторско биро на весникот, што, во писмо до сите вработени во мај, главниот уредник Дин Баке и одговорниот уредник Џо Кан го опишаа како „остаток од фабричка структура останат од чисто весникарската редакција изградена околу повеќе печатарски дедлајни. Тоа е скапо и нè прави побавни.“ Со парите заштедени од укинувањето на редакторските и лекторските работни места, весникот објави дека се надева дека ќе вработи уште новинари, ќе стане продавница за брзи вести и ќе ги шири информациите што е можно побрзо и поефикасно.

Некои тврдеа дека, всушност, редакторските и лекторските проверки од бирото, колку и да се незгодни, ги поткрепуваат не само стилот и синтаксата, туку и фактите и логичките недоследности - што е клучно во оваа апсурдна ера кога претседателот седнува на Твитер за весело да ги подвлекува корекциите од главните новински публикации како Вашингтон пост и Њујорк тајмс, а потоа ги обвинува за објавување лажни вести и за заговор против него. Во едно интерно писмо потпишано од новинарите на весникот и испратено до раководството во јуни, се изразува и фрустрираност од тоа што одлуките на главните менаџери за реструктурирање немаат никаква врска со она што всушност се случува во редакцијата. Во потегот на укинување на работните места „имаше само слаб изговор за транспарентност“, се вели во писмото. „Тука каде што седиме ние, експериментите со редактирањето изгледаа како слаби, кревки обиди, никогаш вистински тестирани во реалноста - сигурно не нешто на кое да се засновува еден сосема нов систем“.

Во овој случај можеби е барање влакно во јајце обидот да се разгледа проблемот со пилето-јајцето за тоа дали при спроведувањето на новите уреднички стратегии навистина е потребно да извисат голем дел од вработените. Во секој случај, оваа година бевме сведоци дека Тајмс цврсто се заложи за теоријата дека новинарството може самото да се одржи финансиски и видовме дека компанијата ги вложи приходите на своите вработени во таа заложба. Реорганизацијата го намали бирото од сто и девет редактори на Тајм на 50 работни места, а до крајот на јули, најмалку осумдесет и еден новинар од компанијата поднесоа барање за откуп на уделот. Се сеќавам дека си мислев, каде сите овие редактори ќе најдат нови работни места?

Многу медиуми крвавеа во изминатите неколку години, но јулските кратења во Тајмс беа можеби најистакнатите и најтешки преструктурирања во поновата меморија, што е симболично за една година кога медиумите во Њујорк паѓаа брзо како домино, вели Чу.

Долго време знаеме дека оваа индустрија не работи како што треба, но со години тоа ни изгледаше само како многу брборење и галамење за новите модели на дигитално раскажување приказни, додека индустријата пропаѓаше. Иако стапките на претплата на весниците се зголемуваа по изборите во 2016 година, постојаните годишни загуби од реклами сè уште се огромни; вкупниот приход од реклами во индустријата минатата година беше помалку од една третина од она што беше пред една деценија.

И читателите страдаа, соочени со сè повисоки цени на претплата, сомнително поставени скриени реклами на линкови, агресивни топ-листи, неразбирливи барања за претплати, 15 до 30 секунди реклами пред видеата што се пуштаат автоматски. Уште полошо, нивната љубопитност кон светот сè повеќе се наградува со покорност. Додека индустријата се грчи, перспективите и стиловите на она што некогаш беа робусни весници станаа подеднакво унифицирани, разговорите сè потесни и под сè поголемо влијание на корпоративните интереси - и ние сме постојано насекирани зошто ли е тоа загрижувачко, или кои ли структурни пропусти дозволија тоа да се случи, бидејќи тоа е полесно отколку да се влијае на какви било значајни промени. Што можат читателите да направат со една медиумска операција што често, сама по себе, е исто толку обземена со себе колку и со светот пошироко?

Во изминатите години, дури ќе си помислев, колку е возбудливо да се биде во индустријата додека се развива! Навистина го мислев тоа. Мислам, мислев многу работи, сигурно, бидејќи на крајот, преголемото размислување и верувањето дека ужасната ситуација во која си се нашол е интересна и возбудлива наместо загрижувачка и лоша е солиден начин да се избегне реалноста. Полесно е да се мисли: „Доволно сум јак за да го надминам ова“, отколку „Заслужувам подобро“, вели Чу.

Кога бев во новинарската школа, пред една деценија, многу зборувавме за иднината на медиумите, вели тој. Се сеќавам на разговорите за тоа како интернетот и новите дигитални алатки ќе го направат новинарството побрзо, попристапно, а можеби и малку страшно - но не се сеќавам на ништо за ова. Никој не нѐ научи како да живееме во состојба на постојана несигурност, мерејќи го времето помеѓу деновите кога ќе добијам уште еден мејл за уште една разорена публикација или за некоја стара колешка што ја загубила работата, што секоја недела ме потресува за да им помагам на пријателите или на пријателите на пријателите да најдат работа, со сè помала желба да преземам ризици во мојата сопствена кариера. Зошто воопшто се најдов тука, редовно се прашувам.

Во добрите денови, се чувствувам како да импровизирам во од, среќен што воопшто работам. Во лошите, се чувствувам како да трчам по скалила што брзо се распаѓаат од другата страна. За годината во која ни се најпотребни новинари, уредници и лектори, принудени сме да се бориме со реалноста дека новинарската агенција е поврзана со профитот на корпорациите што ги вработуваат. Но, еј, тоа е подобро отколку да си во заблуда. Претходно месецов, група поранешни вработени во Гокер почнаа кикстартер-кампања за да се обидат да ја купат публикацијата и повторно да ја покренат како медиум финансиран од членството. Со помалку од две недели до крајот на кампањата и со уште над четиристотини илјади долари што мора да се соберат, се чини малку веројатно дека ќе успеат, но нивните напори би можеле да бидат почеток на еден подобар тренд. Тоа е доволно за да ме инспирира да почнам пак да верувам во иднината: вистинска посветеност кон разновидноста во една редакција, редакциски организации што ја отелотворуваат истата прогресивна политика за која пишуваат во своите публикации, кооперативно поседувани медиуми, универзален основен приход - еден ден, можеби дури и некое слатко кутренце обвиткано околу моите нозе, до каминот.

Објавено

Среда, Јануари 3, 2018 - 16:37

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе