„Рекет“: Само следете ги банките – како 2016 станува 2020/21

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

Никој не се „пали“ ниту на новите „снимки“, ниту ги есапи Боки 13, Ката-Фата, Кики-Фрики, Оки... за инспиратори и спонзори на аферата во „сапунската опера Рекет“. Никој веќе не сака ниту да има врска со снимките: обете главни партии-играчи во интра-македонскиот „Рекет“ не ни помислуваат да ја имитираат „Вистината за Македонија“. Така, освен со спорадични препирки по медиумите и социјалните мрежи за тоа кој кого индицира со снимките, практично сите се обидуваат да произведат гласен молк за аферата, оти колку повеќе ја „ишкаат мувата од капата“ – толку повеќе привлекуваат рој на себе.

Тоа е сосем нормално, затоа што во етерот веќе беше кажано, а не е демантирано дека „Рекет“ пука во моментот кога се заговарал, па пропаднал обидот за влез на странски капитал во „Комерцијална“. За ова пишував во јули годинава, кога стана јасно дека влезот на домашниот градежен капитал на почетокот на 2019 се насочи кон „окрупнување“ на сопственичката структура во оваа банка, коинцидирајќи со посватувањето на семејствата Чифлиганец и Заеви.

Имајќи предвид колку оваа банка е поврзана во и со сопственичката структура на големите компании во Македонија, особено оние „величенствените од приватизацијата“, се исцрта силуетатата на новото регрупирање на капиталот, што по секои избори се сели во контрола на победниците – до следните избори.

Во однос на банките, интересно е што и еден од главните протагонисти во „Рекет“ – Камчев – исто така е сопственик на банка. Засега личи небитно што и градежништвото и земјоделството во кои оперираат дел од бизнисите на споменатите – од 2006, а особено од 2009 па наваму – се дел од опсежни буџетски инвестиции и помошти: низ „Скопје 2014“ во градежништвото, а низ субвенциите во земјоделско-винарските проекти (на многу од познатите бизнисмени). Да не го изумиме и здравството, нели...

„Рекет“ низ „понебитните прашања“

Интересно е на пр. да се запрашаме од каде потекнуваат парите што Камчев ги исплаќал во кеш. Милионипол евра, ќе се согласиме, за нас обичните смртници е огромен износ, но очигледно и за него не е мал. Сумите шпекулирани за рекетот се и неколкукратно поголеми.

Бидејќи банкнотите во чантите не се обележани, легитимно е прашањето од каде тие пари се извадени и какво е нивното движење. Една можност беше тие да се земени од приватен сеф. Тогаш прашањето е од каде и кога дошле во сефот. Друга можност е тие да се извадени од сметка, како што се сведочи. Тогаш прашањата се за колку време и по која основа се нашле на сметка, па како се повлечени, бидејќи толкав износ не може да се претвори во готовина без за тоа да знаат банката од каде се повлекува, Финансиската полиција, а сигурно и Народната банка. Особено не по последните законски промени, од кога и износ над 1.000 евра е подложен на контрола.

Странично, бидејќи инкриминирањето на СЈО не беше уништување само на пар правосудни кариери, туку пред се на самата верба во правда и казнивост на функционерите, еднакво битни теми се и

Капитално-фамилијарната поврзаност во Македонија и изборот на Јанева

Амбасадорите вклучени во „Пржинските преговори“ треба да одговорат кој ја предложи Јанева. Исто како што некои од амбасадите во Скопје треба да одговорат дали и, ако да, зошто нивни дипломати биле почесни членови на „Меѓународниот сојуз“ на Боки Тредичи. Во кој „стан“ и да служат сега нивните тогашни првенци, било да е тоа Киргистан или Пакистан на пр. Значи, треба да одговорат кој од тогашните лидери и како ја селектираше екс-шефицата на СЈО – Груевски или Заев. Или обајцата, со согласност на некој од амбасадорите.

Бидејќи во тој период се заговараше и формирањето слободна финансиска зона што Македонија ја проектираше во евро-континентален оф-шор. А сомнителните пари се оние што финансираат многу опасни процеси и безбедносни закани.

Затоа вреди да се позанимаваме и со прашањето кој се по службена должност, покрај надлежното Обвинителство во случајот, треба(ло) да се заинтересира за потеклото на овие пари и зошто тоа не го прави. Гледајќи ја капитално-фамилијарната поврзаност во Македонија, имплантирана од самата транзиција, од горенаведеното е јасно дека интересно, а непријатно би било и прашањето на потенцијални линкови на (вработени во) Народната банка (со вработени) во комерцијалните банки.

Но и на врските на банкарскиот со политичкиот сектор кои се протегаат надвор од општиот „радар“ на јавноста, која на пр. тешко ќе поврзе чија ќерка министерува додека нејзин родител „банкарува“. И, какво „чудо“, во управувачката структура на банките ќе наидете на етничка структура во која ни Македонците ни Албанците не се баш застапени „за машала“. Тоа ќе одговори и дали и какви линкови во овие видови политички инженеринг има и кај вработени во странските амбасади овде.

Имено, ваквите врски ги направија партиите сервилни кон банките, но не и кон економијата и финансиите во Македонија и ја зацврсти културата на корупција и неказнивост. А тековно, работејќи на „сигурно“, во банките денес има расположливи средства за кредити за претпријатијата колку сакате, но се помалку има претпријатија капацитативни истите да ги користат, бидејќи се грогирани од нелојалната конкуренција од самата држава – главен работодавец, нарачател, инвеститор...

Имајќи предвид колку и самиот државен буџет е зависен од благајничките записи за кои банките (нормално) заработуваат камата, грубо речено – излегува дека граѓаните и државата се слично зависни од овие банки. Но не и транзициските бизнисмени, кои се ем сопственици на банките ем политички мецени на партиите. Како да станува збор за намерна спирала во која политиката спонзорирана од олигарсите одигра за нивните банки да станат неформален сопственик и на државата и на нејзините даночни обврзници. Интеграции на ваква држава? Pending…

Судството е последична причина

Кога кон ова ќе се додаде спрегата на судството, првично исцртано со (ре)изборот од пред 20 години, со семоќните извршители - работата станува сосем очигледна.

Парадоксално, шемата ја направија провидна адвокатите - „несудени специјални јавни обвинители“ кои низ контролираните медиуми преку ден го критикуваат судството, а навечер кафенисуваат со обвинителите и судиите; и разните „струкови“ невладини кои се издадоа со едногласното спротивставување на ветингот како постојана операција на проверка на потеклото на имот согласно закон, затоа што тој не може да се однесува само на еден институционален сегмент, на една власт и – на една „гарнитура“.

И така, полека станува јасно зошто мнозинството партии и нивните нови деривати не допираат до граѓаните. Затоа што шемата им е презрена, како и ликовите и целта: се да остане исто.

Но, видливата повлеченост на гласачите од парто-медиумски „понудените“ теми најавува нешто интересно: дека за прв пат по подолго време интересот на македонските граѓани и странците се поклопуваат. Оти и едните сфатија и другите јавно кажаа дека ако остане во заложништво на десетина (распоредени) фамилии и нивниот круг од 1990-тите – државата нема да оди напред, иако медиумите и Владата пред секој Самит пак ќе ни велат: „Еве, само што не биднало“.

Тоа го знаеја и го знаевме и во 2016. Затоа, пак (ќе) ја живееме. Во 2019/20/21.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе