Реформа на правосудството - што со неправдите на државниот правобранител?

Последиците од инструкциите на Маневски во претстојните реформи на правосудството не смеат да бидат игнорирани и да не се направи обид да се исправи неправдата.

Авторите на Нацрт – Стратегијата за реформа на правосудниот сектор точно ја констатираат состојбите во македонското правосудство во последниве десет години, заклучувајќи дека независноста и непристрасноста на институциите од правосудството биле уназадувани со груби непочитувања на законските норми, нивно „растегливо“ толкување и директно вмешување на извршната власт во работата на судството и јавното обвинителство. Меѓутоа, дали препораките и мерките кои ги предлагаат се доволни за сеопфатно и ефикасно исправање на неправдите кои правосудството им ги нанело на граѓаните?

Впечаток е дека во Нацрт – Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (понатака НС), ако не исклучиво, тогаш доминантно, авторите својот фокус го усмеруваат пред сè на состојбите во правосудството кои се однесуваат на „високите“ или, како проф. д-р Љубомир Данаилов-Фрчковски ги нарекува, „попознатите случаи“, коруптивни предмети, како и на процесот на лустрација. Од реформите по области, најтретирани во НС се оние од казнено-правната област.

Со ваквиот пристап, авторите на НС прават поделба и градација на фаворизирани и маргинализирани жртви на партизираното правосудство, при што за неправдите сторени во кривично-правната област се предвидуваат и конкретни мерки за корекција на (не)стореното од страна на правосудството, додека граѓанско-правната област речиси потполно да е занемарена во НС; на истата ѝ се приоѓа со еден административно-бирократски речник, без обид суштински да се навлезе во констатирање на состојбите во оваа област, а уште помалку да се понудат решенија за направените неправди. Предлогот кој е понуден во НС за функционални и транспарентни механизми за одговорност на судиите не е јасно дали се однесува и за судиите кои суделе предмети од граѓанска материја и – доколку да, начинот на кој ќе се направи тоа.

Последиците од „доктрината на Маневски“ мораат да бидат исправени!

Ако постои поширока согласност со констатацијата во Извештaјот на Прибе дека „Македонија е заробена држава“, тогаш треба да постои и согласност дека реперкусиите од таквата состојба поддеднакво се однесуваат на сите предмети од судството, независно од областа во која тие биле судени. Нема сомнеж дека тежината на неправичноста на судските одлуки најтешко ги погодувала жртвите на правосудството во кривично-правната област, и во тој дел корекциите и решенијата треба да бидат најбрзи и најприоритетни, меѓутоа, не смее да се изгуби од предвид дека и сериозни човечки судбини биле погодени и уништени и во граѓанската област. Тука најмногу се мисли на предметите во кои граѓанте се јавувале за тужители на Република Македонија или државата била тужител на граѓанинот. И од тие предмети, исто така, може да се добие увид за заробеноста на државата и неправдата која институциите им ја нанеле на граѓаните во судски постапки, кои, согласно Уставот на РМ морале да бидат фер и објективни.

Веројатно авторите на НС се запознаени со т.н. „доктрина на Маневски“ (за неа пред неколку години пишуваше и Дневник во неговиот додаток „Публика“, за жал недостапен на Интернет), за наложеното и спроведено упатство од тогашнот министер за правда Михајло Маневски до судиите дека во ниден предмет, во кој странка е државата, било во улога на тужител или тужена, пресудата не смее да биде на штета на државата. Ова упатство, кое од страна на судиите беше дисциплинирано спроведувано во изминатите години, има нанесено огромна неправда, духовна и физичка болка, а за некои странки била и причина за смрт. Затоа, последиците од инструкциите на Маневски во претстојните реформи на правосудството не смеат да бидат игнорирани и да не се направи обид да се исправи неправдата.

Она што се сега воочливи почетни иницијални чекори од страна на правосудството во оваа област, се ревизии на случаи во кои државата била оштетена во криминално-коруптивни предмети во кои лица блиски или дел од минатата власт, го оштетиле буџетот преку продажба на државни станови и продажба на државно земјиште по багателни цени или доделување субвенции. И сведоци сме деновиве дека институциите на државата превземаат чекори да се исправи оваа неправда направена кон интересите на државата. И тоа е за поздравување. Меѓутоа, немаме и обратни случаји – да се преиспитаат пресуди во кои државата го оштетила граѓанинот преку непочитување на законот.

Како најилустративен пример за начинот на кој т.н. „доктрина на Маневски“ била спроведувана во судниците е што во некои предмети во кои државата била тужена, а тужителот добил пресуда во негова корист, по правило пресудите, иако биле потврдени и од второстепениот суд, не можеле да бидат спроведени, туку секогаш се применувал институтот „повторување на постапката“. Иако истата е предвидено да се применува во многу огранични и рестриктивни околности, со јасно предвидена процедура за повикување на оваа законска одредба, во предметите во кои државата го изгубила случајот, а тужителот не бил близок на фамилизираната власт, секогаш било удоволено постапката да се повтори. Тоа значело на тужители-граѓани, кои за својата правда чекале и повеќе од десет години, повторно сè им се враќало на почеток, во целост губејќи ја довербата и сигурноста дека преку судска постапка ќе го остварат своето право.

Во НС, чинителите на правосудниот систем кои се предлага да бидат предмет на оценка и реформи се наведуваат судството и јавното обвинителство, меѓутоа неправедно од тоа се иззема државниот правобранител, за кого сметам дека во координација со политички зависните судии, е главниот имплементатор на спомнатата „доктрина на Маневски“. Во многу предмети, во кои била тужена државата од граѓани кои немале интересни конекции со власта, државниот правобранител на најбескрупулозен начин имал вршено притисок врз судиите да донесуваат пресуди во корист на (заробената) држава, и тогаш кога нејзините окупирани институции вршеле противзаконско дејствие, а доколку тоа не било можно, ултимативно се барало да биде дозволено спасоносното решение „повторување на постапката“. Оттука, во НС, покрај судството и јавното обвинителство, мора да се посочи и државниот правобранител како соучесник во неправдите нанесени на граѓаните од правосудството, а особено периодот додека со Државното правобранителство раководела Оливера Китанова, чија работа треба да биде предмет на проверка и ревизија, бидејќи истата не била ништо помалку партиски војник на Фамилијата од јавниот обвинител Марко Зврлевски.

 Ревизија на сите срамните судски пресуди е императивна!

Исправањето на неправдите кои Државното правобранителство им ги нанело на граѓаните е лесно остварливо, и за истото не е потребно многу време ниту комплексни ангажмани за евентуалните судии-ревизори на пресудите. Би можело сите предмети во кои државата го изгубила спорот со двостепена судска одлука (веројатно бројот им е едноцифрен), а потоа странката не можела да ја реализира пресудата поради примена на повторување на постапката, да бидат предмет на ревизија дали одлуката за повторување била согласно законските одредби.

Можен начин на спроведување на целата постапка за ревизија е граѓанинот-тужител да поднесе барање до Уставниот суд за разгледување на одлуката за повторување на постапката дали била согласно Уставот во членот 9 („Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“) и членот 98 („Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите...“.). Доколку Уставниот суд оцени дека овие членови не биле почитувани, тогаш автоматски да биде потврдена правосилната и извршна пресуда, која била поништена со новата одлука за повторување на постапката. Секако, авторите на НС можат да предложат и свои решенија за исправање на овие неправди.

Како пример од судската пракса во периодот на заробена држава, имаме предмет (близок на авторот на овој текст) во кој РМ била тужена за експроприран имот во центарот на Скопје и по десет години судење, граѓанинот-тужител конечно во 2009 година добил првостепена пресуда во негова корист дека РМ е должна да му исплати надомест за експроприраниот имот. Државното правобранителство ја обжалило оваа одлука, но во 2010 година и Второстепениот суд ја потврдил одлуката на Првостепениот суд. Спротивно на законот, Судот одбил да стави печат за правосилност и извршност на пресудата, бидејќи Државното правобранителство најавило и поднело барање за ревизија до Врховниот суд. Во 2011 година и Врховниот суд се произнел отфрлајќи го барањето како неосновано, со што, конечно, пресудата станала правосилна и извршна и тужителот покренал постапка за наплата преку извршител.

Спротивно на законот, државниот правобранител, преку притисок врз судијата кој ја донел пресудата, издејствувал стопирање на исплатата и поднел барање за повторување на постапката. Барањето било одбиено и од првостепениот и од второстепениот суд, но државниот правобранител повторно барал повторување на постапката со доставување на наводно нови докази. Тогаш второстепениот суд, во ист состав и со исти докази, го прифатил барањето на државниот правобранител и дозволил дванаесет години судската голгота да биде поништена и сè да се врати од почеток.

Најсрамно во целата постапка е прифакањето од страна на судијата на новите докази врз кои постапката била вратена на повторување. Во законот е предвидено за да се дозволи повторување на постапката треба да се достават нови докази (не постари од шест месеци) кои се однесуваат на предметот. Во овој случај, државниот правобранител, надвор од дозволениот рок за поднесување барање за повторување на постапката, поднел докази од 1994 година (не шест месеци, туку повеќе од шеснаесет години стари!) и тоа докази кои се однесувале на сосема друг предмет, кој апсолутно немал никакви допирни точки со односниот предмет. Образложението на државниот правобранител било бидејќи, според него, се работело за слични предмети, судот да применил аналогија, и како во претходниот, така и во овој предмет да донесол идентична пресуда. Под силен притисок на претставникот на државниот правобранител Цветанка Кормушовска, судијата Соња Кочовска, надвор од дозволениот рок за барање за повторување на постапката, го прифатила барањето и дозволила дванаесет годишната постапка да се повтори и се врати од почеток. Три месеци по оваа пресуда, тужителот, починал од срцев удар.

Нема правда ако има поделба на големи и мали неправди!

Имајќи го во предвид претходниот пример од судските ходници, прашања на кои авторите на НС треба да дадат одговор е дали во овој и во слични предмети, каде пресудите јасно се донесени спротивно на законите, е можно да се прифати тие да не бидат предмети на ревизија туку да се продолжи да се постапува како сè да било најрегуларно, согласно законите и процедурата? И второ, во најновиот извештај, Прибе предлага дека треба да се преземат мерки против оние судии кои ја злоупотребиле својата позиција, што се согласувам дека е правилно, но каква корист за жртвата на неправдата ако судијата одговара за своето несовесно работење, но неговите противзаконски пресуди не бидат поништени?

Евентуалниот индиферентен однос кон оваа област во претстојните реформи на правосудството ќе значи толерирање на лошите судии, а со тоа и давање легалитет и легитимитет на јасно сторената неправда над граѓаните. Молчењето на авторите на НС за оваа област може да се разбере и дека се подготвени да ги прифатат направените неправди поради „повисоки“ државни интереси (да не се оштети буџетот), што беше аргументација и на чинителите на правосудството кои сега се предмет на критика и реформи.

Сметам дека вистинската и правичната реформа на правосудството во овој дел треба да овозможи секој кој има материјални докази дека бил оштетен од неправичноста на правосудниот систем (спрега на судија и државен правобранител), да има право да побара ревизија на судската одлука и евентуална корекција на неправдата. Вака испаѓа дека НС се базира на ситуациона етичност, т.е. привилегиран избор за правна сатисфакција само за неправедно лустрираните и за попознатите случаји (како правосудството да е естрада со познати ѕвезди и старлети, а за некои портали и популарни овчари (?!)), додека останатите жртви на минатиот режим и понатака ќе бидат изложени на правна несигурност бидејќи најавениот селективен пристап до правда за нив ќе биде неправда (по втор пат). Во нивното симплифицирано расудување, порано од Груевски, сега од Заев.

Од тие причини, Националната стратегија треба да биде многу пофер, поконкретна, посеопфатна и порадикална во своето скенирање на состојбите и во нудењето решенија за нивно поправање, а што би довело и до враќање на довербата на граѓаните во правосудството.

д-р Ненад Живановски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе