Колумна на Српска Политика

Референдумски ајвар

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

Карваните политичари од највисок ранг од ЕУ, САД и НАТО не почувствуваа ненадејна потреба да ги убедат Македонците дека, наместо ајварот, повкусен е хамбургерот прелеан со кечап. Порачувајќи им дека јужњачките гурманлаци мора да бидат прелеани со северњачки преливи, спин-докторите не сфатија дека, тврдејќи дека референдумот е поважен и од миризбата на печени пиперки, им удрија шлаканица дури и на оние Македонци што ги немаат ни најосновните траги патриотска ДНК во себе.

„Ма немој, ништо не е поважно од ајварот“, ми рече еден од водечките македонски интелектуалци, кој долго време се залага за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ, па се подразбира дека на изборите гласал за премиерот Зоран Заев. Но кога му понудиле на референдумското политичко мени да го промени своето име за евроатлантските интеграции, одлучил да го бојкотира референдумот.

„Како би гласале Србите кога Западот би ги замолил од утре да се викаат северни Срби? Тоа дури повеќе е смешно отколку што е навредливо“, ми рече резигнирано поддржувач на граѓанската Македонија со цинична насмевка карактеристична за луѓето што се помириле со судбината и ја сфаќаат како природен тек на историјата, а никако на логиката. Тој не е оптоварен со вишок национализам и митоманија за македонското Сонце, што би го вброило во припадниците на конзервативната ВМРО-ДПМНЕ, која беше предводена од Никола Груевски. Попрво би го опишал како македонска верзија на Чедомир Јовановиќ, со нешто подолга брада.

Но Груевски веќе го нема. Од доаѓањето на власт, со цврста рака ја водеше Македонија, ги узурпираше медиумите, судството и полицијата, свесен дека по оружениот бунт на Албанците во 2001 година, кој резултираше со Охридскиот договор и со кохабитација со албанските партии во власта, не смее премногу да води сметка за стерилните демократски правила во земјата каде што со иста страст се пее, се плаче, а понекогаш и се пука.

Со судското процесуирање на Груевски и со останувањето на осамениот претседател Ѓорге Иванов на ветрометина, се чинеше дека регионот добива нов, нашминкан прозападен лидер во ликот на Зоран Заев. На службениците на американската велелепна дипломатска станица на ридот што доминира над Скопје, со осум ката под земја, не им требаше да ординираат по теренот или да посетуваат физијатри распрашувајќи се дали Груевски навистина премногу ја врти главата кон Истокот. Соочени со Ердогановото вртење грб, тие сфатија колку им е потребна стабилна Грција, па сакаа, со затворањето на главниот надворешнополитички проблем на атињаните, да направат две работи: лекување на ранетото јужното крило на НАТО и вовлекување на уште една балканска земја во орбитата на Алијансата. Осоколени од преземањето на Црна Гора во своето ексклузивно царство, Американците и Европејците помислија дека Македонците ќе бидат лесен залак. Можеби сепак требаше да го консултираат мудриот Мило Ѓукановиќ. Тој сфати зошто Црна Гора не смее да распише референдум за влез во НАТО.

Македонското избирачко тело е поделено на две длабоко завојувани страни, кои пролеаја крв во Собранието, додека во заднината Албанците спокојно порачуваат, удобно седејќи на Тиранската платформа, дека тие се единствените искрени американски сојузници.

Зошто тогаш проектот на северна Македонија на западен Балкан, во југоисточна Европа, тоа ново играње регионална географија, на кое не би се сетил ни Бајага, доживеа референдумско фијаско? И зошто Зоран Заев наместо ајвар изеде лутеница? Веќе референдумското прашање навестуваше дека питомите Македонците ќе зовријат: „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. Писателите на референдумското прашање не се удостоија дури ни конкретно да наведат дека станува збор за Преспанскиот договор за промена на името на Република Македонија, па некој би помислил дека граѓаните се изјаснуваат за договор за увоз на овошје или фудбалери.

Но наместо витешки да признаат дека референдумот пропаднал, европските, американските и НАТО-претставниците го прогласија за победа, што дополнително ги разгоре политичките страсти. Лицемерствоето на западните владејачки политички елити и обидот за прекројување на волјата на граѓаните на Македонија што не се согласија да станат северни јужњаци, со релативизирањето на резултатот од референдумот, кој лаконски беше оценет како консултативен, со дипломатските притисоци промената на името да се протурка низ парламентот, само ќе го зголеми отпорот на Македонците.

Патот кон ЕУ не е само чекирање карта за лет во Брисел, туку вистинска демократизација на општеството. Но во тоа се чини веруваат само малите земји, кои по којзнае кој пат се судираат со интересите на самопрогласените факелоносци на демократските вредности и нивните либерални мејнстрим-медиуми. Кога волјата на граѓаните ќе се совпадне со интересите на големите сили, тогаш тоа се нарекува демократија. Кога граѓаните ќе се спротивстават на референдум, следува ќотек.

Овој референдум Македонците го одлучија со молчење. Дури и новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кампањата се однесуваше како пантомимичар, за разлика од претседателот Ѓорѓе Иванов. Во времето на власта на Никола Груевски, Иванов важеше за негова пудлица, однесувајќи се како Слободановиот Милан Милутиновиќ. Но, останувајќи осамен, Иванов не се скри во својата резиденција, туку и од говорницата на Генералното собрание на ОН ги критикуваше САД, ЕУ и НАТО, повикувајќи ги граѓаните да го бојкотираат референдумот. Дури кога остана отфрлен, покажа како, со борба за своите уверувања, од пудлица се станува шарпланинец!

Многумина ќе речат дека Македонците не ја искористиле историската шанса експресно да влезат во НАТО и да ги почнат преговорите со ЕУ по 27 години. Можеби балканската ирационалност повторно го победи прагматизмот. Дали следбениците на оваа теорија се во право? Што ќе си помислите за мене ако овој текст го потпишам со - северен Александар Апостоловски. Во одговорот на ова прашање се крие и одговорот зошто референдумот пропадна.

Автор: Александар Апостоловски

Извор: Политика

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе