Реформиран безбедносен систем или нефункциoнална демократија со мани

За какви реформи зборува Оливер Спасовски кога селекцијата на кадри во АНБ е извршена без да се исполни основниот услов за засновање на работен однос - полиграфско тестирање за потврда на професионалниот интегритет?

Минатата недела се одржа годишната конференција за реформите во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Скопје, во организација на ДЦАФ-Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, каде присуствуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за одбрана, директорите на службите и каде помеѓу другото имаше и панел дискусија на тема „Реформите во разузнавачкиот сектор во Македонија – тековни постигнувања, останати предизвици и идни приоритети”. На оваа конференција и во рамки на споменатата панел дискусија од страна на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски како успешни беа оценети реформите во безбедносниот сектор.  

Веројатно, само Оливер Спасовски знае што се крие под терминот „успешни реформи“, односно само тој и власта сакааат да прикажат дека сѐ е „мед и млеко“ во разузнавачко-безбедносниот сектор, притоа покажувајќи „потемкинови села“ пред меѓународните партнери. Но, фактите и фактичката ситуација се многу различни, а за тоа меѓу другото говорат и изјавите на претставниците на граѓанскиот сектор.

На самиот почеток ќе потенцирам дека ова не е политички текст, како нивните изјави и заклучоци. Ова е издржана колумна во која зборувам со факти и аргументи. Како човек кој цела своја кариера ја поминал во разузнавачко-безбедносниот сектор, имам обврска пред граѓаните да ја зборувам вистината, а моите тврдења ќе ги поткрепам со аргументи кои фрлаат сериозна сенка на целиот процес на реформи и истовремено има сериозни сомневања за немање граѓанска контрола, но и за постоење политички и лични влијанија во работењето на круцијални институции кои се дел од безбедносниот систем на државата.

Ќе почнам со состојбите во Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите и Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР кои сѐ уште немаат ангажирано стручни лица кои треба да помагаат со експертски совети на комисиите за ефикасен надзор над комуникациите и работата на службите. Имено, власта свесно го кочи овој процес и упорно одбива да одвои минимални финансиски средства за нивно ангажирање. Исто така, заради „немање“ финансиски средства сѐ уште не се поврзани сите корисници на услугите на ОТА директно на системот.

Дополнително, за оневозможување на функционирањето на овие комисии говори и фактот дека на член на комисијата кој доаѓа од опозициските редови, а претходно и самиот бил дел на безбедносниот сектор, веќе една година не му е издаден безбедносен сертификат и на тој начин истиот е оневозможен да ја извршува својата работа.  

Со ваква поставеност на работите и со вакво нефункционирање на контролниот механизам, се поставува прашањето кој ја контролира Воената служба за безбедност и разузнавање?!

Второ, Советот за граѓански надзор наменет за обезбедување на демократски надзор за следење на комуникациите на безбедносните и разузнувачките служби во кој членуваа еминентни правни експерти исто така е нефункционален, што пак говори дека сѐ уште нема граѓанска контрола врз прислушувањето. Членовите на советот јавно и на средби во Владата, но и со претседателот неколку пати реагираа, но очигледно власта немаше слух за овие реакции, што пак резултираше со нивна колективна оставка.

Трето, што се случува во т.н. „служби“?

По цели три години од носењето на Законот за Агенцијата за национална безбедност и формирањето на новата служба таа физички сѐ уште е во кругот и во простории на Министерството за внатрешни работи и неовластено има пристап до релевантни информации од ова министерство.

Дополнително, при самото кадровско екипирање на оваа институција направено е сериозно кршење на Законот за АНБ со тоа што сите нововработени не ги поминуваат законски задолжителното полиграфско тестирање и тестот на интегритет. Апсурдноста да биде уште поголема, и по три поминати години од функционирањето на АНБ сѐ уште вработените ги немаат поминато овие задолжителни проверки кои се утврдени во законот, особено во ситуација кога истите се ангажирани во процесот на безбедносни проверки за издавање на безбедносни сертификати на други лица.

Сериозна сенка во работењето на оваа значајна институција фрла и процесот на селектирање на вработените во агенцијата, кој беше политички обременет и во чии рамки партиската припадност беше единствениот услов за прием и поради тој услов тенденциозно беа отфрлени бројни искусни оперативни работници, оператори на беспилотни летала, аналитичари и сл. Во меѓувреме во редовите на АНБ и АР со користење на законски дозволениот механизам „вработување без објавен јавен оглас“ се вработуваат стотици несоодветни и нестручни лица, кои се единствено партиски подобни. На тој начин, сериозно се нарушени оперативно-аналитичките капацитети на безбедносниот систем. За нефункционалност на оваа важна институција говори и фактот  дека безбедносните проверки кои треба согласно со закон да траат максимално три, односно шест месеци, не се завршуваат и по повеќе од една и пол година и тоа за судии кои водат граѓански, управни постапки, но и работни спорови, како и за адвокати ангажирани во правна одбрана. На тој начин директно остварувајќи влијание врз правниот систем се оневозможуваат правата на граѓаните.

Од друга страна, кога тоа се прави од политички интерес експресно се издаваат безбедносни сертификати од највисок степен дури и на лица под истрага. Ова отвора сериозно сомневање дека АНБ со монополската позиција врз безбедносните проверки врши директно влијание врз текот на судскиот процес.

Дополнително, системот за безбедносни проверки грубо се злоупотребува за професионална елиминација на сите идеолошки неистомисленици или професионална конкуренција.

И ова не се единствените „мани“ на Агенцијата за национална безбедност. Системот на внатрешна контрола во оваа институции не функционира повеќе од една година, односно толкав временски период директорот на АНБ нема доставено предлог за раководител до сообраниската комисија за надзор, која пак треба да даде согласност за истото. Тоа се направи пред неколку недели, со цел тогашниот директор да биде законски покриен пред заминувањето од позицијата, но од страна на СДСМ и ДУИ индиректно беше одбиен предлогот, заради внатрепартиски војни, со нивно неприсуство на седницата за избор.

Иако со реформите беше предвиден еднаков систем за внатрешна контрола, во АР на сила се протурка законско решение раководителот на внатрешната контрола да го именува директорот без согласност на Комисијата за надзор. Каде е тука објективноста и контролната функција ако раководителот е именуван од директорот, а тој треба да утврдува незаконско работење во рамки на институцијата?! Инаку, да потсетам дека Законот за АР беше единствен закон од безбедносната сфера кој не беше изгласан со консензус.

Транспарентноста и понатаму е проблем кој треба да се адресира. Не може службите да бидат над законите и под плаштот на државна тајна да не даваат отчет пред Комисијата за своето работење.

Иако се донесе, сѐ уште не е применет Законот за координација, а безбедносно-разузнувачката заедница нема абер од активирање на канцеларијата на советот. Факт е дека со овој Закон сѐ уште не е решен горливиот и вечен проблем на ефикасна координација и синхронизација на безбедносно-разузнавачката заедница, а тоа е општо познат факт кај сите припадници на безбедносниот сектор.

И доколку ова се „успешни“ реформи, како што тоа го претставува министерот Оливер Спасовски, во оваа колумна би сакал да поставам неколку прашања до него и до партиските директори поставени од страна на СДСМ:

За какви реформи и компетентност зборуваат тие кога селекцијата на кадри во Агенцијата за национална безбедност е извршена без да се исполни основниот услов за засновање на работен однос - полиграфско тестирање за потврда на професионалниот интегритет?

За какви реформи зборуваат кога Агенцијата за национална безбедност повеќе од 14 месеци нема поставено раководител за внатрешната контрола кој е гарант за професионално и законско работење на оваа институција?

За какви реформи зборуваат кога четири години нема формирано граѓански совет ниту назначено експерти кои ќе извршат надзор врз начинот на вршење на следење на комуникациите во ОТА, во АНБ и во Воената служба?

Дали функционални институции кои произлегуваат од успешни реформи дозволуваат судии и адвокати повеќе од една година да чекаат за безбедносен сертификат, а со тоа да се одолговлекуваат и одложуваат бројни судски рочишта и да се оневозможуваат граѓаните да ја остварат правдата?

Дали издавање на сертификат „Државна тајна“ од страна Агенцијата за национална безбедност на лице кое е осомничено за корупција е успешна реформа и функционален систем?

Веројатно под флоскулата „успешни реформи“ и „функционални институции“ се кријат институции кои работат за партиски цели и партиски интереси на СДСМ и кои „вдомуваат“ заслужни партиски членови.

Ова се важни факти и аргументи кои треба да ги знаат граѓаните, невладините организации и меѓународната заедница. Ова се прашања кои заслужуваат одговори и сериозна загриженост. Ова се докази за сериозна институционална нефукционалност и неуспешни реформи.

Веројатно ова е „демократија“, но според некои други критериуми и услови.  

Наќе Чулев,

поранешен министер за внатрешни работи

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе