Колумна

Прво лице еднина – за кого зборуваме кога зборуваме за себе?

Според јазичните правила, кога зборуваме за себе, зборуваме во прво лице еднина. Во прво лице еднина ги изразуваме своето мислење и ставови, ги прераскажуваме своите доживувања, ги делиме своите искуства и ги искажуваме своите чувства, желби и потреби. 

Фото: Пиксабеј

Меѓутоа, една од честите појави во секојдневната комуникација е што некои луѓе за себе наместо во прво, зборуваат во второ или трето лице еднина. Како да не зборуваат за себе, туку за соговорникот или за некое трето лице и неговите содржини. Кога зборуваат за своите доживувања и реакции, главно велат „ти ќе се израдуваш“ или „човек ќе се изнервира“ наместо „јас ќе се израдувам“ и „јас ќе се изнервирам“. Нашите реакции говорат во прилог на раширеноста на овој феномен – ретко некој од нас е збунет или бара дополнителни информации за кого се работи – мнозинството „знае“ дека нашиот соговорник зборува за себе, а не за некој друг.

Како одбираме да зборуваме за себе во второ или трето лице еднина? Како одбираме неправилно да се изразуваме и покрај познавањето на граматичките правила? Каква функција има употребата на второ или трето лице еднина кога зборуваме за себе? Како нелогичниот и граматички неточен говор влијае врз оној што го употребува, а како врз соговорникот и комуникацијата?

Изземање и отклон од себе

Кога зборуваме за себе низ второ или трето лице еднина, се изземаме себеси од изреченото. Тоа се наши мисли, чувства и желби, но ние ги искажуваме како да му припаѓаат на некој друг. Како да зборуваме за соговорникот или за некоја неодредена личност, а не за себе. Динамички, правиме исчекор од себе и се делиме себеси на два дела – „ова сум јас, а ова се моите содржини за кои зборувам од безбедна оддалеченост како да се работи за некој друг“. На тој начин, наместо да се идентификуваме со своите содржини, ние создаваме поделеност во себе, и од потенцијално складна, стануваме фрагментирана целина во која нашите чувства, мисли и однесување се меѓусебно одвоени. Таа фрагментираност најчесто доаѓа до израз во ситуации кога не го чувствуваме она што го изговараме или кога правиме нешто затоа што мислиме дека „така треба“, а не затоа што е тоа наша потреба и затоа што тоа го сакаме.

Кога зборуваме во прво лице, зборуваме за себе, непосредно и недвосмислено – „јас чувствувам, мислам и постапувам“ и се идентификуваме со своите содржини – „моите чувства, мисли и постапки, тоа сум јас“.

Кога зборуваме за себе употребувајќи второ или трето лице еднина, имаме чувство на помала изложеност, но правиме и дистанца во релацијата со соговорникот и го намалуваме интензитетот на доживувањето. Тоа може да биде наш свесен избор или наш образец на комуникација за кој не сме свесни. Во пракса тоа значи дека може да се случи да разменуваме содржини со нашиот соговорник, а да не воспоставиме контакт со него затоа што свесно или несвесно така сме избрале. Дистанцирани сме и заштитени од изложеност, но заштитени сме и од контакт. Честа карактеристика на таквите размени е безживотност – нема лично обраќање, ентузијазам и интересирање, само слоеви на нестимулативна вербална размена.

Влијание врз соговорникот и комуникацијата

Влијанието врз соговорникот зависи од целокупниот контекст во кој се одвива комуникацијата, во кој спаѓаат и меѓусебната релација, заемните очекувања и личните карактеристики на секој од учесниците посебно. Зборувањето за себе во второ или трето лице често се сведува на набројување примери во кои во главна улога се соговорникот („Ти ќе се израдуваш кога некој ќе ти се јави и ќе ти каже... “) или некоја трета неодредена личност („Човек ќе се изнервира кога сѐ ќе организира и тогаш...“).

Континуираната употреба на второ и трето лице еднина, тогаш кога за тоа не постои реална потреба, создава когнитивна дисонанца, која од соговорникот бара да вложи дополнителен напор за да ја обработи. За да може да нѐ разбере, соговорникот е принуден внимателно да следи и да дешифрира кога зборуваме за себе, а кога за некој друг. За некои соговорници таквиот неправилен говор може да биде напорен за слушање. Други, континуираната употреба на второ лице еднина може да ја доживеат како интрузивна, а употребата на трето лице како безлична. Ова се и причините што може да доведат до пад на концентрацијата на соговорникот, губење на заинтересираноста и мотивацијата, и конечно до прекин на комуникацијата.

Од друга страна, во релации во кои соговорниците немаат очекувања да воспостават контакт и не се инвестираат себеси, кои се рутински и шаблонизирани, креираната дистанца често е свесен маневар што има заштитна функција и со кој двајцата соговорници се премолчано согласни.

„Прифаќање“ на сопственоста над своето изразување

Формата на прво лице еднина постои за да ја употребуваме кога зборуваме за себе и има функција нашите пораки да бидат јасни и недвосмислени, а нашиот соговорник да знае дека зборуваме за себе. Доколку и покрај познавањето на јазичните правила неправилно се изразуваме, важно е тоа да го освестиме, бидејќи свесноста ни овозможува избор и контрола над сопственото однесување. Свесноста значи и можност да истражиме како бираме да зборуваме за себе во второ или трето лице еднина и значењето кое тој начин на изразување го има за нас.

Со употреба на прво лице еднина кога зборуваме за себе покажуваме став и застануваме зад своите зборови. Во контакт сме со себе и своите потреби, а на комуникацијата ѝ даваме личен тон. Говорејќи „јас“, воспоставуваме контакт со другите. Не можеме да воспоставиме контакт и блискост со некого ако сме неодредени и недоречени, и ако „внимаваме“ да не се покажеме себе си. Затоа е важно свесно да бираме како комуницираме и како се изразуваме за да контактот или отсуството на контакт со другиот биде наш свесен избор, а не нешто што ни се „случува“ и што е надвор од наша контрола.

Зборувајќи за гешталт-групите како креативни заедници во кои луѓето имаат можност да усвојуваат нови вештини и да ги развиваат своите потенцијали, Џозеф Зинкер, клинички психолог и гешталт-терапевт, спомнува „прифаќање на сопственост“ над својот јазик и однесување, како едно од основните правила на комуникација во група, со цел на поттикнување на групна свесност, ентузијазам и контакт. Тој ги наведува зборовите на Ц. Весли Џексон, клинички психолог: „Доколку мислите ’jaс’, попрво кажете ’jaс’ наместо ’ти’ или ’тоа’ или сите оние зборови што често ги користиме да избегнеме експлицитна сопственост над она што го зборуваме и кои придонесуваат дискусиите да бидат општи и безлични“.

Кристина Пота Радуловиќ
психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

Легенда под Главна слика

Фото: Пиксабеј

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе