„Рекетите“ се тема за изборите, колку и Заев да ја наметнува „Преспа“

Или конкретно: Каде се парите?

Имајќи ги предвид сведочењата во „Рекет“, амбасадорите од Европа и САД би требало да размислат дали да го продолжат сегашниот речник, инсистирајќи само на измените на Законот за јавно обвинителство. Ваквите пристапи досега навистина менуваа закони, но ефективно само ја охрабруваа институционално-спонзорираната корупција. Коруптивните спреги во македонските партии, банки, служби, медиуми, НВО-а... одат подалеку од еден закон, една партија, мандат и/или политичка генерација. Дури и се спонзорирани низ добронамерни, но лошо спроведени и ненадгледувани проекти финансирани од парите на нивните даночни обврзници. Впрочем, за тоа може да се информираат кај нивните претходници.

Имено, прашањата што ги отвора (ат сведочењата за) „Рекет“ се многу: кој е текот на рекетираните пари и каде, во и надвор од Македонија; за што бил наменет парасистемот на СЈО-1ТВ и која е улогата во него на Заев, неговите советници и партиски камаради, вклучително во собраниското ратификување на Преспанскиот договор; какви сѐ импликации произлегуваат од инволвираноста на сегашни и поранешни функционери од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, чиј заеднички содржател е позицијата и засегнатоста на домашниот (финансиски) капитал олицетворена во ликот на Камчев, но и како се имплицирани домашните банки („Поштенска“ преку предметот на СЈО, „Евростандард“, која ја припои првата и „Комерцијална“, која се обиде да ја припои втората и со тоа и првата). Затоа повторно инсистирам: во аферата „Рекет“ треба да се следат особено – банките.

Ако лани се насетуваше, сега е сѐ поочигледно дека „Рекет“ е соочување со полит-бизнис-службењачко-правосудното тргување со влијание што ја (до)приватизира (пост)транзициската Македонија, оставајќи ја како институционална корупка во која неколку фамилии и бизниси го цицаат ткивото. Систем којшто не можел да биде воспоставен и применет без голема политичка поддршка и лостови на власта, од премиер и министри, до партиски функционери што Боки и Јанева (не)намерно ги идентификуваа со секоја фотографија со нив во работните кабинети. И многумина пред нив. Доволно е само да се погледне стеблото на нивните семејно-пријателски поврзаности со генерации.

„Рекет“ ги соочува и странците со нивното толерирање на (системско-политичката) корупција низ форсираната стабилократија што почнува да рикошетира преку тајкунскиот неоданочен кеш и во и вон западните балкани. Во кој посебно треба да се види улогата на банките и медиумите, заедно со нивната партиско-службењачко-медиумско-невладина логистика. Која Заев ја наследи од Црвенковски, а Груевски од Георгиевски. Или попрецизно, од оние кои нив ги дизајнираа уште во деведесеттите години на минатиот век. Затоа

СДСМ ќе се обиде исклучива изборна тематика да биде Преспанскиот договор

Неспорно е дека освен за заевизмот, ова е интересот и на остатоците на груевизмот. Како што поентата им е да се забошоти одговорот на прашањето колку и, ако да, уште побитно – зошто Заев и Спасовски се вплеткани во „евакуацијата“ на Груевски преку четири граници во Будимпешта.

Како еден од ретките што политички 12 години се спротивставував на пристапот на Груевски за референдумот како „одбранбен механизам“ за името, бидејќи тој беше основа за отворање на Уставот, не чувствувам сатисфакција што ми се потврдија предупредувањата. И затоа што „името, Албанците, Бугарите, Грците...“ беа емотивно-политичката јадица на која проектирано беа навртувани гласачите пред секои избори, за гледајќи ја шумата да не ги видат новозасадените дрва со длабоки корени на партиско-тајкунерската корупција што граѓаните и државата ги воведе во должничка спирала кон оние што ги приватизираа.

Но токму од таа позиција го охрабрувам опозицискиот курс на соочување со фактичката состојба во која појдовната грешка на Груевски (и ВМРО-ДПМНЕ тогаш) е „топорењето“ на референдумот како правно средство за камуфлирање на политичката одговорност, што Заев (и сегашниот СДСМ) сакаше да го искористи од 2016 за од европските и американските партнери да го добие пристапот „сменивме име, оставете не да правиме што сакаме“.

Сепак, 2020/21 не е исто што и 1990/91. Прво, бидејќи регионот во кој тогаш се отвораа прашања денес е регион во кој постои потреба од решени спорови. Второ, бидејќи регионот што пред триесет години беше идеолошки некомпатибилен за Западот, денес во добар дел е ЕУ и НАТО интегриран. Трето, бидејќи вака позициониран, неговата дисфункционалност и корупција веќе не е состојба на надворешните граници на Западот, туку проблем на Западот со свои сојузници. Затоа сега тема на изборите е

Каде се парите и кој го организираше нивното земање?

Токму затоа, нервозата на медиумските и опинионистичките орбитери на СДСМ расте паралелно со неуспехот Мицкоски да биде навлечен исклучиво на Преспанскиот договор како изборна тема. Конкретно, неговата упорност дебатата да се води за мотивите, методите и ниската точка на топење на „кремот“ на македонската политика што доведоа до Преспански договор преговаран без транспарентност, со исклученост на опозицијата и како договор за партиска корист наместо како документ со политичко и (меѓу)државно значење. Тоа на СДСМ им ја руши замислената кампања во која „преспанците“ треба да бидат „прозападни прогресивци“, а останатите „антизападни конзервативци“.

Особено откако поранешни вмро-вски медиа-политички перјаници обзнанија дека „преспанскиот“ пристап под многу поповолни услови и можности му бил на располагање и на Груевски уште во 2011. Заедно со декомпонирањето на инерцијата што Македонија од 1993 економски, политички и општествено ја држеше само во статусот на „поранешна југословенска република“ и со тајкунско-партиска, медиа-нво спрега ја спречи да се најде во природната средина – заедно со Словенија уште во Агендата 2000 или барем со Бугарија, Романија и Хрватска во крајот на 2000-тите.

Уште повеќе, демаскирањето на овие спреги, кои западните дипломати ги игнорираа заглавени во својот предвидлив легалистичко-стабилократски пристап, на сите им покажа дека компромисот со тајкунството и во Заевиот мандат дополнително ја корумпираше македонската политичка сцена во сите етнички бои. И со тоа ја направи уште попорозна за Истокот.

Со ризик претставувањето на секој нов законски проект во правосудството, како оној склепаниот во Пржино, како услов за европските интеграции и евроатланските интеграции во 2015 или за европските интеграции во 2020 – да биде еднакво подложен на недоверба и подигрување како и самиот проект за СЈО.

Компромисерството со тајкунството го натера Заев да ја пропушти шансата

А тоа, заедно со поттурнатиот ветинг и обидот за подривање на смислата на лустрацијата е и целта на пактот на власта со транзициската парто-медиа-бизнис-службењачка тајкунерија – одржување на играчите и нивните наследници три децении по промената на системот и остварувањето на независноста.

Затоа, опозицијата што не влегува во подготвената стапица е точката на нервоза која е голема во СДСМ, а уште поголема кај владините орбитери и платениците на засегнатата тајкунерија. Која и покрај сите обиди – не е по НАТО стандарди, макар проектирала и свој амбасадор во Вашингтон.

Неоптеретен од претходни опашки вон впечатокот за врска со претходникот, Мицкоски стартно е во предност и на ваквиот пристап може да генерира партнери и соработници во и надвор од својата партија. Без ваквиот темелен отклон, пак, следната влада нема нужно да биде политичка или класично партиска. Тоа за Заев е цел. И единствен политички спас.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе