Прво промена на Уставот, а потоа референдум за членство во НАТО!

Каков и да биде резултатот од предвидениот референдум за името во септември или во октомври, тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

Оттука владиното и парламентарното мнозинство треба да се концентрираат на најважната цел. Обезбедување мнозинство за промена на Уставот, негова промена заедно со импичмент на претседателот Иванов и дури тогаш референдум кој е задолжителен при влегување во сојуз со други држави и за проверка на исправноста на одлуките.

Според Законот за референдум, кој во многу делови не е усогласен со Изборниот закон „Референдум на државно ниво задолжително се распишува за усвојување на одлука на Собранието за.. стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави".(чл.23)

Ова значи дека Македонија веднаш по завршувањето на пристапните разговори со НАТО, односно во период можеби покус од шест месеци, пред донесувањето одлука за членство во тој сојуз, мора да организира референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат со „за" или „против" дали се за тоа Македонија да стане членка на НАТО. Бидејќи секому во Македонија и во светот му е јасно дека услов за членство во НАТО и во ЕУ беше потпишување на Договорот за добрососедство со Грција и прифаќање на името Република Северна Македонија, тој референдум ќе биде прилика и луѓето конечно, по ратификуваниот договор со Грција од страна на Собранието на Македонија, да се изјаснат и дали го прифаќаат тој договор и промените кои беа во функција на отстранување на последната пречка за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Надминување на блокадата
Зошто ова изгледан рационално и логично?

Владата на Македонија и парламентарното мнозинство во овој момент се соочуваат со блокада на работата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Никој не знае колку долго може да продолжи таа блокада чија цел е да не биде избран новиот состав на Државната изборна комисија, без која и не може да биде организиран референдум за името. Блокирањето на работата на комисијата може да доведе до тоа, таков референдум да не може да биде организиран во текот на септември или почетокот на октомври, како што најавува владата. Според Законот за референдум, од денот на донесувањето одлука за распишување референдум од страна на Собранието, треба да поминат најмалку 60 а најмногу 90 дена. И време за натамошно убедување нема.

Според она што сега се случува во односите помеѓу власта и опозицијата, нема да биде спорен само составот и изборот на Државната изборна комисија, туку и референдумското прашање, видот на референдумот (консултативен или задолжителен, што е поврзано со цензусот за успешност и со одѕивот), па и тоа дали при успешен референдум сите страни ќе го толкуваат на ист начин и дали резултатот од успешниот референдум ќе произведе обврска за пратениците од опозицијата во Собранието да гласаат за промени во Уставот и да го убедат претседателот Иванов да го потпише законот за ратификација на Договорот.

Од друга страна, во ставот 11 од членот 1 на Договорот со Грција пишува дека референдумското изјаснување во Македонија во врска со Договорот, не е обврска која произлегува од Договорот, туку дека „Постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, а заради целосно спроведување на одредбите од овој Договор, ќе почнат по ратификацијата на овој Договор од нејзиното Собрание, или по референдумот, доколку втората страна реши да одржи референдум".

Од сето ова произлегува дека најважната работа за владата и парламентарното мнозинство е тие да обезбедат двотретинско мнозинство во Собранието за усвојување на амандманите на Уставот кои треба да бидат донесени врз основа на потпишаниот Договор со Грција.

Блокадата на референдумот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, преку неизборот на членовите на Државната изборна комисија, преку уцени или условувања во врска со референдумското прашање, може да им даде можност на владата и на парламентарното мнозинство да размислат и за друг пристап во остварувањето на зацртаните стратешки цели за членство на земјата во НАТО и во ЕУ.

Уставни измени и импичмент за Иванов
Откако ќе истечат роковите за организирање референдум во септември или во октомври, поради блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ, партиите од владиното мнозинство треба да објават дека, во согласност со потпишаниот Договор, пристапуваат кон подготовки за промена на Уставот со усвојување амандмани. Нивна најважна цел всушност ќе биде да обезбедат двотретинско мнозинство за усвојување на амандманите и за промена на Уставот. А ако во тоа успеат, тогаш е можно истовремено да се покрене и постапка за смена на претседателот Иванов.

Ова е без сомнение најтешката задача во овој процес. Но ако се има предвид дека парламентарниот блок за членство во НАТО и во ЕУ веќе има 72 пратеници (од кои 52 коалицијата на СДСМ – 49 плус Чедо Саздовски од ГРОМ, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците, како и 20 пратеници од етничките партии на Албанците), тогаш можеби и нема да биде најтешка задачата да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за остварување на овој значаен исчекор во македонската национална историја.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не изгледа така компактна како што се чини на прв поглед. Во неа има пратеници од други партии (три од Социјалистичката партија, еден од ГРОМ – Панчо Минов, и други кои веројатно сериозно размислуваат дали при една ваква историска одлука треба да му останат верни на Груевски). А бидејќи по промената на Уставот се можни и нови парламентарни избори, не е чудно голема група од сегашниот пратенички состав, кој е истовремено и под закана од судски процеси, да прифати да ги поддржи промените во Уставот, па и покренувањето импичмент за Ѓорге Иванов, со што би се овозможиле и предвремени претседателски избори.

Во рамките на овие преговори на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, може да им биде понудено да гласаат за промена на Уставот и за смена на Иванов, со договор дека веднаш по изгласувањето на Уставот ќе се пристапи кон организирање предвремени претседателски избори, со кои истовремено би бил распишан и референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат со „за" или „против" во однос на членството во НАТО и со „за" или „против" промената на Уставот во согласност со Договорот со Грција. Новоизбраниот претседател на државата ќе ги потпише веднаш Законот за ратификација на Договорот и Законот за јазиците.

Членството во НАТО и ЕУ, поважно од уцените

Иако ова не изгледа ниту лесна ниту едноставна операција, таа е можна и многу пологична од организирање два референдума во кус рок за исто прашање.

Референдум за името во септември или октомври би чинел неколку милиони евра. Каков и да биде неговиот резултат тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот. Никаде не пишува дека успешниот референдум, кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го прогласи за лажиран и неважечки, ќе ги обврзе неговите пратеници да гласаат за промена на Уставот. А со него ќе се изгубат многу време и пари.

Од друга страна, функционери на ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат јавно СДСМ дека наводно не сака да има референдум, а низа аналитичари нудат сериозни аргументи дека ВМРО-ДПМНЕ бега од референдум за името на кој ќе биде сериозно надгласан.

Оттука владиното и парламентарното мнозинство треба да се концентрираат на најважната цел. Обезбедување мнозинство за промена на Уставот, негова промена заедно со импичмент на Иванов и дури тогаш референдум кој е задолжителен при влегување во сојуз со други држави и за проверка на исправноста на одлуките. Дотогаш ќе може да се измени и сегашниот Закон за референдум кој не е во согласност со Изборниот законик, па и при уставните промени да се намали цензусот за успешен референдум од 50 отсто плус еден, на 40 отсто плус еден, како што важи за избор на претседателот во вториот круг.

Остварувањето на историската цел на Македонија, кон која зачекори сегашната влада и остварувањето на прокламираните стратешки цели на сите парламентарни партии за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, се многу поважни од задоволувањето на хировите на еден Илија Димовски или уцените на мала група пратеници.

Овој пат добиената шанса не треба да се пропушти. А народот секако ќе биде консултиран и ќе има прилика да одлучува.

Ѓорѓи Спасов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе