Проповед за Македонија и нејзината култура

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

Македонската академија на науките и уметностите и издавачката куќа „Матица македонска“, во 2022 година, одбележува два јубилеја: 80 годишнината од раѓањето и 60 годишнината од творештвото на академик Божин Павловски. Академик Павловски е човек со повеќе димензии: писател, интелектуалец, патешественик, вљубеник во Македонија, визионер, ерудит.

Не случајно во воведната реченица на ова пофално слово за академик Божин Павловски ја спомнав придавката „македонска“ двапати  – станува збор за македонската Академија и за издавачот македонска Матица. Мене ми се познати само два државни документи со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II со која се забранува употреба на називот „Македонија“. По повод цензурирањето на Библијата, на пример, весникот „The Times Dispatch“ од 5 јули 1903 година, на страница 3, пишува: „Американската библиска издавачка куќа, задолжена за печатење на светата книга, официјално беше спречена од турскиот цензор, кој го забрани зборот ‘Македонија’ во посланијата на апостолот Павле и инсистира истиот тој да биде заменет со ‘Вилаетите Солун и Монастир’ за да дозволи да се печати Библијата“. Вториот документ е решение на министерот за правда на Република Македонија со кое се забранува употребата на името „Македонија“ при регистрација на правни субјекти. Така, на пример, во Република Македонија, стотина години подоцна, Министерството за правда забрани невладиното здружение „Млади за Македонија“ од Гевгелија да го содржи името „Македонија“.   

Живееме во бурни времиња, а Македонија е „во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа” (Петре М. Андреевски), а јас би додал, и во неа. Како да опстоиме во такви времиња? Како македонска Македонија да не исчезне? Античките Грци разликувале три концепти на време: линеарното, субјективното и универзалното, поврзани со три божества: Kронос, Каирос и Ајон. Kронос е линеарно, хронично време, време што минува, минливост, Каирос е персонификација на можности, среќа и поволни моменти, додека Ајон е божество поврзано со времето, кругот што ги опфаќа универзумот и зодијакот, па така времето што го претставува Ајон е вечно, неоничено, ритуално и циклично.

Имајќи предвид дека настанот го организираат Македонската академија и издавачот „Матица македонска“, би сакал да порачам три работи поврзани со Kронос, Каирос и Ајон.

Прво, за да опстоиме, за да се спротивставиме на минливоста, на Kронос, за да имаме економски раст и развој нам ни е потреба науката.

Второ, за да се адаптираме на Каирос и да го искористиме поволниот момент, предлагам да пристапиме кон креирање консензус за опстојба и одржлив развој на Македонија, поддржан од политичките субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција.

Трето, во однос на Ајон, во однос на вечноста што е резервирана за боговите, предлагам, поради тоа што сме толку мали и минливи, вечноста за Македонија да се отелотвори во уметничкиот универзум, оти духовната и уметничката светлина во „вечната темнина ни се гаси, ниту светлост губи“. Токму тоа веќе 60 години успешно го прави академик Павловски. Неговото монументално дело – дваесет и двата романи што денес ги промовираме сведочат за неговиот обид да се спротивстави на разнебитувањето на Македонија и исчезнувањето на Македонците.

Апостолот Павле, познат и како Свети Павле, во средината на 30-тите до средината на 50-тите години на првиот век основал неколку цркви во Мала Азија и во Европа. Апостол Павле бил мисионер, христијански просветител и автор. Повеќето мисионерско патување го одвеле Павле во Антиохија, Кипар, Анадолија, Ерусалим, Македонија, градот Филипи (кај денешно с. Рахче, Кавалско, Егејска Македонија), Атина, Коринт, Рим, Шпанија, Галатија,  Фригија, Ефес, ќе набројам само еден дел од неговите патувања. Од 27 книги во Новиот завет, 14 се припишуваат на Павле, но само седум од нив се сметаат за автентични на Павле. Во Новиот завет пишува: „Преку ноќта Павле имаше видение: / стоеше пред него еден човек Македонец / кој го молеше и му велеше: ‘Дојди во Македонија и помогни ни!’“.

Две илјади години подоцна на 7 јануари 1942 година дојде на свет друг автор, мисионер и патешественик, не Павле, туку Павловски. Не случајно денот на раѓање на Павлоски е 7 јануари, на Божиќ (Божик), на денот на Христовото раѓање, па така не случајно неговото име и презиме е: Божин Павловски.  Nomen est omen. Во името и презимето на академик Павловски е вграден неговата личност – преку неговото творештво да шири просветителство, да проповеда за Македонија и нејзината култура. Академик Павловски дојде, се појави, во Македонија, а со неговите „книжевни карактери“ во кои „се притаени многу страдалници и современици од реалниот живот“, неговото огромно и непроценливо творештво сведочи дека Македонија во „вечната темнина ни се гаси, ниту светлост губи“.

Во 1985 година, откако свечено ја отвори изложбата „Македонската книга на други јазици“ со 400 експонати, Блаже Конески рече: „Значи, прифатени сме од светот“. Тоа ќе остане така за вечна иднина, помеѓу другото, и поради творештвото на академик Божин Павловски. Му посакувам уште долги години да живее, да твори, да ја испишува историјата на македонската книжевност, а автобиографската трилогија „Мемоари на задоцнетиот романтичар“, „На пат за Ахасферија“ и „Прости му на Ѕверот“, да се зголеми со уште неколку нови книги.

 

Љупчо Коцарев,

Слово на промоцијата на 22 романи на Божин Павловски, 22 септември 2022 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе