Рациновите „Бели мугри“ – тестаментална поетска книга

Кочо Рацин како искрен приврзаник и следбеник на делото на Константин Миладинов и на Григор Прличев ја пробуди свеста за големите можности на македонската литература, а со идеите и со еманципацијата на македонската поетска реч го бранеше и го одбрани достоинството на животот и на уметноста. Во неговата поезија до израз дојде силата на македонскиот јазик.

Стихозбирката Бели мугри од ословоположникот на современата македонска литература Коста Солев Рацин (Велес,1908–1943, Лопушник) е тестаментална книга која го најави будењето на слободната мисла на македонскиот народ, книга која ги постави здравите темели на модерната македонска литература. Оваа мала стихозбирка по обем, но величенствена според високите естетски вредности, се појави во 1939 година, во пресуден историски миг и го премости јазот меѓу усната книжевност и индивидуалното уметничко творештво. Таа е возбудлива творечка авантура и најголемо меѓувоено остварување кај нас.

Кочо Рацин како искрен приврзаник и следбеник на Константин Миладинов и на Григор Прличев ја пробуди свеста за големите можности на македонската литература, а со идеите и со еманципацијата на македонската поетска реч го бранеше и го одбрани достоинството на животот и на уметноста. Во неговата поезија до израз дојде силата на македонскиот јазик. Поетот ги соедини во себе мајсторството на стихот и возвишеноста на прогресивните идеи. И, како што ни е познато, робијата ја претвори во вистински универзитет, а трагиката во неповторлива уметност.

Стихозбирката Бели мугри претставува исклучителен историски настан, синтеза на националниот и на индивидуалниот дух. Ова култно дело значително влијаеше во утврдувањето на македонскиот литературен јазик и во развојот и во тековите на современата македонска литература.

Песната на Рацин е духовна возбуда, возвишена слика за животот и за судбината на македонскиот народ, потиснуван, поробуван, измачуван низ вековите. Таа ја има моќта на силна кохезиона сила, која со далекосежните пораки нѐ потсетува на непорекливата дарба на Македонците за нејзино величање и во тажни и во радосни мигови. Во Рациновата лирика се соединуваат два гласа: првиот е гласот на поетот, а вториот е гласот на народот, на неговите опеани судбини. Преку овој исказен принцип, поетот вешто ја синхронизира јазичната материја на песната кон општите национални обрасци, а стилските и звуковните принципи на народната лирика ги преобликува во силно строфично устројство и им даде нови насоки и димензии. Во обликувањето на творечкиот систем, кон народната песна Кочо Рацин се однесува творечки, на стиховите им влеа нови и современи значења. Неговата песна е отворена, со едноставна и цврста јазична структура. Таа своја постапка и дефиниција за македонската песна ја искажа во студијата за македонската народна песна, која прерасна во наше заедничко мото, но и завет за идните генерации. Во овој круг на делби и преселби, на социјални турбуленции, на човечки трауми, на болка и тага, но и на силна желба за опстој во бурите што нѐ плискаат од многу страни, песната ни останува како утеха, како чин на пркосно достоинство, како дарба дадена од господа. Зашто, како што забележа нашиот славен и мудар претходник:

„Кога се пеат македонските песни, еден силен, широк бран, полн со неисцрпна мака и длабочина ни ја преплавува душата. Во нас воскреснуваат изминатите дни, тиха жалба и најсокровените чувства на нашето срце. Сето она што можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што требало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната. Во македонската песна е скриена тагата на мајката, потемнета од жал, пресвиткана над огништето каде што огнот нечујно гасне, скриен е безнадежниот глас на ветрот што полека замира во оџакот, скриени се непоимливите моменти на љубовта, растреперените радости, тихиот шепот на расцутените нарциси в поле и екотот на белите столетни букови стебла. Која анализа, макар била таа и од најопитен мајстор, би можела да ги најде проткаени во песната? Само увото и срцето на оние што ги преживеале ќе можат да ја дочараат таа потајна, скриена убавина“.

Во ова продуховена и делекосежно осмислена согледба на македонската песна, Рацин ја вгради сета своја творечка дарба, притоа обединувајќи ги во своите Бели мугри и јасно дефинирајќи ги идните поетски постулати, кои прераснаа во нова, модерна и современа поетска школа. Таа школа Рацинова е нејприфатливата поетска матрица за сите нас, неговите следбеници. И, како што убаво ќе забележи Матеја Матевски: „Во животот на народите има мигови и настани што по својата содржина, по своите пораки и по своите национални, општествени и културни последици стануваат мигови од историско значење. Како дел од неговиот историски континуитет, тие завршуваат еден период од животот на народот, станувајќи негов врвен израз и отвораат нови страници во неговиот развиток станувајќи негов историски меѓник, онаа гранична црта од која почнува неговата иднина. За македонскиот народ и за неговата култура еден од ретките такви настани и таков историски меѓник претставува појавата на Рациновите Бели мугри. Кога ги славиме Белите мугри, ние, всушност, ја славиме големината на македонскиот јазик, низ кој денес веќе се реализираат и најсложените литературни форми. Тоа нас нѐ прави горди, но во исто време претпазливи во зачувувањето на големите придобивки на Рациновиот поетски јазик, по кој се препознаваме и врз кој го зацврстуваме нашиот идентитет.

За животот и за делото на Кочо Рацин пишувале многумина македонски и странски критичари, писатели, публицисти, научници; објавени се бројни критики, есеи, огледи, студии и монографски трудови, одбранети се докторски дисертации, а организирани се и научни собири, тркалезни маси и симпозиуми. За поезијата на нашиот книжевен великан слух пројавија и музичарите, а низ бројни уметнички портрети неговиот лик го овековечија и сликарите. За сите нас, неговото дело е од историско значење. Тоа е посебно, специфично и универзално. Тоа дело на најубав начин ја пресликува и ја опева нашата, македонска судбина. Затоа, многумина препејувачи и зналци на неговата лирика Кочо Рацин го нарекуваат македонскиот Лорка, а пак, ние Македонците стихозбирката Бели мугри ја прифаќаме како заветна книга за сите генерации.

Духот на Рацин и на неговата предвесничка поетска мисла, искажана со јазик прифатлив за широките народни маси, катадневно нè потсетува на смислата за нашиот континуитет, остварен низ вековните стремежи на многу наши претходници. Тој дух на јазикот на родоначалникот на современата македонска поезија, проблесна со сета големина и убавина во делата на современите македонски писатели.

 

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе