„Рекет“ е спас за ВМРО-ДПМНЕ

Одолговлекувањето на истрагата за случајот „Рекет" е тесно поврзана со политичките проценки за тоа до каде може да се оди во тактиката „жртва за квалитет".

Жртва засега е само Катица Јанева, досегашната шефица на Специјалното јавно обвинителство, а квалитетот е опстанувањето на СДСМ на власт и обид да се истера уште еден мандат. Очигледно е дека досегашната сервилност на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и неговата екипа кон Брисел и Вашингтон е добредојдена и посакувана од нив за уште еден мандат.

За ова останување ветена била и директна помош од Вашингтон, велат високи дипломатски извори од Брисел. Таму е евидентен интересот на меѓународната заедница оваа власт да остане, а со тоа и целиот проект поврзан со името „Северна Македонија“ да се втемели подлабоко и Македонците полека да се навикнуваат на деловите од т.н. „тиранска платформа“ и Преспанскиот договор.

Паралелно со ова, претставници на бриселските тинк-тенк институти брифираат за истовремен ангажман на западноевропските дипломати за смирување на опозицијата. Тие упорно работеле на тоа да го намалат доживувањето кај опозиционерите во однос на најавената жешка политичка есен. Засега тие најави за големи протести и притисок врз власта за предвремени избори се претворија во карванот и новиот тим на Христијан Мицкоски за „Обнова на Македонија“.  

Од јануари 2020, стартната позиција на СДСМ, ако Македонија стане членка на НАТО и добие датум за преговори за членство во ЕУ, ќе биде многу поповолна од онаа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која по препораките од Вашингтон и Брисел очигледно се откажува од жешката политичка есен и преминува во теренски активности под наслов „Обнова на Македонија“.  

На оваа можна поддршка на Вашингтон на Зоран Зев за уште еден мандат, може да се одговори само со целосно разоткривање на скандалот „Рекет“. Не случајно кризниот штаб на власта целосно е насочен кон санирање на штетите по отворањето на случајот „Рекет“. Сѐ се прави да се заташка аферата и да се заврши само со жртвеното јагне Катица Јанева.

На сите им е јасно дека во оваа афера капиталецот не е Јанева, дека е таа само дел од синџирот во рекетарската шема која оди многу високо во власта и во СДСМ. Проценката е дека токму целосното разоткривање на оваа афера е единствената шанса на ВМРО-ДПМНЕ за успех на наредните предвремени или редовни парламентарни избори.

Бриселските дипломатски кругови брифираат дека ова е единствената шанса за ВМРО-ДПМНЕ, ако се знае дека членството во НАТО е веќе готова работа, а и датумот за преговори станува сѐ поизвесен. ВМРО-ДПМНЕ мора да притисне целосно да се истражи овој огромен корупциски скандал и преку притисокот во јавноста и протести да се дојде до што поскорешни предвремени парламентарни избори. Паралелно со ова, од противничкиот табор, ќе се оди на омаловажување на позицијата на Христијан Мицкоски, опозицискиот лидер и неговите наводно сомнителни зделки со хидроцентралите.

Затоа, случајот „Рекет“, не само заради ВМРО-ДПМНЕ, туку пред сѐ заради здравјето на македонското општество мора целосно да се отвори и праведно да се пресуди.

Александар Стојановски, Брисел 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе